Фотографија покажува како бактериите ги избегнуваат антибиотиците

Фотографија покажува како бактериите ги избегнуваат антибиотиците

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Бактериите користат разни трикови за да преживеат во свет полн со разни антибиотици. Некои земаат нов генски материјал од други бактерии и со тоа добиваат имунитет, а некои мутираат во сè поотпорни верзии.

Научниците веќе долго време знаат за овие стратегии, а сега забележаа уште една - менување на обликот.

- Откривме дека бактеријата „Caulobacter crescentus“ може да ја обнови стапката на раст и да претрпи драматична промена на нејзината форма. Кога го отстранивме антибиотикот, клетките, по неколку генерации, се вратија во првобитната форма - велат истражувачите.

На серијата фотографии можеме да видиме како изгледале бактериите пред и по изложувањето на антибиотици.

Некои бактерии го исфрлаат клеточниот ѕид, а некои ја менуваат формата.

Во 2019 година експертите забележале слична стратегија кај бактерии кои ја промениле формата во нешто што личи на дамка за да го избегнат антибиотикот, отфрлувајќи го својот клеточен ѕид за на тој начин да се оддалечат од антибиотикот.

Но, сега научниците забележале сличен потег каде што клеточниот ѕид останал недопрен, но бактериите ја смениле својата форма и се претвориле во форма на буквата С за антибиотикот да не ги „фати“.

Експертите од Универзитетот „Карнеги Мелон“, од Универзитетскиот колеџ во Лондон и Универзитетот во Чикаго ја зеле бактеријата „Caulobacter crescentus“, која најчесто се наоѓа во слатководните езера и потоци, и додале мала количина антибиотици со широк спектар на дејство.

Количината на антибиотици не била доволна за да се убијат повеќето бактерии, но го забавила нивниот раст. По приближно 10 генерации на мала изложеност на антибиотици, „C. crescentus“ почнала физички да се шири и да се свиткува во форма на буквата С. Ова било доволно за да закрепне стапката на растот.

Кога научниците го отстраниле антибиотикот, по неколку генерации, бактеријата се вратила во првобитната долгнавеста форма.

Експертите веруваат дека со зголемувањето на волуменот на клетката бактериите ја разредувале количината на антибиотици што ја имале во себе, а со промена на  формата го намалиле односот на површината и волуменот, пропуштајќи помалку антибиотици низ површината на клетката.

- Овие промени во формата им овозможуваат на бактериите да го надминат стресот што им го предизвикуваат антибиотиците. Така тие продолжуваат да растат - вели тимот на научници.

- Овие резултати покажуваат нов механички начин на приспособување што бактериите можат да го користат за да го потиснат дејството на антибиотиците - додаваат научниците.

Со оглед на зголемената отпорност на антибиотици и појавата на супербактерии кај многу видови, од луѓе до делфини, важно е да се разбере како бактериите можат да развијат отпорност на лекови.

Дури и разбирањето на нешто едноставно, како што е влијанието на формата на клетката врз изложеноста, може да помогне да се избегнат безброј смртни случаи.

Истражувањето е објавено во списанието „Нејчр физикс“.

Извор: Science Alert
Фото: Shiladitya Banerjee