Тројцата херои од Чернобил за кои немавме слушнато пред да се појави серијата

Тројцата херои од Чернобил за кои немавме слушнато пред да се појави серијата

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Замислете дека едно утро одите на работа и претпоставените ви велат дека вашиот живот во тој момент не ви припаѓа само вам, туку на целото човештво, односно дека од вас зависи дали животот на Земјата ќе биде ист или ќе исчезне.

Замислете дека сте единствениот што може да знае како да се направи нешто што од една страна ќе спречи голема катастрофа, а од друга страна имате многу мали шанси да преживеете, ако и воопшто излезете жив. Од една страна го имате вашиот живот, а од друга страна се татковината, светот и стотици милиони животи. Немате премногу време за размислување бидејќи е важна секоја секунда.

Додека ова сценарио за огромно мнозинство жители на планетата е само фикција, за инженерите Алексеј Ананенко, Валериј Беспалов и војникот Борис Баранов пред 33 години било сурова реалност. Сите тројца биле вработени во нуклеарната централа во Чернобил.

26 април 1986 година, 01:23 во текот на ноќта - светот беше на работ на колапс кога експлодира реакторот број 4 во нуклеарната централа во Чернобил. При експлозијата на реакторот на самото место загинаа четворица работници, додека во наредните недели животот го губеа вработени во електраната, војници и пожарникари, одговорни за санација на пожарот и дефектот по експлозијата. Никој од нив не знаел на што се изложува, па трпеа последици и поради несоодветната опрема и поради големата изложеност и близината на објектот каде што се наоѓаше реакторот, па умирале во најголеми маки.

Околу 35.000 возрасни и 1.400 деца побарале помош поради последиците од нуклеарната несреќа. Различни нивоа на здравствени последици предизвикани од радиоактивноста почувствувале повеќе од 2,4 милиона украински граѓани, а конечните здравствени последици ќе бидат познати по неколку децении.

За да ви биде појасно колкава била деструктивната моќ на експлозијата, ќе ја споредиме оваа нуклеарна несреќа со бомбата фрлена врз Хирошима во 1945 година - количината на радиоактивна прашина што настанала како резултат на експлозијата на реакторот била 400 пати повисока.

За жал, поради тогашната внатрешна политика на Советскиот Сојуз, степенот на катастрофата не бил објавен веднаш, па жителите на градот Припјат од балконите и улиците го гледале огромниот пламен кој се кревал од правец на електраната. Многу од нив на тој начин се изложиле на радиоактивноста, а бројот на контаминирани се зголемувал и следното утро затоа што општата евакуација почнала 13 часа по несреќата.

По гаснењето на огнот, советските лидери се соочуваат со нови предизвици, како да се зачува експлозијата во тајност од својата и светската јавност, а со тоа да се спречи уште поголема природна катастрофа во историјата на човештвото. Ова е поддржано од фактот дека тогашниот претседател на СССР, Михаил Горбачов, не бил веднаш информирани за степенот на несреќата и само му било кажано дека имало експлозија и пожар, но дека реакторот останал недопрен, како што и самиот потврди во некои интервјуа подоцна.

Горбачов и државниот врв го известиле Борис Шчербина, заменик-шефот на советската влада, за сериозноста на состојбата и степенот на катастрофа и тој истиот ден бил испратен на местото на настанот. Потоа следува седницата на која се собрал целиот државен врв, како и експертите за атомска и нуклеарна енергија.

Она што можеби е најстрашниот факт во целата приказна е тоа што официјална Москва чекала седум дена за да го извести светот за катастрофата, иако примала повици од Шведска, Данска, Финска и Норвешка за огромни облаци на радиоактивната прашина, кои освен над овие земји се надвиснале и над остатокот од Европа. На крајот, притиснати од фактите, морале да му ја признаат на светот вистината за настаните во Чернобил, иако и тогаш криеле информации.

Проблемите на кои наидувале експертите при санациите биле многубројни, но меѓу најопасните, покрај радијацијата која се ширела, било како да се спречи топење на јадрото на реакторот, што како горлив проблем се појавило на почетокот на мај 1986 година. Имено, базените што се користат за ладење на реакторот биле полни со вода, а над нив имало радиоактивен метал кој полека се спуштал накај нив.

