Нарцисите почесто се чувствуваат отфрлени

Нарцисите почесто се чувствуваат отфрлени

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нарцисите почесто се чувствуваат отфрлени за разлика од нивните врсници кои го немаат тоа нарушување, според истражувањето објавено од Американската психолошка асоцијација. Ова може да произлегува не само од тоа што ваквите луѓе се избегнувани поради нивната личност, туку и од тенденцијата погрешно да се толкуваат двосмислените социјални сигнали како што е отфрлањето.

- Чувството на отфрленост е субјективно искуство, засновано на перцепцијата на социјалните знаци од страна на поединецот. Некои може да бидат намерно исфрлени, додека други може само да веруваат дека се отфрлени, а тоа не е случај. Нашите наоди псоочуваат дека индивидуите со повисоки нивоа на нарцизам се почувствителни на знаците за отфрлање, што ги тера да го перципираат отфрлањето почесто - истакнува д-р Кристијане Бутнер од Универзитетот во Базел.

Додека нарцизмот може да има различни форми, истражувачите избрале да се фокусираат исклучиво на грандиозниот нарцизам, кој вклучува особини како што се доминација, силна желба за восхит и тенденција да се бара статус и признание.

Истражувачкиот тим прво ги анализирал податоците од Германскиот социо-економски панел - репрезентативно истражување на приближно 22.000 домаќинства во Германија. Фокусирајќи се на 1.592 лица кои одговарале на прашања за нарцизам и отфрлање во 2015 година, студијата покажала дека луѓето со повисоки нивоа на нарцизам пријавиле дека доживуваат значително повеќе отфрлање и изолирање.

За да ги потврдат овие наоди, истражувачите спровеле двонеделна студија со 323 учесници. Овие поединци ги завршиле процените за нарцизмот и ги пријавиле минатите чувства на отфрлање. Во текот на следните 14 дена тие регистрирале моменти кога се чувствувале исклучени или запоставени, користејќи мобилна апликација.

- Учесниците со повисоки резултати за нарцизам изјавија дека се чувствуваат почесто исклучени во секојдневниот живот, усогласувајќи се со нашите претходни резултати од истражувањето - истакна Бутнер.

Серија експерименти во кои биле вклучени повеќе од 2.500 учесници дополнително ја истражувале врската помеѓу нарцизмот и чувството на исклучување. Во еден експеримент учесниците се приклучиле на виртуелна игра со фрлање топка, каде што двајца други играчи или ги вклучиле во играта или ги исклучиле. Друг експеримент презентирал хипотетички социјални сценарија и побарал од учесниците да проценат колку се чувствуваат исклучени.

Резултатите покажале дека нарцисоидните индивидуи имаат поголема веројатност да ги перципираат двосмислените социјални интеракции, каде што отфрлањето не е експлицитно разјаснето, како исклучувачки. Дополнително зајакнувајќи ја оваа перцепција за социјална исклученост, дополнителни експерименти откриле дека луѓето често претпочитаат да избегнуваат високо нарцисоидни поединци.

Интересно е што истражувачите пронашле и докази дека врската помеѓу нарцизмот и социјалната исклученост функционира на двата начина.

- Нарцизмот може да придонесе за социјално исклучување, но самото исклучување исто така може да го поттикне развојот на нарцистички особини - објасни Бутнер.


Анализирајќи ги 14-годишните податоци од националното истражување во Нов Зеланд во кое биле вклучени над 72.000 учесници, истражувачите забележале дека промените во чувството на исклученост биле проследени со промени во нивоата на нарцизам една година подоцна - и обратно.

Овие наоди ја нагласуваат сложената интеракција помеѓу особините на личноста и социјалните искуства, според Бутнер. Разбирањето на овој однос може да помогне подобро да се решат конфликтите на работното место, социјалната изолација, па дури и пошироките општествени прашања.

- Ако луѓето со високи нарцисоидни особини имаат поголема веројатност да се чувствуваат исклучени, ова може да придонесе за ескалација на тензиите на работните места или социјалните групи. Истовремено, нивната зголемена чувствителност на исклученоста може да предизвика да биде поверојатно да реагираат агресивно. Овие наоди сугерираат дека интервенциите насочени кон подобрување на меѓучовечките односи и намалување на социјалното исклучување треба да ги земат предвид и перцепциите и однесувањата на вклучените поединци – заклучила таа.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik