Како функционира вакцината на кинеската компанија „Синофарм“?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
На почетокот од 2020 година Институтот за биолошки производи во Пекинг создаде инактивирана вакцина против коронавирусот, наречена BBIBP-CorV. Клиничките испитувања спроведени од државната компанија „Синофарм“ покажа дека таа има стапка на ефикасност од 79 отсто. Кина ја одобри вакцината и набрзо почна да ја извезува во други земји.
BBIBP-CorV функционира така што го учи имунолошкиот систем да создава антитела против САРС-Ков-2. Антителата се приврзуваат на вирусните протеини, таканаречени шилести протеини.
За да ја создадат BBIBP-CorV, истражувачите од Институтот во Пекинг добиле три варијанти на коронавирусот од пациенти во кинеските болници. Тие избрале една од тие варијанти бидејќи била во можност брзо да се размножува во клетките на бубрезите од мајмуни.
Убивање на вирусот
Откако истражувачите произвеле големи резерви на коронавирус, тие ги натопиле со хемикалија наречена бета-пропиолактон. Соединението оневозможило коронавирусите да се поврзат со нивните гени. Инактивираните коронавируси повеќе не можеле да се реплицираат. Но, нивните протеини, вклучувајќи го и шилестиот, останале недопрени.
Истражувачите потоа ги извлекле инактивираните вируси и ги измешале со мала количина на соединение на база на алуминиум, наречено адјувант. Адјувантите го стимулираат имунолошкиот систем за да го зајакне неговиот одговор кон
вакцината.
Инактивираните вируси се користат повеќе од еден век. Џонас Салк ги користел за да ја создаде вакцината против детска парализа во 50-тите години и тие се основа за вакцини против други болести, вклучително беснило и хепатит А.
Фото: Freepik
Поттикнување на имунолошкиот одговор
Бидејќи коронавирусите во BBIBP-CorV се мртви, тие можат да се инјектираат во раката без да предизвикаат Ковид-19. Откако ќе влезат во телото, некои од инактивираните вируси ќе бидат „проголтани“ од тип на имунолошки клетки наречени антигенски клетки.
Антигенската клетка го распарчува коронавирусот и прикажува некои од неговите фрагменти на неговата површина. Таканаречената Т-клетка може да го открие фрагментот. Ако фрагментот се вклопи во еден од неговите површински протеини, Т-клетката се активира и може да помогне во регрутирање други имунолошки клетки да одговорат на вакцината.
Создавање антитела
Откако една личност ќе се вакцинира со BBIBP-CorV, имунолошкиот систем може да одговори на инфекцијата на живи коронавируси. Б-клетките произведуваат антитела што се држат до напаѓачите. Антителата кои се насочени кон шилестиот протеин може да спречат вирусот да влезе во клетките. Другите видови антитела можат да го блокираат вирусот на друг начин.
Меморирање на вирусот
Клиничките испитувања на „Синофарм“ покажаа дека BBIBP-CorV може да ги заштити луѓето од Ковид-19. Но, сè уште никој не може да каже колку трае таа заштита. Можно е нивото на антитела да опаѓа со текот на месеците. Но, имунолошкиот систем содржи и специјални клетки наречени мемориски Б-клетки кои можат да ги задржат информациите за коронавирусот со години или дури со децении.
Времеплов
Јануари 2020 година - „Синофарм“ почнува да развива инактивирана вакцина против коронавирусот.
Јуни - Истражувачите известуваат дека вакцината дава ветувачки резултати кај мајмуните. Испитувањето во фазата 1/2 покажува дека вакцината не предизвикува сериозни несакани ефекти и им овозможува на луѓето да создаваат антитела против коронавирусот.
Јули - Фазата 3 почнува во Обединетите Арапски Емирати.
Август - Фазата 3 почнува во Мароко и во Перу.
14 септември - ОАЕ дава итно одобрување на вакцината на „Синофарм“ за здравствените работници. Се вакцинираат и владините службеници.
Ноември - Претседателот на „Синофарм“ вели дека речиси милион луѓе во Кина ја примиле вакцината.
3 ноември - Владетелот на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашид ал-Мактум, објави дека ја примил вакцината.
9 декември - ОАЕ дава целосно одобрување на BBIBP-CorV, објавувајќи дека има стапка на ефикасност од 86 отсто.
13 декември - И Бахреин ја одобри вакцината.
30 декември - „Синофарм“ објави дека вакцината има ефикасност од 79,34 отсто.
Извор:
New York Times
Фото: Freepik