Д-р Јадранка Видак е меѓу првите Македонци што се вакцинираа против Ковид-19 во Англија. Ни го раскажа искуството

Д-р Јадранка Видак е меѓу првите Македонци што се вакцинираа против Ковид-19 во Англија. Ни го раскажа искуството

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Видак се вакцинирала токму во болницата во која работи веќе 18 години. Впечатоците од целиот процес ги сподели за Факултети.мк. Освен очекуваната болка во рамото, засега нема никакви други реакции

Доктор Јадранка Видак е меѓу првите Македонци во Англија што ја прими вакцината против Ковид-19 на „Фајзер“. Таа е специјалист по цитопатологија и работи во болницата Imperial College Healthcare NHS Trust во Лондон. Тоа е државна установа која вклучува пет болници низ Лондон.
Видак се вакцинирала пред неколку дена токму во болницата во која работи веќе 18 години.
Впечатоците од целиот процес ги сподели за Факултети.мк. Верува дека нејзиното искуство ќе биде мотив и поттик за сите што се сомневаат во квалитетот на вакцината против Ковид-19, но и дека таа е единствениот начин да се справиме со овој вирус.
Освен очекуваната болка во рамото, засега нема никакви други реакции.

- Се чувствувам добро. Сè уште сум жива - насмеано одговори д-р Видак.



Вели дека по примањето на вакцината нормално функционира и нема страв од несакани последици.
Иако не е во секојдневен контакт со ковид-позитивни пациенти и не работи во ковид-центрите, таа сепак како доктор неколку дена во неделата има контакт со различни пациенти, при интервенции да им се земе материјал, односно ткиво кое е потребно да се носи на понатамошна патолошка анализа.

Пресудна во одлуката да се вакцинира била консултацијата што ја направила со нејзиниот колега, специјалист по пулмологија. Тој ѝ предочил одредени факти за вакцинирањето и потоа повеќе немала дилеми.



Инаку, Велика Британија е првата западна земја што одобри вакцина против коронавирус од производителот „Фајзер“.

- Состојбата со ширењето на Ковид-19 во Англија е загрижувачка, бројките постојано растат. Секој може да се зарази, а ние, здравствените работници, сме дополнително изложени на таа опасност. Само последните денови кај мене на работа има 17 позитивни случаи од медицинскиот персонал - вели докторката.

Таа е по потекло од Виница. Средното образование го завршила во Скопје, а потоа продолжила да се школува во Загреб, но поради состојбата во тој период на поранешните југословенски простори, во 1989 година, на 21-годишна возраст, заминала за Англија. Таму го завршила медицинскиот факултет и магистрирала.

Нема несакани симптоми, се вакцинирала и продолжила да оди на работа

Како здравствен работник, вакцината ја примила во болницата каде што работи.
Ја вакцинирала нејзина колешка, специјалист по нефрологија.

- Сега има прераспределба на медицинскиот кадар од различни оддели во ковид-центрите, односно секаде каде што итно е потребен персонал. Откажани се операциите што не се итни, па така и кадарот се ротира. Не ме вакцинира медицинска сестра, туку доктор специјалист - објаснува д-р Видак.



Пред да ѝ биде ставена првата доза од вакцината, ѝ била направена анкета за нејзината здравствена состојба. Аплицирањето на втората доза на вакцината ѝ е закажано за 26 јануари.

- Постапката е иста како пред да се прими која било друга вакцина. Во случајот не мора да се приложи негативен ковид-тест, туку само ме прашаа дали имам хронични заболувања и дали сум работела во некој од нашите ковид-центри - посочува нашата соговорничка.

Откако се вакцинирала, го продолжила работниот ден во болницата.

- По вакцинацијата поседов уште 15-ина минути. Потоа продолжив со активностите. Дента немав никакви симптоми и нормално функционирав. Вечерта малку ме подболуваше рамото каде што беше ставена вакцината. Но, истото го чувствувам и кога се вакцинирам против сезонски грип, нешто што го правам веќе 18 години откако работам во болницата - додава д-р Видак.

Пријателите и роднините - загрижени за неа

Веста дека се вакцинирала ја споделила на својот фејсбук-профил, каде што добила различни реакции од пријателите и роднините во Македонија, но и од Англија. Следувале коментари за поддршка, но и совети да биде внимателна и секојдневно да ја следи здравствената состојба.

- Најмногу коментари имав во сандачето, со прашања дали сум добро, како ја поднесувам вакцината. Имаше и многу прашања зошто сум одлучила да се вакцинирам, дали сум сигурна во безбедноста на вакцината. Но, мојата одлука е лична, па затоа не би сакала да давам коментари и не би сакала да се мешам во нечиј избор - вели таа.

Вели дека иако ќерка ѝ, веднаш по вакцинирањето, се шегувала на нејзина сметка, сепак, во целост ја поддржува нејзината одлука. Според неа, во Англија, исто како и во Македонија, постојат поделени мислења меѓу граѓаните на оваа тема.


Со ќерката

Јадранка вели дека има и такви што веднаш би се вакцинирале, но има и такви со кои не може да се полемизира на оваа тема, односно имаат дециден негативен став за вакцината против Ковид-19.

- Имам и многу колеги од болницата што не прифаќаат да се вакцинираат. Нивните размислувања значително се сменија откако во Англија почна да се зборува за присуство на нов мутиран Ковид-19 вирус. И во моето потесно и пошироко опкружување поголем број со скепса гледаат на вакцината. Сепак, тоа е индивидуална одлука, но големо влијание имаат и различните текстови со сомнителна содржина што се споделуваат на социјалните мрежи - додава таа.

Се консултирала со доктори, но и со научна литература

Сепак, таа посочува дека одлуката за вакцинирање не ја донела преку ноќ. Уште од почетокот на пандемијата постојано ги анализирала истражувањата на сè што се случува во науката за овој вирус.

- Се консултирав и со врвни доктори од болницата каде што работам, но читам и научна литература која е достапна. Во рамките на болницата функционира и Факултетот каде што се прават дневните анализи на ковид-ситуацијата во Англија, па така имав можност да разговарам со оние на кои постојано им се достапни најновите информации за Ковид-19, но и со оние што директно се борат со вирусот на одделенијата за интензивна нега и во ковид-центрите - објаснува таа.
Нивните објаснувања за вакцината, како што вели Јадранка, биле во насока дека се применува технологија која е позната веќе 30 години, но и дека не треба да се двоумиме во нешто што многу е вложено за кратко време.



- Точно е дека на почетокот бевме скептични зашто овој вирус беше непознат за сите. Разбирливо е дека постојат дилеми во насока дали и следната година да се вакцинираме, но постојат и дилеми колку време би биле имуни на вирусот ако веќе еднаш сме го прележале. Да оставиме времето да даде одговори за сè - посочува д-р Видак.

Фото: Приватна архива