Како оваа латиноамериканска земја успеа да го контролира коронавирусот?

Како оваа латиноамериканска земја успеа да го контролира коронавирусот?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Првиот потврден случај во Латинска Америка беше во Костарика, земја со 5 милиони жители во која има еден доктор на илјада луѓе. Но тоа што изгледало како рецепт за катастрофа се претворило во релативно успешна приказна. До 6 мај Костарика има потврдено 755 случаи на заразени од коронавирус и само 6 смртни случаи. За споредба, Нов Зеланд, кој доби пофалби за справувањето со кризата, има 1.488 случаи со 21 починат до истиот датум. Нов Зеланд има 4,88 милиони жители.

Во Костарика до 4 мај бројот на луѓе што оздравеле од коронавирусот е поголем од бројот на активни случаи. Која е тајната на успехот на Костарика? Претприемачот Хозе Кајасо од Костарика смета дека клучот е во способноста за адаптирање на државата.

- Клучот тука е колку бргу владата реагираше и колку сериозно ја сфати ситуацијата од почетокот. Малку земји, дури и успешни приказни како Јужна Кореја, биле толку успешни како Костарика во исправувањето на кривата - вели тој во видео на „Јутјуб“.


Кајасо, кој ја напуштил канцеларијата во САД за да ја помине пандемијата во неговата родна земја, вели дека му е мило што ја одбрал Костарика за престој за време на кризата гледајќи ги различните реакции на двете влади.

Според министерот за здравство на Костарика, Даниел Салас, земјата ја контролирала заразата благодарение на вистинските мерки преземени во вистинско време, но и поради добрата реакција од страна на населението, кое го разбрало предизвикот со кој се соочува државата.

Костарика забрани масовно собирање на 9 март, а прогласи вонредна состојба на 16 март. На жителите им било кажано да работат од дома, а сите училишта и голем број бизниси се затворени. Границите беа затворени на 19 март. Костарика има и универзално здравствено осигурување на кое троши поголем дел од својот бруто-домашен производ (БДП) од она што го трошат останатите земји во просек.


Фото: Pixabay

Костарика спровела речиси 14.000 тестови за коронавирус, а како што се намалувала бројката на заразени, владата ги укинувала и мерките за ограничено движење. Театрите, вежбалниците и другите центри за вежбање се отворени од 1 мај, но посетителите треба да ја задржат дистанцата од два метра.

Спортските сали и стадиони се отворени, но дозволено е пополнување на само 25% од седиштата. Салоните за убавина може да работат со ограничен број клиенти, а автомобилските сервиси работат на ограничен број автомобили.

Границите ќе останат затворени најмалку до 15 мај, како и ограниченото возење автомобили. Овие мерки влијаат врз економијата на Костарика, а се проценува дека државниот БДП ќе се намали за 4% оваа година.


Фото: Pixabay

Сепак, Костарика претставува успешна приказна, особено во споредба со соседната Панама, која иако има помалку население, до 6 мај потврдила 7.523 случаи на коронавирус и 210 починати од вирусот. До истиот ден Мексико, со население од речиси 129 милиони луѓе, има 26.025 заразени со 2.507 смртни случаи.

Автор: Даглас Брум
Извор: weforum.org