Дигиталната сфера сега е неизбежна реалност, а не иновативност – Интервју со мултимедијалниот уметник Никола Радуловиќ

Дигиталната сфера сега е неизбежна реалност, а не иновативност – Интервју со мултимедијалниот уметник Никола Радуловиќ

Подготвил: Орце Костов

Современите технологии силно влијаат врз уметничкиот израз и дозволуваат развој на нови идеи, формати и медиуми со кои се стигнува до публиката. Наградуваниот македонски уметник Никола Радуловиќ, кој живее и твори во Софија, ја искористи ерата на мултимедијалното изразување за што повеќе луѓе да ги видат неговите уметнички дела.

Никола Радуловиќ (1987, Куманово) дипломирал на Факултетот на ликовни уметности во Скопје, отсек-сликарство, а магистрирал на Националната художествена академија во Софија, насока - илустрација.

За мултимедијалната инсталација „Book of Sclavin” ја доби наградата за најуспешен автор и дело на 12. Биенале на млади уметници ја додели Музејот на современата уметност во 2018 година, а добитник е на прва награда за „Најдобро графичко издание“ за илустрираната книга „Бамбино“ од Здружението на издавачи на Македонија (МАИ).

Една од последните илустрации на Никола Радуловиќ беше дизајнирањето на една од лименките на „Лимитед Едишн Златен даб“.



Никола, дипломиравте на отсекот сликарство, а магистриравте на насокa – илустрација. Зошто ваков премин и зошто Софија?

- Загубив доверба во галерискиот систем во тоа време и го почувствував како балон полн со луѓе кои се занимаваат сами со себе и немаат никакво влијание во вистинскиот свет. Илустрацијата иако врзана за индустриските вредности ме привлече и како медиум во кој повеќе луѓе ќе ги видат моите работи и како начин од кој можам да живеам. Ова си го кажувам на себе си но можеби вистината е дека не бев којзнае колку добар сликар.

Кој е предмет на вашиот интерес, сликарството, анимацијата или текстот?

- Најмалку од сè пишувам, но би го определил како најголем интерес во кој другите визуелни медиуми се користат да пренесат или да раскажат една прикaзна. Приказни и митологија има многу и се непресушен извор за создавање на истите пак, но поинаку.

Дали се чувствувате како дигитален уметник кој интернетот го користи како галерија за изложување на своите дела?

- Мислам дека помина времето во кое дигиталната сфера беше иновативност, сега е неизбежна реалност. Интересно е што сега да се направи настан во живо од страна на НФТ-уметник се гледа како посебно достигнување. Времето се чини циклично и те тера да се движиш постојано со него.



Зошто гифот, што оваа анимација му нуди на уметникот повеќе од другите ликовни правци или изрази?


- Затоа што можеш да направиш визуелно дело кое се прикажува во движење како филм но работи постојано и не треба да стиснеш плеј или пауза. Единствено нешто кое го прави тоа е гифот. Анимациите може да се доживеат како илустрации, а не како класична филмска анимација.

Може ли гифот да ги објасни емоциите и чувствата како што тоа го прави сликата?

- Секако, гифот е сепак одреден број слики прикажани една по друга.



Каква приказна е „The Book of Sclavin“?

- Научно-фантастична приказна која го објаснува светот како едно циклично повторување дизајнирано како единствен начин да се избегне ентропијата. Во тој свет ние го преживуваме одново многу пати нашиот еволуциски развој од приматите до сега и во иднината каде што нашата цивилизација соочена со предизвикот на распаѓање на универзумот го креира тој временско-просторен балон во кој што може да продолжи да постои. Се состои од три дела. Првиот се одвива во 1981 во измислена социјалистичка република налик балканските од тоа време. Втората е далеку во иднината во која сме го покориле Сончевиот Систем и сме соочени со поразлични предизвици и третиот дел е игра која ја прикажува митологијата на светот во кој се одвива приказната.

Може ли по терк на ова дело да се дигитализира литературата, посебно детската која би била одлично анимирано четиво што лесно ќе го примаат младите?

- Имав идеја да се дигитализира севкупно само учебниот материјал и го претставив како проект во академијата во која завршив магистратура. Зборуваме за учебници по сите предмети на еден таблет во кој илустрацијата е интерактивна. Претставете си, анимирани примери за физика, 3Д модели кои можеш да ги завртиш во која сакаш поза за анатомија, лесно и практично обновени секоја година без потреба за сечење дрва за хартија итн. Наидов на големо противење од традицијата на печатење и целата индустрија околу печатените учебници. На средба со професорите на НХА во Софија бев дури обвинет за убиец на печатената книга. Како и да е, таа година и јас издадов печатена книга која се вика „Бамбино“. Сите го сакаме неодоливиот мирис на книгата.



Има ли иднина кај нас оваа уметност или визуализација на чувствата или мораме да се свртиме кон надвор?

- Ние сме дел од светот и покрај тоа што се чуствуваме изолирани од некои меѓународни институции. Се што се случува надвор, на овој или оној начин го има и кај нас.



Вие сте дел од рефлексијата на светската пивска култура откако го создадовте новиот дизајн на лименката на „Златен даб“. Дали илустрацијата помага на еден ваков бренд да допре до што поголема публика или потрошувачи?

- Да, илустрацијата и уметничкиот пристап стана дел од пивската култура покрај малите крафт-пивари и подоцна се рашири и во мејнстрим културата. Младите се љубители на убавиот дизајн. Се надевам дека не ги изневеривме.



Каква порака упативте со дизајнот на Златен Даб и каква порака имате за младите уметници?

- Уметноста за мене нема пораки и посланија, тоа незадоволство го оставам на политичарите. Гледам добри уметници насекаде, различни практики и гледишта и ми е мило што е така.