Стефан Ончев и Гала Булатовиќ ќе ја претставуваат Македонија на престижниот пијано-натпревар „Глоуб интернационал“ во Холандија
Младите македонски талентирани пијанисти Стефан Ончев и Гала Булатовиќ ќе ја претставуваат Македонија на престижниот меѓународен пијано-натпревар „Глоуб интернационал“, кој од денеска до недела (12 март), ќе се одржува во Хилверсум крај Амстердам, Холандија.
Ончев и Булатовиќ забележаа одлично постигнување и со обезбедениот пласман во финалните натпревари на едно од најсилните европски натпреварувања, минувајќи селекција од повеќе од 200 млади пијанисти од целиот свет. На крај обезбедија место меѓу најдобрите 20 во својата категорија до 13 години, кои викендов ќе се соберат во Хилверсум на финалните натпревари. На натпреварот во Холандија ќе учествуваат најдобрите млади пијанисти од САД, Италија, Шпанија, Полска, Кина, Индонезија, Германија, Израел, Чешка, Украина, домаќинот Холандија, но и од Македонија, а меѓу нив во конкуренција и едни од најпознатите млади пијанисти во Европа, Нора Лубадова од Чешка, Саја Гловацки од Германија, Марија Радулеску од Романија...
Македонските пијанисти Стефан Ончев, кој е од Основното музичко училиште „Боро Џони“ од Струмица, и Гала Булатовиќ, која е ученичка во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје во класата на проф. Дилек Реџеп и претходно низ досегашните свои настапи имаат голем број награди од европските и светски натпревари.
Натпреварот во Холандија, кој ќе биде испратен и со музички фестивал на кој ќе учествуваат најпознатите пијано-педагози од Европа, ќе биде оценуван од врвно жири во кое се истакнатите пијанисти Џулијано Адорно од Италија, Николас Бринге од Франција, Денис Лутгенс од Холандија, како и една од најпознатите македонски пијано-педагози Марија Максимова.