На прашањето дали консумацијата на марихуаната треба да биде легализиранa во Македонија, 71 отсто одговориле со „да“. Од 4.660 испитаници, 61 отсто имаат пробано марихуана
Многу луѓе силно би го поддржале предлогот за легализација на марихуаната. Сметаат дека легализирањето би донело многу бенефити од секаков аспект. Прво наведуваат дека им е потребна на многу лица за лекување и дека е неопходна во медицината, потоа дека би имала економски импакт врз државата, дека би привлекла туристи, би ја подобрила економијата. А трето - дека би ја намалила сивата економија и би се вовела контрола врз квалитетот на марихуаната.
Ова се дел од резултатите од спроведената анкета на Факултети.мк за тоа дали треба да се легализира користењето на марихуаната, на која за неколку дена анонимно одговорија 4.660 испитаници.
Од 4.660 испитаници 71 се „за“ легализација
На прашањето дали консумацијата на марихуаната треба да биде легализиранa во Македонија, 71 отсто одговориле со „да“, 27 со „не“, а останатите со „не знам“.
Од 4.660 испитаници 61 отсто имаат пробано марихуана, а 27 отсто од нив биле во друга држава со намера да можат слободно да консумираат марихуана.
Најголем број од испитаниците, односно околу 48 отсто, се на возраст од 19 до 30 години. Триесет отсто се од 31 до 40 години, 12 отсто од 41 до 50 години, останатите се до 19 години и над 50 години.
За медицински цели
Според анализата на одговорите на испитаниците, тие сметаат дека би имало многу бенефиции од легализирањето на марихуаната. Поголемиот број сметаат дека марихуаната е потребна за медицински цели и лекување.
Многумина напишале дека е добра „за медицински цели“, „за медицински придобивки“, „за лек“, „за здравје“, некои пишале и „за рекреација“, „Лекува болести, не создава зависност, „Никој не умрел од канабис“, „Подобро марихуана отколку лексилиум“, „СЗО веќе ја има избришано од листата со дроги“, „Марихуаната е билка како чај“, „Има иста штетност како алкохол и цигари“, „Бидејќи е билка која може секој да ја засади, расте и консумира, исто како патлиџан, камилица, цреша, но не за масовно производство“, „Поради широкиот опсег на лековити компоненти што позитивно влијаат врз здравјето на човекот“, пишуваат анкетираните.
- Зашто така ќе знам потекло и вид на производот, јачина и слично. Зашто сакам како господин да одам до продавница да купам, а не од кај дилери за да се срамам што правам. Зашто откако ќе се легализира, ќе сфатат луѓето дека ова не е дрога и дека ние „дуваците“ не сме наркомани - пишува еден од анкетираните.
Намалување на сивата економија
Дел сметаат дека легализацијата ќе доведе до намалување на криминалот и ќе се воведе контрола при производството и продажбата. Дополнувајќи дека ќе се намали сивата економија, ќе се зголеми контролата на консумацијата, ќе се намали потрошувачката на црниот пазар.
„Затоа што во 70% од поразвиените земји е декриминализирана, а во некои од нив е и легална“, „Поради сузбивање на сивата економија од аспект на нелегални дилери“, „Прво треба да се направи декриминализација, а потоа легализација“, „Сум за легализација најмногу поради контрола на квалитет, моментално се консумира многу штетна марихуана“, „Подобро легално отколку да се купува секакво ѓубре“. „Да се запре сивата економија и да се модернизира државата“, „Ако е легална, помалку ќе се злоупотребува. Пример за тоа е Холандија“, „Треба да се продава во продавници со фискални сметки за да придонесува за државата“... се само дел од причините на 4.660 испитаници.
Испитаниците сметаат дека со легализацијата конечно ќе се разбие митот дека канабисот е „тешка дрога“ што создава зависност.
- Марихуаната не смее да се сместува во група со другите дроги. Цигарите, алкохолот и дијазепамите се далеку поштетни. Бидејќи во половина Европа, Канада и Америка е легализирана. Бидејќи на научна основа има само бенефит. Бидејќи ќе привлече голем број туристи од околните земји. Бидејќи без разлика дали е легална или не, тој што пуши пак ќе пуши, а вака барем ќе биде оданочена и државата ќе има некој бенефит - одговорил друг учесник.
Некои сметаат дека е дел од 21 век
Некои сметаат дека таа е составен дел од 21 век. Пишале дека на македонскиот народ му е потребна експанзија во размислувањето и менување на тврдокорните мисли што датираат уште пред генерации.
