Зошто св. Климент токму во Охрид ја создал Книжевната школа?

Зошто св. Климент токму во Охрид ја создал Книжевната школа?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Бугарскиот кнез Борис Први ги повикал неколку пати на сослушување во дворецот, ги прашал кои се тие да доаѓаат и да го расипат мирот, објаснува академик Ѓорѓи Поп Атанасов, теолог, изучувач на старословенската книжевност и на старите ракописи

Во какви услови по Моравската мисија св. Климент дошол на овие простори и ја основал Охридската книжевна школа? Зошто токму во Охрид? Според академик Ѓорѓи Поп Атанасов, теолог, изучувач на старословенската книжевност и на старите ракописи, по смртта на св. Методиј во Велика Моравија биле забранети словенската писменост и богослужение, кои папата Стефан Петти ги забранил со декрет. Оние што биле следбеници на светите Кирил и Методиј се протерани од Велика Моравија. Сè што имало, ракописи, богослужение на словенски јазик, било забрането, изгорено и уништено.
- Сочувани се два Прашки листа и седум Киевски листа. Само тоа останало, сè друго е уништено. Климент, Наум и Ангелариј доаѓаат во бугарската престолнина Плиска, но тука наишле на отпор затоа што Бугарската црква била раководена од Византијци - раскажува академик Поп Атанасов за Факултети.мк. Тој е постојан член на Одделението за лингвистика и литературна наука при Македонската академија за науките и уметностите, а тесна специјалност му се македонска црковна книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија, хагиографија.

Академик Ѓорѓи Поп Атанасов

По повод празникот 8 Декември, денот на Св. Климент Охридски, објавуваме дел од раскажувањата на академик Поп Атанасов кои се однесуваат на животот и делото на св. Климент.

- Во тоа време се богослужело на византиско-грчки јазик, писмото било византиско-грчко, сè било византиско-грчко, немало ништо словенско. Кога дошле тројцата ученици на Кирил и Методиј, прогонети од Велика Моравија, тие се нашле во една непријателска средина. Бугарскиот кнез Борис Први ги повикал неколку пати на сослушување во дворецот, ги прашал кои се тие да доаѓаат и да го расипат мирот. Едноставно ги депортирал во една новоприпоена област кон Бугарското Царство, во западниот дел на Македонија. Но, таа област црковно не била ниту под Ватикан ниту под Константинопол. Тука Климент и Наум нашле добри услови, плодно место за работа. Фактички, Охрид, црквата на св. Климент, Охридската книжевна школа која дејствувала во рамките на таа Светиклиментова црква ја одиграле улогата на спасители на словенското писмо и богослужение. Тие ја зачувале глаголицата, подоцна се прифаќа и кирилицата, но ова е автентично словенско писмо. Тие го зачувале и ја продолжиле традицијата на светите Кирил и Методиј. Оделе според богослужбените книги, кои не биле според константинополската традиција, туку според солунската традиција - раскажува Поп-Атанасов.

Икона на св. Климент / Фото: Wikimedia

Тој објаснува дека во тоа време Преславската архиепископија била грцизирана. Црквата на св. Климент во Западна Македонија била словенска црква, со словенско писмо и богослужение. Оттука, според Поп-Атанасов, словенското писмо, писменост и богослужение почнале да се шират кон Босна, Хрватска, Бугарија, па дури и накај Русија во времето на царот Самуил, кога Русите се покрстени во (988 година).

- Од Охрид се испратени епископи, свештеници, ѓакони и е формирана Руската православна црква, чиј прв поглавар бил епископ од Охридската патријаршија во тоа време. Дури им испратиле и градители, оти во Русија не знаеле како се градат цркви, па првата - Десетинската црква во Киев ја граделе македонски мајстори-градители. Испратиле книжевници да им кажат како се пишуваат книги. Требало да се напишат, да се соберат, да се направи подврзје, па кодекс. Сето тоа го правеле наши книжевници. Една Русинка дури вели дека првите ракописи ги пишувале македонски книжевници. Русите гледале како се работи тоа, па учеле од нив. Еден Русин дури вели дека Охридската архиепископија е столб на православна Русија - раскажува Поп-Атанасов.

