Како да следите политика без да го изгубите паметот

Како да следите политика без да го изгубите паметот

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Да се биде во тек со она што се случува политички во моментов е лудило. Практично сè може да ви даде чувство на неизвесност: од индивидуалните слободи до меѓународната стабилност.

Но, не мора да биде така. Ниту треба да биде. Постојат практични начини да го вратите чувството на стабилност и контрола, без разлика што се случува околу вас. Ако сакате да се чувствувате малку постабилно наспроти циклусите на лоши вести 24/7, разгледајте ги следните стратегии.

Напишете ги вашите грижи

Ставањето на грижите на (вистинска) хартија може да ви помогне да се чувствувате помалку преоптоварени со тоа што ќе го организирате и визуелно ќе го срочите она што инаку би се вртело во вашиот ум. Правењето распоред за прашањата што ве мачат, всушност, ги екстернализира, давајќи ви го потребното растојание.

Оценете ги вашите грижи


Оценете ја секоја грижа на скала од 1 до 10, при што 10 е најнеподносливата болка што некогаш сте ја почувствувале, а 1 е благо непријатно. Во зависност од тоа колку грижи имате, ова може да потрае. Заокружете ги оние со нивоа на вознемиреност во опсегот од 6 до 10.

Рангирајте ги грижите по редослед по итност (приоритети)


Кои прашања ви се најитни? Изберете три до пет и рангирајте ги, од повеќе до најмалку итни (иако не и неважни). Ова не мора да биде совршено. Само дајте ја вашата најдобра процена.

Изберете едно прашање за решавање


Не можете да ги решите сите проблеми на светот. Но, можете да ја насочите вашата енергија и слободно време кон каузата во која верувате. И ќе имате поголем капацитет ако не се трудите да ја решите секоја грижа што сте ја навеле. Од ставките што ги заокруживте и ги оценивте како најитни, на која би сакале да ѝ дадете приоритет?

Идентификувајте и дејствувајте во вашата сфера на влијание

Одредете ја вашата сфера на влијание со идентификување на луѓето до кои можете да допрете (вашата потенцијална публика) и направете нешто што позитивно влијае врз каузата или групата за која сте загрижени.

Споделете информации со некој што не е свесен за проблемот. Кандидирајте се за функција, работете за политичка кампања, контактирајте го вашиот претставник. Донирајте пари. Има многу нешта што можете да ги направите врз основа на вашите ресурси.

Направете паузи од вести

Ако навистина сакате да ги апсорбирате и искористите информациите што се емитуваат преку повеќе канали и сакате да научите нешто од нив, земете здив од вестите. Истражувањата покажуваат дека задржуваме повеќе информации кога правиме паузи од учењето. Паузите ни помагаат да го одржиме разумот. Закажете еден ден во неделата кога нема да гледате вести. Дополнително, или како почеток, ако цел еден слободен ден ви изгледа премногу застрашувачки, ограничете го времето кога читате вести на неколку пати на ден и имајте крајна точка. Идеално, еден до два часа пред спиење, особено ако имате проблеми со спиењето.

Правете работи во кои уживате

За да се заштитите од анксиозност, депресија, егзистенцијален страв и паника, треба да излезете од вашата куќа и  да откриете ситуации кои помагаат да го регулирате вашиот нервен систем. Тоа е: мора да се опкружувате со луѓе, места и работи кои ви носат радост, ве тераат да се чувствувате поврзани и (што е најважно), да го оттргнете умот од хаосот што се емитува по телевизорите, паметните телефони и радијата низ светот.

Обраќање на заедницата


Побарајте други кои се на иста бранова должина и споделете ги вашите грижи. Дискутирањето за она што ве загрижува е од суштинско значење за вашата стабилност. Редовното вклучување во заедниците во кои се чувствувате видени и прифатени не само што ја подобрува благосостојбата, туку и ја подобрува отпорноста на стрес. Социјалната поддршка нè штити од негативните ефекти на глобалните и политичките ситуации

 

Запаметете дека чувството на хаос што го чувствувате е дел од она што го сака опозицијата. Не дозволувајте да бидете измачувани од тоа. Направете го она што ви треба за да барате стабилност, употребете ги горенаведените стратегии и почнете да враќате дел од вашата моќ. Ќе поминете преку ова, зошто сте посилни отколку што можеби знаете.

Извор: psychologytoday.com

Фото: Freepik