Друштвените мрежи не се причина за пандемијата на анксиозност

Друштвените мрежи не се причина за пандемијата на анксиозност

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Вистина е дека социјалните мрежи и прекумерното време поминато пред екраните го носат својот дел од вината, но тие во никој случај не се единствената причина за пандемијата на анксиозност кај младите, тврди шведскиот социолог по опсежно истражување, опфатено во книгата „Зошто се грижиме“.

Роланд Полсен тврди дека психолозите го поедноставуваат проблемот кога велат дека екраните создале нови форми на зависност, кои ги изолираат младите луѓе од светот. Ваквото прекумерно поедноставување, смета тој, ги отежнува значајните интервенции кои ќе го зачуваат и обноват менталното здравје на младите.

Полсен вели дека скокот на анксиозноста и депресијата кај тинејџерите започнал долго пред децата да бидат изложени на социјалните мрежи. Користејќи истражување засновано на докази и студии на случај на вистински пациенти, тој посочува дека многу други фактори се во игра, како што се опсесијата со работниот статус, преголемиот избор и прекумерниот фокус на долгорочно планирање.

- Има сѐ повеќе случаи на анксиозни растројства бидејќи современото општество разви научена неспособност да живее со несигурност. Многумина тврдат дека социјалните мрежи и времето пред екраните се главните виновници за лошото здравје на младите во последната деценија. Сепак, тешко е да се извлечат такви поедноставени врски „x води до y“ кога станува збор за благосостојбата на луѓето. Како прво, наглото зголемување на здравствените проблеми со менталното здравје започна долго пред појавата на паметните телефони - убеден е Полсен, вонреден професор по социологија на Универзитетот „Лунд“.

Тој дава сеопфатен преглед за тоа како и зошто луѓето доживуваат несакани мисли и слушаат негативни гласови. Неговата книга го доведува во прашање она што тој го нарекува „широко распространета медикализација на чувствата“ кои некогаш се сметале за нормални. Античкиот човек, вели тој, морал да живее во сегашноста, а денес иднината е растегната до точка на „неразбирливост“ како што се илјадагодишните планови за радиоактивен отпад.

- Ние сме опседнати со иднината бидејќи нашиот временски хоризонт е многу подалеку од конкретното искуство - вели Полсен.

Материјалното богатство ги збогати нашите животи во секој аспект, освен еден – менталната благосостојба, тврди Полсен, користејќи податоци кои покажуваат дека колку е побогата една земја, толку е поголем ризикот од анксиозни нарушувања и други ментални проблеми. На темата за социјалните мрежи и осаменоста, авторот се спротивставува на мислењето дека технологијата ги обесхрабрува луѓето да се запознаат со другите лице в лице.

- Луѓето што се веќе осамени одат на интернет во потрага по контекст. Откако ќе се навлечат, тие помалку вложуваат напор да ги видат другите, што само ги прави поосамени - објаснува Полсен.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik