Зошто пцуењето е добро за вашето здравје?

Зошто пцуењето е добро за вашето здравје?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Повеќето од нас се обидуваат да се воздржат од пцуење кога нешто ќе нè изнервира. Но, можеби не треба да се воздржуваме бидејќи науката вели дека пцуењето може да има изненадувачки позитивни ефекти врз нашето здравје, и тоа не само ментално.

Многу истражувања покажале дека стратешки употребена пцост може да го намали стресот, да ја ублажи болката, па дури и да ги подобри физичките перформанси. Пцуењето не е само издувен вентил за фрустрации, тоа е и алатка за емоционална регулација и општествено поврзување.

Може да ја зголеми толеранцијата на болка

Пцуењето предизвикува т.н. хипоалгезија, односно намалена чувствителност на болка. Истражувачите покажале дека луѓето можат подолго да ја држат раката во студена вода доколку изговараат пцости отколку кога изговараат неутрални зборови.

- Пцуењето е лесно достапен и евтин начин на самопомош. Луѓето што поретко пцујат имаат повеќе корист кога ќе се одлучат да пцујат. Со други зборови, ако постојано пцуете, пцостите ја губат својата сила - вели Ричард Стивенс, виш предавач по психологија на Универзитетот „Кил“ во Обединетото Кралство и автор на книгата „Црната овца: Скриените придобивки од лошото однесување“.

Ќе вежбате поинтензивно

Пцуењето е поврзано со подобрување на физичките перформанси, вклучувајќи ја силата при возење велосипед и цврстината на стисокот на раката. Истражување објавено во 2022 година во списанието „Квартерли журнал оф експеримент сајколоџи“ покажа дека луѓето што повторувале пцости додека правеле склекови пријавиле зголемено чувство на самодоверба.

Според Стивенс, еден од авторите на ова истражување, пцуењето им помага на луѓето да ги намалат своите социјални кочници.

- Кога сме ослободени од тие кочници, помалку се грижиме за негативна социјална процена, а тоа води до поголема самодоверба - објаснува тој.

Помага во регулирањето на емоциите


Истражување објавено во „Јуропијан журнал ооф соушал сајколоџи“ покажа дека кога луѓето пишувале за момент кога се чувствувале социјално исклучени, а потоа две минути повторувале пцости, нивното чувство на повреда и социјален стрес биле значително намалени во споредба со оние што изговарале неутрални зборови. Во друго истражување, научниците откриле дека возачите што пцуеле поради тоа што друг возач не им дал предност или поради сообраќаен метеж предизвикан од непрописно паркирани возила, успеале полесно да ја намалат лутината и побрзо да се вратат во емоционална рамнотежа.

- Пцуењето ни овозможува да се испразниме и полесно да се справиме со емоции како лутина и фрустрација - вели Тимоти Џеј, почесен професор по психологија на Масачусетскиот колеџ за либерални уметности и автор на книгите „Зошто пцуеме?“ и „Пцуењето во Америка“.

Пцуењето ги зближува луѓето


- Гледам на пцостите како на кутија со алатки. Можеме да ги користиме на различни начини, во различни ситуации, за лична или социјална корист - вели Џеј.

Постојат и изненадувачки социјални придобивки од добро употребени пцости.

- Некои луѓе веруваат дека пцуењето може да ги наруши социјалните табуа на начин што не е штетен, а тоа може да создаде неформална средина во која луѓето се чувствуваат како дел од ист круг. Исто така, пцуењето може да направи другите да мислат дека лицето што зборува е искрено бидејќи кажува што навистина мисли - вели Бен Берген, професор по когнитивна наука на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.

Во вистински контекст, пцуењето може да ја зајакне социјалната поврзаност. Во истражување со работници во фабрика за сапуни во Нов Зеланд, научниците снимале дневни интеракции и заклучиле дека кога на работното место се користела одредена пцост, за изразување поплаки или несогласување, тоа поттикнувало чувство на заедништво меѓу работниците.

Пцостите мора да се користат умерено


Секако, лесно е да се претера. Луѓето што пцујат често можат да бидат доживеани како лути, непријателски или агресивни, па затоа постои граница до каде пцуењето има позитивен ефект.

- Набљудувањето како другите го користат јазикот обично е добар прв чекор во ново опкружување. Не се работи само за тоа дали луѓето пцујат или не, туку и како го прават тоа и кои зборови ги користат. Дали ова е ситуација каде што се користат поблаги пцости? Дали другите позитивно реагираат на ваквиот говор? Дали сите пцујат или само одредени луѓе? - вели Берген.

Џеј додава дека етикетата на пцуењето често зависи од социјалната хиерархија и односите на моќ, особено на работното место. Само затоа што шефот пцуе, не значи дека и вие можете да го правите тоа без последици. Исто така, треба да внимавате на јазикот кога сте во присуство на мали деца. Бидете свесни за употребата на пцостите во различни контексти, може да ви помогне да изградите поздрава и попродуктивна врска со овој аспект од јазикот.

Извор: Time.com
Фото: Freepik