Ако наставата е онлајн од септември, треба да се трансформира процесот на оценување
Ако наставата започне повторно онлајн од претстојниот 1 септември, тогаш би требало и оценувањето на учениците да претрпи измени, рече проф. д-р Кирил Барбареев, на онлајн-
дебатата организирана од Факултети.мк и Деца.мк.
- Оценувањето е цела посебна наука, тоа бара посебно сега во овие услови цела трансформација и преформулација. Јас лично не сум убеден дека оценката треба да е клучната поента во еден образовен систем и сметам дека оценувањето не треба да е вакво какво што е кај нас. При онлајн настава, процесот на оценување бара еден сосема поинаков концепт на дебати, расправи. Овде не може да се оцени во вакви услови, многу е тешко да се стави оценка, поточно да се стави вистинска оценка. Трансформација на процесот на оценување е потребна, а треба да ја направи цел тим, потребен е нов концепт на оценување – смета професорот.
На прашање на наставник поставено до заменичката-министерка за образование и наука Елизабета Наумовска за тоа што со родителите кои не сакаат да соработуваат со наставниците, па нивните деца воопшто не испраќаат ниту домашни задачи и дали ова некој ќе го контролира, таа одговори дека и во минатото, во нормални услови наставниците имаат проблем во комуникацијата со одредени родители.
- Ние сме имале случаи во минатото и кога во редовна настава родителите не соработувале, не доаѓале на советувања. Наставниците заедно со педагозите и психолозите се надлежни во вакви случаи, тие треба да најдат начин да го решат проблемот со родителот. Класниот раководител е втор родител на детето, затоа е неопходно ако треба и да се посети семејството и да се разговара со родителите. И сега имало ученици односно родители кои не се вклучувале во онлајн настава. Сакам да ве уверам дека навреме ќе ги преземеме сите мерки во однос на контролата, да не се грижат ниту родителите и наставниците – рече заменик министерката.
А.П