Првиот пловечки хотел се наоѓа во Северна Кореја

Првиот пловечки хотел се наоѓа во Северна Кореја

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Има нешто со водата што ги тера сите да помислат „Ах, да, би сакал одмор покрај вода“. И многу хотели се сместени околу вода, а некои дури и директно на неа.

Хотелот кој оригинално бил именуван „Пловечкиот хотел Џон Бруер“ бил изграден во Сингапур и се планирало да биде лоциран во близина на австралиското крајбрежје, во Големиот корален гребен, како првиот пловечки хотел во светот.

Сепак, низа несреќни случаи и финансиски проблеми го однеле во Виетнам, а потоа во Северна Кореја, каде што било одлучено да му се стави крај на неговото пловење. Ова е приказната за првиот пловечки хотел.

Даг Тарка, нуркач роден во Италија кој мигрирал во Австралија во 1935 година, се залагал за зачувување на чудата на Големиот корален гребен и споделување на неговите убавини со светот. По неколку деловни потфати тој станал клучна личност во развојот на пловечкиот хотел.

Резултатот бил ништо помалку од спектакуларен. Ветувајќи рај на море, пловечкиот хотел ги отворил вратите во 1988 година како пловечка 5-катна зграда, во која имало речиси 200 соби, голем број ноќни клубови, барови и ресторани, како и платформа за слетување на хеликоптери и тениско игралиште, но и подводна опсерваторија со 50 седишта.

Фото: Bored Panda

Хотелот бил широк 89,3 метри, а бил висок 27,6 метри над морското ниво. Официјално, пловечкиот хотел имал 98 вработени и можел да смести 365 гости.

Во еден малку ироничен развој на настаните, покрај првичната замисла на Тарка хотелот да служи како место каде што луѓето би можеле да му се восхитуваат на Големиот корален гребен, големи број корали морало да бидат отстранети од местото каде што бил сместен хотелот. Тоа предизвикало бес кај еколозите.

Но, проектот не го следела среќа и хотелот бил погоден од циклонот „Чарли“ во Квинсленд, наводно предизвикувајќи штета од 2,3 милиона долари. Дополнително, се покажало дека хотелот бил огромна финансиска загуба за компанијата која оперирала со него и бил ставен на продажба. Според одредени извештаи, компанијата што го поседувала прикажала загуба од 7,89 милиони долари за финансиската 87-88 година, земајќи предвид сè што се случило. Набрзо потоа било утврдено дека на околу 5 километри од хотелот било пронајдено огромно складиште за муниција од Втората светска војна.

Хотелот бил продаден и преселен во Виетнам, каде што оперирал десет години пред да биде однесен во Северна Кореја. Хотелот бил сместен на границата меѓу Северна и Јужна Кореја и служел како туристичка атракција за јужнокорејските туристи.

Во 2008 година, десет години по отворањето во Северна Кореја, имало инцидент во кој јужнокорејски турист бил застрелан во хотелот од страна на севернокорејски војник, што наводно довело до затворање на хотелот до 2018 година, кога лидерите на двете земји решиле одново да го отворат.

Фото: Bored Panda

Но, по многу години 'рѓосување, дури ни Северна Кореја веќе не го сакала хотелот. По минување на речиси 14.000 километри од Големиот корален гребен преку Виетнам до Северна Кореја во 1998 година, поминале уште 21 година кога Ким Јонг-ун го посетил хотелот и го критикувал запуштениот изглед, велејќи дека во неговата архитектура воопшто нема никаков национален карактер.

Тоа предизвикало планови за драстична реконструкција за да се задоволи естетскиот вкус на Северна Кореја. Многумина велат дека тоа го означува крајот на првиот пловечки хотел во светот по 3 децении обиди за негово одржување на вода.

Извор и насловна фотографија: Bored Panda