Ева Ристова дипломира со просек 9,50 на ФДТМЕ: „Инженерскиот прстен е доказ дека ниеден сон не е недостижен“

Ева Ристова дипломира со просек 9,50 на ФДТМЕ: „Инженерскиот прстен е доказ дека ниеден сон не е недостижен“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Наградата не ме потсетува само на маките од студирањето, туку и на професорите, дружењето, поддршката, стекнатото знаење, отворањето нови видици и запознавање на себеси и своите можности, вели Ева

На 20. јубилејна церемонија претседателот Стево Пендаровски им го додели признанието „Инженерски прстен“ на 12. најуспешни дипломирани инженери. Меѓу добитниците на прстенот е и Ева Ристова, студентка на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Вели дека наградата ѝ претставува потсетник на сите непроспани ноќи, вложен труд, страв од тоа какви прашања ќе се паднат на колоквиумот...

- Верувам дека секој што го добил ова признание знае колкава е гордоста што си успеал да си докажеш дека можностите се големи и ниеден сон не е недостижен. Наградата не ме потсетува само на маките од факултетот, туку и на професорите, дружењето, поддршката, стекнатото знаење, отворањето нови видици и запознавање на себеси и своите можности - вели Ева.



Надградување во секоја област

Била одлична ученичка низ текот на целото образование и внимателно се посветувала на сите предмети што ги имала собирајќи знаење од секоја област и стимулирајќи се постојано да се надградува од сите аспекти.

-Ме интересираа многу области, учествував на различни настани, секции, натпревари со цел да се стекнам со искуство и знаење кое би ми помогнало понатаму. Одлуката да студирам на ФДТМЕ беше поврзана со мојот карактер и афинитети кои ги развивав низ текот на годините. Креативноста, иновативноста и огромната можност за влијание кон промена на светот беа три главни водилки кон запишување на овој факултет - споделува Ева.

На прашањето што ја движело кон успехот и постигнувањето високи оценки, таа вели:

- Како дизајнер на ентериер, во себе носиш еден сомнеж колку добро ќе успееш да дизајнираш парче мебел или целосен станбен ентериер кој ќе биде приспособлив на потребите на еден клиент, ќе биде ергономски правилен, но воедно и во тек со трендовите, модерен и пријатен за око. Тоа е предизвик кој тера постојано да бидете во тек со новите работи што излегуваат на пазарот, новите технологии и механизми кои се употребуваат во мебелот и знаете дека тој процес никогаш нема да запре, особено не во времето во кое живееме, кога човекот станува свесен колку му е потребен простор кој ќе биде практичен, доволен и комфорен. Човекот кој е фактор во оваа професија и за кого дизајнираме и правиме сѐ не смее да биде изложен на опасности и непријатности во текот на користењето на дизајнот. Поради овие причини, секој предмет во текот на студиите мора да биде детално научен, анализиран и запаметен со цел понатаму да може да се користи при работа - вели Ева.



Помачи се сега за да уживаш подоцна

Нејзиниот просек е 9,50 и според неа, просекот не игра никаква улога во доказот каков студент си.

- Побитно ми е во каква личност се изградив низ текот на студиите. 10-ката, колку и да звучи смешно, носи лична сатисфакција и радост кога ќе ја добиете. Знаете дека сте ја заслужиле и сте достојни да ја носите. А радоста кога родителите, семејството и пријателите ќе ја слушнат таа 10-ка е исто така непроценлива. Моментите во кои едвај чекаш да ги споделиш убавите вести со некого се оние што ќе останат засекогаш запаметени и тоа секогаш ме водело напред, да направам некого горд, а воедно да знам дека јас доволно се грижам и трудам да остварам добар успех кој понатаму ќе ме води низ животот -раскажува изјавува Ева.

За да се задржи континуираноста во успехот од прв до последен семестар, потребно е понекогаш да пропуштиш забави и дружби.

-Не е секогаш пријатно кога треба да одбегнеш забава или дружење со пријателите за да учиш цела вечер. Во такви моменти не размислуваме така и велиме дека многу пропуштаме, но има една реченица која секогаш ми одѕвонувала во главата: „Помачи се сега за да уживаш подоцна“, што и се потврди дека е така. Ништо не е изгубено ако пропуштите една, две, три забави, тие ќе се секогаш тука и дури станува позабавно кога имаш повеќе слободно време, а немаш испити. Не правев огромни жртви, но бев свесна дека времето треба да се планира одговорно, да се распредели, да се учи редовно и да се работи на препреките во текот на студирањето. Уживав во креативните предмети на проф. д-р Елена Никољски Паневски, кои се фокусираа на проектирање на просторот, запознавање со дизајнерски правци и историјата на целиот дизајн. Но, исто така, и проф. д-р Владимир Кољозов, кој нѐ запозна со спојот на технологијата, програмите и дизајнот. Кратката обука што ја посетував за CNC - програмирање во рамките на факултетот беше многу корисно надградување кое ме запозна како може кодот да придонесе и во нашата струка. И другите професори имаат своја заслуга бидејќи ни дадоа предизвици кои ни го разбудија интересот за оваа професија. Но можам да кажам дека најмногу се пронајдов во креативниот дел, предметите кои вклучуваат проектирање на ентериер и цртање мебел рачно и компјутерски - споделува таа.



Работам, експериментирам, ризикувам...

Ева моментално е на втор циклус студии на ФДТМЕ.

- Сакам да го завршам и тоа поглавје, па ќе размислам дали ќе продолжам на трет циклус. Во секој случај, мислам дека секојдневно растам на професионален план бидејќи активно учам во областа на дизајн, комбинирам технологија, делови од ИТ-индустријата и дизајн за да ги усовршам вештините. Работам, експериментирам, ризикувам во нови области за да добијам поглед кон свет со големи можности. Сметам дека интердисциплинарната работа е единствен начин за движење напред. Од мала сум сакала да направам некоја значителна промена во светот. Сѐ уште си ја барам таа главна акција, но прво ќе се фокусирам да стекнам искуство, да создадам круг на познајници и професионалци и да прифаќам предизвици кои верувам дека се клучен дел за мојот развој како личност и како дизајнер. Секако, сакам да имам свој бизнис, студио со голем тим и работам, дел по дел, на остварувањето на тие цели – вели Ева Ристова.



Какви промени би сакала да иницираш во твојата професија?

- Имам една конкретна идеја, кога би ги имала сите придонеси и можности, да се реискористат сите објекти што не се користат за ништо и стојат, да се редизајнираат, да се направат со цел да им се помогне на сите оние што немаат доволно средства да живеат удобен и безбеден живот. Исто така, да се редизајнираат студентските домови бидејќи она на што сметам дека најмногу треба да се фокусира државата се младите сили и треба да им се овозможи пријатен живот во текот на нивното основање како личности. Имам многу такви идеи кои би сакала и се надевам дека ќе најдам начин да ги остварам – истакнува нашата соговорничка.
Засега таа останува во Македонија и се надева дека тука ќе почнат да се ценат големите умови.