Иницијативата за основна плата во Финска е делумно успешна
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во средата беа објавени резултатите од двегодишно истражување
спроведено во Финска во кое група граѓани добивале основна месечна плата од државата. Истражувањето покажува дека граѓаните биле посреќни што ја добивале платата, но тоа не ги поттикнало да се вработат.
Ова се финални резултати кои доаѓаат по првичните сознанија од истражувањето објавени на почетокот од 2019 година. Во „експериментот“ учествувале над 2.000 невработени лица на возраст од 25 до 58 години кои биле одбрани по случаен пат. Овие граѓани добивале месечна плата од 560 евра.
Фото: Pixabay
Според Кари Хамалајнен, главен истражувач, иницијативата не била целосно успешна. Во првата година околу 18% од учесниците се вработиле, речиси исто како и група граѓани што не добивале основна плата. Во следната година 27% од нив се вработиле, малку повеќе од граѓаните што не добивале надомест.
Иницијативата беше критикувана, најмногу бидејќи учесниците морале да се откажат од други државни надоместоци за да ги добијат парите, но и бидејќи истражувачите го направиле експериментот под политички притисок.
Фото: Pixabay
Идејата за основна плата повторно ѝ го привлече вниманието на јавноста за време на пандемијата бидејќи многу луѓе ја загубија работата поради кризата. Шпанија размислува за доделување основна плата на своите најсиромашни жители. Во меѓувреме, во повеќето земји владите се обидуваат да им помогнат на погодените граѓани со спасување на бизнисите.
Извор:
businessinsider.com