Казухиро Котецу, славејот од Јапонија кој пее на македонски јазик: „Никогаш нема да го заборавам ентузијазмот со кој ми аплаудира македонската публика“
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Музиката е неговиот живот. Како оперски пејач во Операта во Токио, имал многубројни настапи низ светот и доаѓал во допир со разни видови музика. Сепак, за неговото срце прираснаа македонските мелодии кои ги пее со толкава музичка и јазична прецизност, што предизвикува силни емоции кај македонскиот народ додека го слушаат. Казухиро Котецу речиси десет години е амбасадор на македонската песна и вино во Јапонија.
Што беше пресудно да се вљубите во македонската музика?
Има чудно заедништво меѓу мелодиите на јапонските и македонските песни, и двете имаат меланхоличен карактер. Затоа бев импресиониран кога првпат ја слушнав прекрасната интонација на „Македонско девојче“. Импресионираноста не запира, па продолжив да совладувам и други македонски песни. Можам да се пофалам со репертоар од околу 30 македонски песни, а омилена меѓу нив ми е „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски.
Вие сте искусен оперски пејач со голем број настапи и изведби на сложени музички композиции, колку е тешко еден јапонски интерпретатор да го совлада македонскиот мелос?
Да бидам искрен, не ми е толку тешко да ги пеам песните на Јонче Христовски. Користејќи го моето искуство како оперски пејач, можам да пеам на странски јазик, а карактеристиките на гласот на Јонче не се многу далеку од моите. Меѓутоа, ако треба да кажам една тешкотија со која се соочив совладувајќи ги македонските песни, тоа би било, како што може да си замислите, ритамот на песните од седум-осмински такт.
Колку пати досега сте биле во Македонија и кој настап Ви оставил најубав впечаток?
Ја посетив земјава девет пати почнувајќи од 2013 година. Последен пат овој февруари кога ја добив наградата „Златна бубамара“ како амбасадор на македонската песна. Пред публиката ја испеав „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски на стадионот „Борис Трајковски“, опкружен со многубројна публика. Никогаш нема го заборавам ентузијазмот со кој ми аплаудира македонската публика.
Како се најде македонската песна на Вашата музичката мапа со оглед на тоа дека живееме на различни континенти и оддалеченоста меѓу нашите држави е над 9.000 километри?
Оперскиот пејач и мој драг пријател Благој Нацоски ми ја доближа магијата на македонската песна. Од него ги добив нотите за песната „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, која ми предизвика силни емоции. При мојот прв настап во Македонија (2015 година) во Домот на АРМ во Скопје, мислев дека би било учтиво кон публиката да отпеам барем една македонска песна, па се одлучив да биде токму таа - „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ и многу бев воодушевен од тоа како публиката ја прифати мојата интерпретација.
Од каде произлезе љубовта кон операта?
Многу европски пријатели ме прашуваат за тоа кога ќе дојдат во моето родно место, Сакаиминато, скромно традиционално јапонско мало рибарско село. Не можам да објаснам многу добро од каде произлезе љубовта кон музиката, но отсекогаш сум ја сакал, учествував и во дувачки оркестар.
Дали во Јапонија може да живее од професијата оперски пејач?
За да одговорам на тоа прашање, би рекол дека не е тешко само во Јапонија. Јас не сум само оперски пејач, туку и концертно-оперски продуцент и универзитетски професор во исто време. Мислам дека имав среќа да ме интересираат многу работи.
Со какви активности ја промовирате македонската песна во Јапонија?
Овие години секогаш во мојата програма пеам македонски, италијански, германски и јапонски песни, секогаш кога имам можност за тоа. Исто така, во секоја сезона организирам концерти со македонски песни и дегустација на македонско вино. Ваквите активности ги организирам не само во Токио, туку и во некои други градови, како Мацујама, Чигасаки, Јошикава итн.
Пеете одлично на македонски, но колку добро го зборувате македонскиот јазик?
Се срамам да кажам дека речиси воопшто не можам да зборувам македонски. Кога научив италијански, моите сиви мозочни клетки се млади! Но, ќе видите, во иднина ќе зборувам македонски (малку). Почитувани Македонци, бидете трпеливи и почекајте да дојде тоа време.
Кога ќе Ве видиме повторно во Македонија?
Кон крајот на јуни ќе ја посетам Македонија со мал јапонски женски хор. Се надевам дека ќе уживаме во разгледувањето на Охридското Езеро и ќе имаме концерт во Скопје. Наскоро ќе можам да дадам подетални информации за овие конкретни планови.