Скулптурата на св. Климент во Охрид / Фото: Wikimedia

Според податоците на „Википедија“, Охридска книжевна школа се смета за најстарата средновековна македонска книжевна школа. Во 886 година ја формирал Климент Охридски, а од 893 година му се придружил и Наум Охридски. Остатоците од оваа школа не се зачувани, но се лоцира во охридската месност Имарет. Обележје на оваа школа е што ја зачувала кирилометодиевската глаголска традиција. Во Охридската школа кирилицата ќе почне да се применува дури по 12 век.

Во оваа школа се подготвувал образовен кадар кој бил испраќан во учителска, проповедничка и свештеничка дејност на многу места каде што имало словенско население.
По смртта на свети Климент и свети Наум книжевната школа ја продолжиле нивните ученици. Тие главно се занимавале со препишување на творбите на светите учители. Многумина од нив од смирение, понизност и почит пред нивното големо дело останале анонимни и непознати. Меѓу непознатите автори се и составувачите на нивните житија. Ова експлицитно е наведено од анонимниот биограф на свети Наум, кој вели дека по наредба на Деволскиот епископ Марко се зафатил со пишување на житијата на охридските светители и просветители. По повод годишнината од смртта на свети Климент, еден друг анонимен автор составил Служба, мошне поетска, која претставува ретко убав споменик на македонската книжевност од овој ран период.
Меѓу непосредните ученици на свети Климент и на свети Наум е и Константин Презвитер, подоцна епископ Преславски. Тој е познат по неговите творби Азбучна молитва и Проглас кон Светото евангелие. Негови се и делата Поучно евангелие и преводите на Четирите слова против аријанството од свети Атанасиј Велики и Катехизисот на св. Кирил Ерусалимски и многу други.
Црноризец Храбар, чие вистинско име е непознато, е исто така продолжувач на делото на свети Климент и на свети Наум. Негови дела се: О писменех, кое е апологија на македонската писменост и тој овде ја брани македонската азбука и го заштитува македонското културно дело од страна на горделивите грчки асимилатори. Тој во ова дело напишал: „Македонските букви се посвети и се повеќе за почит бидејќи се обработени од свет човек, а грчките ги создале Елините, кои биле пагани и незнабошци“.

Светиклиментовата црква на Плаошник / Фото: Wikimedia

Историските податоци и современите анализи извршени врз старословенскиот јазик утврдуваат факти што погледот кон природата на старословенскиот јазик е насочен кон сосема друг правец. Едно од прашањата што биле важни за понатамошно истражување на јазикот било утврдувањето на кој јазик или дијалект се засновал старословенскиот јазик. Бидејќи старословенскиот јазик бил главниот јазик во Охридската книжевна школа, било од исклучителна важност да се утврди ова прашање. Светските и македонските слависти сосема ја отфрлиле панонската теорија за потеклото на старословенскиот јазик и со тоа се потврдила теоријата за јужномакедонските говори. Така, славистите утврдиле дека старословенскиот јазик се базирал на говорите од Јужна Македонија, особено врз говорите од Сухо и Висока.

Тесно поврзана со Охридската школа е и појавата на првата словенска азбука - глаголицата. Таа е создадена со цел да се преведуваат светите книги и различни литературни творби на јазикот кој народот би го разбрал. Пред создавањето на македонската и сесловенската азбука, македонските Словени и словенските народи што биле во близина на Грција и Апенинскиот Полуостров користеле грчки и латински букви за запишување на своите мисли. За ваквата ситуација сведочат и записите на монахот Црноризец Храбар, според кој, таква ситуaција имало сѐ додека свети Кирил не ја создал глаголицата.