Кошаркарот Петар Бошалески - најдобар стрелец во младинската лига: „Најголем идол ми е татко ми“
Подготвил:
Никола Петровски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кога бев мал, кошарката ја гледав само како игра. Пред да одам на училиште наутро, ако имав малку време, секогаш одев на кошот што беше блиску до нашиот дом, без разлика дали имав со кого да играм или не, вели Петар
Како најдобар стрелец на неговиот тим, охриѓанецот Петар Бошалески и неговите соиграчи од младинскиот кошаркарски тим на Работнички за играчи до 18 години останаа непоразени сезонава, освојувајќи ја националната титула со триумф во финалето над вечниот ривал МЗТ Скопје. Петар не само што беше најдобар стрелец во првенството, туку и во текот на фајнл-фор турнирот и во самото финале. Работнички ја заврши сезоната со перфектен скор од 25 победи, без ниту еден пораз, додека во рамките на Третата сениорска лига загуби само еднаш, а притоа забележа 26 победи, иако станува збор за млади играчи во конкуренција на сениори.
17-годишниот Петар, кој се дружел со кошаркарската топка уште пред да почне да оди на училиште, е целосно посветен на спортот, а неговата напорна работа почнува да дава резултати, со оглед на тоа што тој е веќе меѓу најдобрите млади македонски кошаркари кои несомнено ќе бидат иднината на овој спорт кај нас.
- Кога бев мал сите сакаа фудбал, па и јас со цел да не се двојам, сакав да играм фудбал, но кога го видов татко ми како игра кошарка, се заразив со овој спорт. На 5-6 години првпaт почнав да играм кошарка. Првин почнав во клубот Глобал, па во Колибри. Тогаш кошарката ја гледав само како игра. Пред да одам на училиште, наутро, ако имав малку време, секогаш одев на кошот што беше блиску до нашиот дом, без разлика дали имав со кого да играм или не.
Од татко ми дознав за Џордан и Дражен Петровиќ
Иако е карактеристично од млад кошаркар да чуете дека најголеми идоли му се светските имиња Мајкл Џордан, Леброн Џејмс и други, Петар првиот кошаркарски идол го имал во истата куќа во која растел, а тоа е татко му Марјан. Тој научил многу за основите на кошаркарската игра од неговиот татко, кој како помлад исто така играл во клуб. Постои и ривалство помеѓу Петар и Марјан, но тоа само по дома кога гледаат дерби-натпревар помеѓу Звезда и Партизан, а двајцата навиваат за различни клубови.
- Уште од почетокот најголем идол ми беше татко ми. Така пораснав. Не гледав телевизија и од него дознав за Џордан и Дражен Петровиќ, кој му беше најголема инспирација, а подоцна и јас се вљубив во неговата игра. Пробав да ги копирам движењата на Дражен, но сепак, како што растам, се обидувам да бидам свој. Инаку, со татко ми дома кога гледаме дерби Звезда-Партизан, знае да стане жестоко бидејќи тој навива за Звезда, а јас за Партизан.
Треба многу работа за да се дојде до врвно ниво
Откако ги препознал потенцијалот и талентот на Петар, младиот тренер Андреј Апостолски Лечиќ успеал да го регрутира во младинскиот погон на славниот скопски клуб Работнички. Андреј, кој важи за еден од нашите најдобри и најперспективни млади тренери, е внук на славниот кошаркарски стратег, легендарниот Лазар Лечиќ.
- Ова ми е четврта година во Работнички. Дојдов во клубот откако завршив основно училиште и тука паралелно се запишав во средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Сметам дека Работнички е најдобриот македонски клуб. Тренерот беше коректен со мене и веднаш се вклопив. Во овој клуб научив дека треба многу да се работи за да се стигне до едно врвно ниво. Видов дека секој е посветен на себе и научив дека никој друг нема да ти помогне ако сам не се потрудиш - раскажува Петар.
Покрај спортот, се интересира и за медицина и нутриционизам
Петар е целосно фокусиран на професионалната кошаркарска кариера во иднина. Тој од мал е со спортот, но сепак секогаш размислувал за план Б. Неговите алтернативи се поврзани со спортот, така што и кога не би бил кошаркар, тој секако би бил инволвиран во спортскиот свет на некаков начин.
- Многу ме интересираат медицината и нутриционизмот. Мислам дека се тесно поврзани со спортот бидејќи не секогаш е доволно само да се тренира за да се биде добар. За еден спортист важно е да биде здрав, да се храни добро и да биде достапен, со цел да може да игра на секој натпревар, без повреди.
Во моментов планирам професионална кариера во кошарката, но секогаш имам втор план. Би рекол дека мора да е нешто поврзано со спортот бидејќи од мал сум со него и не знам ништо друго. Би сакал да играм што е можно повеќе и да ги покажам квалитетите. Се надевам и на понуди од надвор, а јас само ќе се трудам да ја оправдам довербата на тренерите - вели Петар.
Фото: приватна архива