Како свети Климент го градеше македонскиот просветителски идентитет?
Подготвил:
Радмила Заревска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Професорот Илија Велев од Институтот за македонска литература, по повод 1.100 години од смртта на свети Климент Охридски, напиша книга посветена на овој просветител со која јасно посочи дека денешниот Македонец го прави горд неоспорниот факт дека словенската писменост, богословската возвишеност, но и научната основа на балканските народи потекнуваат токму од Охрид
Веќе 14 години 8 Декември во земјава се обележува како државен празник посветен на свети Климент Охридски. Со тоа, Светиклиментовото дело како основоположник на македонската просветителска и духовна дејност е една од најзначајните цивилизациски придобивки на македонски народ, кој го има благодатот да биде негов наследник.
Најголемиот дел од моштите на свети Климент Охридски денес се чуваат во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид.
Професорот Илија Велев од Институтот за македонска литература, по повод 1.100 години од смртта на свети Климент Охридски, напиша книга посветена на овој просветител со која јасно посочи дека денешниот Македонец го прави горд неоспорниот факт дека словенската писменост, богословската возвишеност, но и научната основа на балканските народи потекнуваат токму од Охрид.
Професорот Велев нагласува дека секоја генерација ќе ја има истата привилегија да се чувствува славно во светоста на свети Климент Охридски, особено што од неговата школа во Охрид излегле и првите лекари и првите писатели, првите филозофи, но и првите големи духовници.
Професорот Велев во книгата пишува дека свети Климент Охридски е најистакнатиот ученик и следбеник на Кирил и Методиј, а заедно со свети Наум Охридски бил продолжувач на сесловенската богослужба, писменост и просветителство, но и останал во културно-историската меморија како основач на Охридската духовна и книжевна школа.
- Ако кирилометодиевското раноапостолско и сесловенско дело ја афирмирале третата христијанска цивилизација и култура во Европа - словенската, тогаш продолжувањето на нивните изворни идеи од страна на светите Климент и Наум Охридски назад кон изворите – во Македонија го означило историското проникнување на словенската цивилизациска свест во македонската современа духовна и културна традиција. Следствено, без улогите на свети Климент и на формираната Охридска духовна и книжевна школа последователниот цивилизациски тек ќе бил принуден да се пролонгира и да почека нови историски околности во некои идни времиња за афирмација на словенската цивилизација и култура - објаснува професорот.
Проф. Илија Велев
Според него, нужно е да се истакне дека втемелувањето на историска улога на Охридската духовна и книжевна школа се случило уште во првите седум години од враќањето на свети Климент од Моравија во Македонија (885/886 – 893).
- Неговата просветителска активност во Кутмичевица резултирала со подготвување за свештеничка, учителска или за книжевна дејност на околу 3.500 ученици. Во која и да е мера бројчено надраснат ваквиот податок од легендарно-култните извори, сепак, на овој начин се засведочува активната просветителска дејност на свети Климент при воспоставувањето на темелите на Охридската книжевна школа. Натаму, со доаѓањето и на свети Наум во Кутмичевица и во Охрид кај својот соученик и духовен собрат во 893 година, заедно ја воспоставиле традицијата на оваа духовна и книжевна школа, која во палеославистиката се смета како своевиден Светиклиментов универзитет. Во тоа време се создале поволни услови да се организира црковниот живот, да се градат нови христијански храмови, да се омасовува монашкиот живот, да израснуваат книжевни и скрипторски центри - додава проф. Велев.
Дејностите на светите Климент и Наум се претставуваат како своевидна христијанска, но и цивилизациска ренесанса на нешто што во Охрид и во Македонија веќе имало фатено длабоки корења, од кои проникнувале нови словенски форми на произнесување на верата и на културата.
- Покарактеристичните развојни елементи на Охридската книжевна школа се идентификуваат преку задржувањето на глаголицата во писмената практика, подоследно продолжување на изворната кирилометодиевска традиција на планот на текстуалните структури во сите книжевни жанрови и во преводите; присуство на поархаична лексика; специфичности во графиските, фонетските и во граматичките својства на ракописното наследство итн. Сочуваното ракописно книжевно наследство илустрира типичен охридски правописен систем, а од 11 век наваму се поттикнале и развојните насоки на македонската јазична редакција (варијанта) на старословенскиот јазик во однос на српската, бугарската или на руската редакција - пишува професорот.
Според него, во Охридскиот книжевен центар свети Климент, свети Наум и нивните ученици и следбеници ги напишале своите оригинални дела со химнографска, хагиографска и со ораторско-прозна содржина.
- Токму во нивното оригинално книжевно творештво се рефлектирал едноставно изразуван, но богато произнесуван метафоричен стил. Впечатлива била активноста и во преведувачката дејност од византискогрчки на старословенски јазик, а таму се препишувале и ракописни книги за потребите на црковната богослужба и проповед. Во овој центар глаголицата се задржала сè до 12 век, а инцидентно среќаваме нејзино присуство и во ракописното наследство од 13 век. Сепак, во сочуваните епиграфски споменици од 10-11 век се среќава кирилското писмо, а тоа дава за право да се претпостави дека во Македонија глаголицата се употребувала само како црковно писмо - заклучува професорот Велев.