Каде ни се основците, за осум години снемало 15 илјади деца
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Нашата анализа, според податоците од Државниот завод за статистика за запишани и завршени ученици во тековната година, покажа дека за осум години исчезнале вкупно 14.958 основци.
Некогаш 4.000, понекогаш 2.000 или 500... Секоја учебна година ни снемува голем број ученици што се запишале во основното образование во тековната година, а не ја завршиле.
Нашата анализа, според податоците од Државниот завод за статистика за запишани и завршени ученици во тековната година, покажа дека за осум години исчезнале вкупно 14. 958 основци. Експерти за демографија велат дека најголем дел од овие ученици ги нема бидејќи се отселени од државата.
Потребни се длабински анализи од институциите
Токму на овој проблем укажа и поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, во
текст за Факултети мк. Тој напиша дека на почетокот на учебната 2016/2017 година имало зголемување на бројот на ученици за 6.723 во споредба со претходната година, но на крајот од учебната година, според официјалните објавени податоци, бројот на учениците е намален за 2.490.
- Се поставува прашањето што се случило со нив, за што најдобар одговор треба да дадат надлежните институции. Тоа значи дека се поставува и прашањето каде се учениците? Многу е важно да се направи длабинска анализа на состојбите во основното образование од сите аспекти, а особено за бројот на учениците, училиштата, условите, програмите, учебниците, содржините, бројот на наставниците, бројот на паралелки, ученици по одделенија, почитување на законот и законите – напиша Герасимовски.
Во 2014 речиси 4.000 основци не ја завршиле годината
Каква е динамиката на отселување на македонските граѓани? Тоа е прашањето што често се поставува во јавноста. Официјални бројки нема, туку само претпоставки. Но, токму податоците за основци запишани на почеток на учебна година и оние што ја завршиле може да дадат одговор.
Каков е трендот на исчезнување на учениците од училиштата во последните 8 години? Нашата анализа покажа дека секоја година недостигаат значителен број ученици. Се запишале во дадената учебна година, но не ја завршиле. Овие деца не се вбројуваат во листата со повторувачи, едноставно ги нема.
На пример, во учебната 2016/17 година во јавните основни училишта се запишале вкупно 192.715 ученици. На крајот од оваа учебна година има 190.225 ученици. Ова значи дека во меѓувреме 2.490 ученици ги снемало.
Најалармантни податоци има за учебната 2014/15 година, кога бројот на запишани ученици е 192.165, а на крајот завршиле 188.361. Вкупно 3.804 основци не ја завршиле годината.
Во 2015/16 година нема 873 основци. Се запишале 185.992, а завршиле 185.119. Добри сме биле и во учебната 2013/14 година бидејќи ни нема само 510 ученици. Во 2012/13 година таа бројка изнесува 1.256, а во 2011/12 година 997 основци. На почетокот од учебната 2010/11 година во редовните основни училишта имало 204.439, ученици, а на крајот од истата година недостигаат 2.525 деца. Околу 1.500 и 1.100 ученици исто така ги снемало во учебните 2009/10, односно 2008/09.
Дали може да се претпостави каде се учениците, го прашавме професорот Никола Панов од Институтот по географија од Природно-математичкиот факултет од Скопје?
- Се знае каде се, во странство. Не сите, ама најголем дел од нив се заминати некаде заедно со родителите. Каде инаку би биле ако се знае дека основното образование е задолжително. Бројките се различни секоја година, зависно од динамиката со која се селат. Еве, тоа може и да ни биде показател за иселувањето на нашите граѓани – вели Панов.