Според процените и мислењата на водечките експерти што работеле на санациите, доколку имало мешање на овие две материи, би следувале бран експлозии, што би довело до уништување на преостанатите три реактори, а ударот кој би настанал, според некои од нив, би можел да избрише половина од Европа, додека останатата половина би била затруена, а отровните радиоактивни облаци би преплавиле поголем дел од планетата.

Одред на смртта

Тука доаѓаме до главните актери на нашата приказна, Алексеј Ананенко, Валериј Беспалов и Борис Баранов.

За да го спречат мешањето на водата и металот, некој морал да ги одврти вентилите и да ја испушти водата која се наоѓала под реакторот. Меѓутоа, поради тоа што подрумот бил поплавен, пристапот до вентилите бил речиси невозможен. Она што дополнително ја отежнало акцијата бил фактот дека многу мал број луѓе го познавале тој дел од централата.

Членовите на комисијата за решавање и санирање на несреќата повикале неколку луѓе и пред нив изложиле што се очекува од нив - меѓу другото и дека постои голема шанса некои од нив да не се вратат, но и ако се вратат, речиси сигурно е дека ќе бидат изложени на голема радиоактивност, поради што најверојатно ќе умрат за неколку недели. Потоа тие барале доброволно да се јават три лица кои во иднина ќе станат познати како „Одред на смртта“. Исто така, им било ветено дека доколку им се случи нешто, државата ќе ја преземе одговорноста за нивните фамилии.

Еден војник и двајца инженери вработени во нуклеарната електрана решиле да ги положат своите животи за човештвото. Во книгите по историја од пред 33 години во целиот свет со големи буки би морале да стојат имињата на војникот Борис Баранов, како и на двајцата инженери Алексеј Ананенко и Валериј Беспалов, хероите кои се заслужни што денес сите ние во Европа, па и во светот можеме да дишеме чист воздух, да пиеме вода, да јадеме и да живееме едноставно.

Им било кажано дека можат да одбијат, но Ананенко подоцна во интервју рекол нешто што можеби и најдобро ја опишува храброста на сите тројца.

- Како можев да одбијам кога само јас знаев каде се наоѓаа вентилите - изјави тој.

Иако пред акцијата и нивното спуштање во подрумот голем број пожарникари и волонтери со пумпи испумпале голема количина радиоактивна вода, во подрумот таа и понатаму била до колена. За да ви биде појасно колкава била опасноста на која биле изложени, треба да знаете дека тие додека оделе низ водата до вентилот, биле изложени на радиоактивност од дури 15.000 рендгени.

Поради толкавото зрачење, ламбата на Баранов, кој бил задолжен да им го осветлува патот на инженерите до вентилот, прегорела, поради што Ананенко и Беспалов морале да најдат пат во мракот само по сеќавање и следење на главните цевки по допир.

Меѓутоа, и покрај сето тоа, одејќи низ мракот со слаба светлина, Баранов, Ананенко и Беспалов ја извршиле задачата и сите тројца се вратиле на површината. Ананенко во една пригода изјавил дека тој и Баранов биле многу среќни кога ги пронашле вентилите.

По нивното излегување на површината почнала мала прослава. Во текот на тој и утрешниот ден од резервоарот биле испумпани 20.000 тони радиоактивна вода.

Дали преживеале?

Тука доаѓаме до помистериозниот дел од приказната за хероите од Чернобил. Во годините по несреќата се раскажувале разни приказни - од тоа дека тројцата починале неколку недели по акцијата, дека всушност биле војници, до тоа дека не им се знае вистинскиот идентитет.

Со години медиумите известувале дека тие брзо по излегувањето починале, сè до пред неколку години кога излезе уште една верзија.

Наводно, Борис Баранов починал во 2005 година од срцев удар, додека Алексеј Ананенко и Беспалов сè уште се живи. Со одлука на Петро Порошенко, претседател на Украина, во април 2018 година на Ананенко и на Беспалов им биле врачени ордени за храброст, а истата чест на Баранов му била оддадена постхумно истиот тој ден.

Овие тројца херои успеале да преживеат подолго од две недели, колку што се мислело дека максимално ќе живеат по влегувањето во радиоактивната вода. Тие излегле од подрумот на реакторот и влегле во историјата како најголемите херои на Земјата.

Денес, кога конечно ја знаеме нивната судбина, најмалку што можеме да направиме е да им кажеме благодарам, како и да ги споменуваме секој 26 април, денот кога светот бил најблиску до крајот на животот каков што го познаваме.