Актерот со најмногу улоги во холивудската историја
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Џејмс Хонг е препознатлив на глобално ниво. Досега има над 600 улоги и веројатно е актерот со најмногу улоги во историјата на Холивуд.
Тој посакал да стане актер како дете, а за тоа бил инспириран од аматерските кинески оперски претстави што се организирале во продавницата за билки на неговиот татко.
Хонг дипломирал на Универзитетот во Јужна Калифорнија, каде што стекнал диплома во градежништво. Работел како градежен инженер додека се обидувал да најде работа како актер или комедијант. Првата голема улога ја имал во серија со Граучо Маркс, а со тоа почнала неговата кариера во Холивуд. Во 1955 бил повикан за улога
во филм со Кларк Гејбл и оттогаш неговите улоги продолжиле да се зголемуваат.
Хонг снимал по 10 филма или серии годишно. Азијците добивале мали улоги во холивудските филмови тогаш, а такви биле и улогите на Хонг. Сепак, тој не дозволил тоа да ги ограничи неговите способности. Ги прифаќал улогите и работел на нив најдобро што знаел.
Во видео за Си-ен-ен тој открива дека понекогаш барал поправање на одредени улоги за кои сметал дека неправедно ги претставуваат Азијците. Сите овие искуства му помогнале на Хонг да основа актерска група заедно со актерот Мако Иваматсу. Оваа актерска група потоа се претворила во театарска група која сега е позната како „Ист Вест плејрс“. Групата прикажува дела од Азијци, кои и ги играат улогите и ги организираат претставите.
Фото: Wikipedia
Кога станува збор за Хонг, тој не е подготвен да се пензионира иако има 91 година. Вели дека ќе продолжи да снима сè додека може да оди или да зборува. До јули годинава Хонг има 469 улоги во телевизиски серии, 149 улоги во филмови, 32 улоги во кратки филмови и 22 улоги во видеоигри. Тоа се вкупно 672 улоги.
Автори: Триша Гопал, Доминик Тарнер и Дејвид Јим
Извор:
Си-ен-ен