Идилично италијанско гратче со поглед кон Јадранското Море нуди целосно реновирани домови за 7.500 евра
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Бикари е мало парче рај на Земјата. Сместено во Југоисточна Италија, во регионот Пуглија, гратчето може да се пофали со прекрасни шуми, полиња, маслинови градини, езеро и поглед кон соседното Јадранско Море на исток и околните планини Даунија.
Има сè што би очекувале да има еден шармантен
италијански град, освен едно нешто: жители.
Локалното население одамна почна да го напушта Бикари, оставајќи ги зад себе своите празни домови. Некои се распаѓаат, а на некои им е потребна целосна трансформација за да се вратат во форма. Другите се целосно подготвени за некој да се всели.
Градоначалникот на градот, Џанфилипо Мињоња, се надева дека ќе успее да го промени трендот, нудејќи им домови на луѓето за прифатлива цена.
Домовите што имаат потреба да се поправат може да се најдат за 1 евро. Домовите што се веќе готови и вселиви се достапни за 7.500 - 10.000 евра.
Бикари некогаш имал повеќе од 5.000 жители, но бројот се намалил на помалку од 2.000 бидејќи населението заминало да бара работа во урбаните области и во другите земји.
- Депопулацијата е отворена рана, постојан феномен. Локалните жители продолжуваат да заминуваат и иако порано повеќето се враќаа во текот на летото, сега не го прават тоа. Многу куќи се празни и паѓаат во заборав - вели Мињоња.
Како што вели градоначалникот, додека шетал по улиците и ги гледал празните домови, му дошла идејата практично да ги подари домовите за да привлече луѓе во неговиот град.
- Еден ден шетав низ стариот центар, разгледувајќи ги слатките мали куќи во совршена форма, затворени со години, заглавени во тивките улички со знаци за изнајмување и продажба што никој не ги гледа. Тогаш ми дојде идеја како да ги натерам незаинтересираните сопственици веднаш да ги продадат - вели тој.
Достапните имоти наскоро ќе бидат објавени на
веб-страницата на градот. Веќе се идентификувани околу 30, но Мињоња очекува бројката да стигне над 100.
Но, пред да почнете да се пакувате, потребно е да знаете неколку работи. Домовите од 1 евро се во толку лоша состојба што во моментов не може да се живее во нив. Заинтересираните купувачи мора да вложат депозит од 3.000 евра како гаранција дека ќе ги средат. Купувачите имаат рок од три години да ги завршат куќите или да покажат дека поправките се при крај за да си го добијат депозитот назад.
Оние што се заинтересирани за веќе средени домови треба да знаат дека се со големина од 46 до 70 квадратни метри.
Бикари ќе им овозможи на жителите вистинско италијанско чувство со својата култура и погледот кон Јадранскиот брег. Градот се наоѓа на 3,5 часа оддалеченост од Рим, така што оние што сакаат големи градови има каде да одат.
- Ние сме агол од рајот. Свежиот планински воздух и природната средина нудат детоксикација, оддалеченост од градскиот хаос, загадувањето и бучавата - вели градоначалникот.
Извор:
Travelawaits.com
Фото:
Instagram