Факултетот за дизајн и технологогии на мебел од Скопје успешно се претстави на конференција во Љубљана

Факултетот за дизајн и технологогии на мебел од Скопје успешно се претстави на конференција во Љубљана

Подготвил: С.Ѓ

Лектор: Ивана Кузманоска

Со дипломски и магистерски трудови, Факултетот за дизајн и технологија на мебел и ентериер од Скопје се претстави на меѓународниот проект „Иновативно училиште отскочна штица“. Домаќин на конференцијата што обединува академии и факултети од областа на дизајнот од шест земји, овој пат беше Биотехничкиот факултет во Љубљана.

Во проектот учествуваа 28 студенти од Швајцарија, Србија, Босна и Херцеговина, Русија, Словенија и од Македонија.



Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје го претставуваа: Деа Беатовиќ, Ана Малјановска, Емилија Ѓорѓиоска од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер - Скопје и Благој Шурбевски од Шумарскиот факултет од Скопје.

- Колегите успешно ги претставија своите трудови во сесиите кои се одвиваа во два дена. Темите што беа обработувани на оваа конференција беа од областа на дизајнот на мебел и ентериер, градежништво, шумарство, дрвна индустрија, екологија, економика и сл. Покрај работниот дел, љубезните домаќини организираа и посета на изложбата на производи од дрво под наслов „Убавината на дрвото“, која се одржа во центарот „Цанкарјев дом“, како и посета на градот Копер, каде што учесниците имаа можност да го посетат пристаништето Копер (прогласено за најеколошко пристаниште во Европа) – вели професорот Владимир Каранаков, кој е ментор на проектот.

Тој објаснува дека во наредниот период ќе се одржат два практични проекти во Санкт Петербург, Русија, и во Белград.
Проектот е целосно финансиран од невладината организација Mercator од Швајцарија. Третата конференција се одржа лани есента во Скопје, а домаќин беше Факултетот за дизајн и технологија на мебел.