- Со легализацијата ќе воведеме нов начин на живот, на животни навики и пред сè слободоумно секојдневие. На сите луѓе што имаат здравствен проблем ќе им го подобри имунитет и ќе имаат здрав лек, а во ова секојдневие сè почеста е состојбата на депресија и анксиозност со која се соочуваме. Со консумирање масло од коноп ќе се намали интензитетот на страдањата. Македонија изобилува со прекрасна природа што заслужува и дополнително уживање во неа - е ставот на еден од анкетираните.
Некои напишале дека со легализацијата ќе се промени погледот кон марихуаната затоа што забранетото секогаш е „послатко“ и попримамливо. Некои сметаат дека ќе се намали возбудата од правење нешто нелегално кај младите. Со тоа ќе се намали бројот на рекреативни корисници и ќе се направи простор за луѓето да се лекуваат со марихуана.
- Марихуаната е легална во повеќе од 70 земји и е докажано дека со легализација на марихуаната се намалува користењето на други дроги. И има економски бенефити. Туризмот добива нова димензија, туристи ќе има 12 месеци во годината - пишуваат анкетираните.
За подобра економија
За многумина, легализацијата е најлогичен потег на оваа држава. Затоа што сметаат дека властите не се способни да се справат со консумацијата на марихуаната на никој друг начин.
- Марихуаната требa да биде легализирана од три прости причини, и тоа: Како држава докажавме дека не сме кадарни во борбата против наркотични материи, а со тоа придонесуваме одредена група луѓе енормно да се богатат. Во Казнениот законик на РМ не постои затворска казна за поседување наркотични средства за своја лична употреба и оттука не гледам никаква причина за недекриминализирање на истата. И трето, зошто кога знаеме дека ние како држава не можеме да го спречиме овој тренд на користење лесни дроги со репресивни мерки, не најдовме начин истото да биде регулирано со строги процедури, каде што корисниците ќе бидат сигурни во потеклото на дрогата што ја консумираат - пишува испитаник.
Многумина одговориле дека овој потег енормно би го зголемил бројот на туристи, со што економијата конечно ќе биде на подобар пат. Зголемен туризам, зголемен буџет.
Дел сметаат дека ќе ја уништи младината
Дел од анкетираните одговориле дека не треба да се легализира и сметаат дека е штетна. Велат дека ќе ја уништи младината. Ќе се злоупотребува. Ќе создаде многу зависници. Би се зголемил криминалот и асоцијалното однесување...
- Живееме во свет каде што сè повеќе владее страв отколку слобода. Во свет каде што помладите генерации се навлечени на марихуана, дрога, алкохол. Доколку се легализира, ќе има уште поголема слобода сите да ја користат. Ќе владее стравот помеѓу родителите дали нивните деца се во добро друштво, дали тоа друштво е навлечено на дрога и алкохол - категоричен е еден од учесниците на анкетата.
Фото: Фрипик
Немаме култура и знаење за употреба
Други сметаат дека немаме култура и знаење за нејзина употреба.
- Тоа е прв чекор кон други дроги и ќе биде катастрофално за младата популација. Ќе значи уништување на новите генерации кои ќе треба да ја градат државата - дополнува друг испитаник.
Некои тврдат дека е потребно прво стабилно општество, па легализација. Дека општеството не е спремно да се справи со негативните последици од легализирањето.
- Марихуаната е многу штетна, како за менталното така и за физичкото здравје. И тоа е научно докажано, а со оглед на тоа што најголем број од оние што консумираат марихуана се млади, ќе си ја уништиме младината. Јас имам 19 години и во моето друштво од 30 души само јас и уште неколку други не консумираме марихуана. Овој факт е доволно застрашувачки - пишува едно од помладите анкетирани лица.
На прашањето каде сè треба да важи легализацијата на марихуаната, најголем дел од они што се за легализација одговориле за низ цела држава, дури 78 отсто. Некои пишале за медицински цели, некои во туристичките места, некои во поголемите градови, некои надвор од градовите.
Дискусијата за легализација на марихуаната се отвори откако премиерот Зоран Заев најави идеја за декриминализација и легализација на марихуаната во туристичките места. Неговата процена е дека овој проект може да ѝ помогне на угостителската дејност, но и на туризмот генерално, a истовремено додаде и дека ако мнозинството се спротивстави на идејата, ова прашање нема да се чепка.
УТРЕ - Резултати од анкета: Ни треба ли едукација пред легализација на марихуаната, би влијаела ли дозволата за употреба врз економијата?