Клучната вештина за успех во иднина според Бил Гејтс

Клучната вештина за успех во иднина според Бил Гејтс

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Бил Гејтс, милијардер и основач на компанијата „Мајкрософт“, минатата година зборувал на настан во едно средно училиште во Сиетл, САД, не кој бил прашан за идните генерации. Поточно, му било поставено прашањето за вештините што треба да ги имаат денешните ученици и студенти за да успеат во светот во 2030 и 2040? Гејтс одговорил едноставно.

- За љубопитниот ученик, ова се најдобри времиња бидејќи можноста постојано да го обновувате вашето знаење со поткасти или предавања што се онлајн е поголема од кога било - одговорил тој.


Фото: Wikipedia

Гејтс посочил на значењето на љубопитноста во поглед на добивање нови знаења во подготовката на учениците и студентите за иднината. Тој ги охрабрил студентите да учат за историјата, науката и економијата кои, според него, ќе бидат многу корисни за успешна иднина. Желбата за развој во комбинација со љубопитноста и постојаното учење ќе ги подготват студентите и учениците за промените што ќе се одвиваат во здравството и климатските промени.


Гејтс се откажал од студиите на „Харвард“ за да ја основа „Мајкрософт“ во 1975, но вели дека за време на студиите одел на повеќе предавања од потребното бидејќи предметите му звучеле забавно и интересно. Тој го задржал својот апетит за љубопитност и учење нови работи во текот на годините. Во едно интервју Гејтс изјавил дека чита до 50 книги годишно. Според науката, љубопитноста е добра за генералното задоволство во животот, не само за процесот на учење.


Фото: Pixabay

Повеќе истражувања покажале дека љубопитните луѓе имаат подобри односи, подобро се поврзуваат со другите и повеќе уживаат во социјализацијата. Освен тоа, луѓето ги сакаат и подобро се поврзуваат со оние што покажуваат љубопитност. Љубопитноста се поврзува и со способноста за оригинални идеи и зголемениот капацитет за водење.

Извор: inc.com