Најголемите скандали поврзани со Нобеловата награда: Хитлер бил номиниран, Арафат добил награда, а Ганди не

Најголемите скандали поврзани со Нобеловата награда: Хитлер бил номиниран, Арафат добил награда, а Ганди не

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Приказната за сопругот на еден од членовите на Шведската академија, кој е обвинет за сексуална злоупотреба, трае веќе некое време, а врвот беше достигнат пред неколку дена кога престижната институција објави дека оваа година нема да додели награда за книжевност. Наместо тоа, лауреатот ќе го прогласи наредната година. Најновата афера, поради која жирито остана во редуциран состав кој не може да носи одлуки, се смета дека е најголемиот скандал поврзан со Нобеловата награда. Но во својата долга историја Нобеловата награда се соочила со уште неколку такви слични скандали.

nagrada
Фото: Tportal

1. „Трговец на смртта“

Алфред Нобел зад себе има дури 355 патенти, но денес е најпознат по динамитот, поради кој во негово време го нарекувале „гениј на злото“ и „трговец на смртта“. Нобел бил шокиран од начинот на кој се користел неговиот изум, па одлучил да создаде награда што ќе ги почитува и награди најголемите придонеси за благосостојбата на човештвото.

2. Само 5 отсто биле жени-добитнички

До оваа година Нобеловата награда ја добиле 844 мажи и само 48 жени, при што Марија Кири двапати. Значи само 5 отсто од победниците биле жени, со што овој поразувачки податок редовно се зема како доказ за систематско занемарување на жените. Еден од најозлогласените неуспеси за доделување на наградата за жена ја вклучува астрофизичарката од Северна Ирска, Џозелин Бел Барнер, која ги открила неутронските ѕвезди во 1967 година, а за нив објавила труд заедно со нејзиниот советник Антони Хјуиш. На крај, само тој и неговиот колега Мартин Рајл во 1974 година добиле Нобелова награда за ова откритие.

kiri
Фото: Profimedia

3. Расправија околу мирот

Нобеловата награда за мир е предмет на многу дебати, меѓу кои се и наградите од 2012 година што ја доби Европската Унија и од 2009 година што ја доби американскиот претседател Барак Обама. Сепак, една од најконтроверзните е од 1994 година кога Нобеловата награда ја поделиле палестинскиот политичар Јасер Арафат и израелските политичари Јицак Рабин и Шимон Перес поради ангажманот во мировните израелско-палестински преговори. Критичарите, пак, тврдеа дека палестинската ослободителна организација на Арафат учествувала во серија терористички напади.

4. Шегата со Хитлер

Нацистичкиот лидер Адолф Хитлер на листата на номинирани за Нобелова награда за мир се нашол во 1930 година, поради што луѓето биле шокирани, а сознанието дека станува збор за шега на член на шведскиот парламент уште повеќе ги згрози. Нацист кој навистина е на листата со добитниците на Нобеловата награда е физичарот Филип Ленард, награден во 1905 година за откривање на катодното зрачење, вклучувајќи го и некогашниот американски државен секретар на Америка, Кордел Хул, кој добил Нобелова награда за мир во 1945 година. Причината е неговата улога во основањето на ОН, но историјата го памети како човекот што вршел притисок врз претседателот Френклин Рузвелт во 1939 година да не дозволи влез во Америка за 950 еврејски бегалци што барале азил поради нацистичко прогонство. Меѓу вистинските и контроверзни номинации секако е онаа на советскиот диктатор Јосиф Сталин, кој во 1945 и 1948 година бил номиниран за Нобеловата награда за мир поради напорите да стави крај на Втората светска војна.

5. Најголемиот пропуст во историјата на наградите

ганди
Фото: Profimedia


Меѓу најголемите контроверзии на нобеловиот комитет е секако тоа што Ганди никогаш не добил награда за мир. Ганди бил лидер на движењето на независност на Индија и симбол на ненасилен отпор. Бил номиниран во 1937, 1938, 1939, 1949 и во 1948 година, кога врз него бил извршен атентат. Таа година наградата за мир била прескокната бидејќи немало соодветен кандидат меѓу живите. Од страна на Комитетот за Нобелова награда во 2006 година било признато дека со Ганди бил направен најголем пропуст во нивната историја, а донекаде се обиделе да ја намалат во 1989 година кога бил награден тибетскиот духовен и свет лидер далај-лама, нагласувајќи дека наградата е и во спомен на Ганди.

Без Нобелова награда останале и американската политичарка, хуманитарец и писател Елеонор Рузвелт, Дмитриј Менделеев, Џејмс Џојс, Лев Толстој, Антон Чехов, Марк Твен, Џорџ Орвел и многу други.

6. Кисинџер


Човекот чија фраза: „Ако сакаш некој да убиеш, направи го тоа брзо“, Хенри Кисинџер, се наоѓа на списокот со добитници на Нобеловата награда. Тој добил награда за мир поради придонесот за смирување на војната во Виетнам, како советник за национална безбедност на Ричард Никсон. На оваа позиција стапил во 1969 година, во екот на војната, а во 1973 година станал државен секретар. Меѓутоа, се смета дека Кисинџер е виновен за тоа што ги потопил мировните преговори со Виетнам во 1968 година, отворајќи му пат на Никсон за избори, проширување на војната на масовно бомбардирање на Камбоџа и Лаос, како и помагање во соборувањето на демократски избраната влада во Бангладеш во 1971 година, што резултирало со смрт на најмалку половина милион цивили, убиството на чилеанскиот претседател Салавдор Аљенде со државен удар во 1973 година, како и многу други работи во рамките на операцијата „Кондор.

7. Забрана за Германците


Кога Нобеловата награда за мир во 1935 година ја освои големиот критичар на Хитлер, германскиот пацифист Карл фон Осиецки, Хитлер на сите Германци им забранил да ја прифатат наградата. Наместо тоа, тој ја основал Германската национална награда за уметности и науки.

8. Фала, но не фала

Двапати добитници на Нобелова награда ја одбиле наградата. Прв е Жан-Пол Сартр, кој добил Нобелова награда за книжевност во 1964 година. Ја одбил наградата со објаснување:

- Писателот мора да одолее на тоа да се трансформира во институција, дури и ако тоа е на почесен начин.

Втор е Ле Дук То, виетнамски револуционер и политичар на кого му била доделена награда во 1973 година што требало да ја подели со Кисинџер поради учеството во Париската мировна конференција.

- Во такви услови не можам да ја прифатам Нобеловата награда за мир. Кога ќе се почитуваат целосно условите за прекин на огнот, кога во Јужен Виетнам ќе владее вистински мир, тогаш ќе можам да ја прифатам - изјавил тој.

5
Фото: Profimedia

9. Конфликт на интереси како несакан ефект

Германскиот научник Харалд Цур Хаузен во 2008 година ја добил Нобеловата награда за откривање на улогата на хуман папилома вирусот во развојот на ракот на грлото на матката. Проблемот бил во тоа што фармацевтската компанија „Астразенека“, производителот на вакцината за ХПВ, ја спонзорирала и веб-страницата на Нобеловата награда. Со тоа, два члена на комисијата, кои го избрале Хур Хаусен, имале врска со компанијата.

Меѓу многуте „проблематични“ победници на Нобеловата награда се наведува и Џон Кеш, математички гениј кој страдал од шизофренија. Контроверзиите околу него во 1994 година довеле до тоа да се донесе одлука членовите на комисијата да бидат избрани на три години, наместо претходниот бесконечен мандат. Обемот на наградата бил проширен на политички науки, психологија и социологија. Во областа на економијата во 1976 година имало несогласувања околу признавањето на американскиот економист Милтон Фридман за неговата поврзаност со Август Пиноче.

10. Лоботомија


Португалскиот невролог Антонио Егас Мониз добил Нобелова награда за медицина во 1949 година, за развој на префонталната лоботомија, постапка со која на пациентите, поради лекување на некои психози, на черепот им се ставаат две челични игли долги по десет сантиметри за да им се прекине врската на фронталниот лобус со таламусот и хипоталамусот. И покрај страшните несакани ефекти, бизарниот метод бил прифатен од лекарите од целиот свет, до 70-тите кога масовно почнал да се етикетира како спротивен на принципите на човештвото.