Студенти од Машински и од ФЕИТ го прават првиот македонски болид
Осумнаесет студенти од Машинскиот и од Факултетот за електротехника и информациски технологии ќе го градат првиот македонски болид, од дизајн до производство, во рамките на инженерскиот натпревар „Формула студент“. Со помош на спонзори тие ќе произведат делови, но и ќе реупотребуваат стари, а на крајот ќе се тркаат со болидот на натпревар.
Од тимот ни објаснија дека во „Формула студент“ има два типа на натпреварувања - статички и динамички - за евалуација и за тркање.
- Организиран од Институцијата на машински инженери (IMechE) и поддржан од индустријата и светски познати инженери, натпреварот се стреми да поттикне повеќе млади луѓе да започнат кариера во инженерството, како и да развие претприемачки вештини кај иновативни млади инженери. Овозможува студентите да стекнат знаење во рамките на своите интереси, да ги покажат своите способности низ разните предизвици и да ги подобрат своите вештини за создавање квалитетен и конкурентен мотоспорт производ. „Формула студент“ вклучува два типа на натпреварувања - статички и динамички. Статичките вклучуваат евалуација на дизајнот, трошоците и одржливоста, при што тимовите ги презентираат своите концепти, иновации и деловни планови пред судиите. Вториот дел вклучува динамички натпревари, кои се тест на забрзување, „скидпад“, „автокрос“ и трка на издржливост, при што тимовите се натпреваруваат едни против други на тркачка патека за да ги покажат брзината, управувањето и издржливоста на автомобилот - објаснуваат студентите.
Познат како „Formula SAE“, првиот натпревар е одржан во 1981 година во САД, на Универзитетот во Тексас. Денес „Формула студент“ е глобален инженерски натпревар и се одржува во повеќе од 20 држави вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Германија, Италија, Хрватска, Австрија, Унгарија и други.
- Распространетоста на настаните овозможува студентите да се запознаат со инженери од нивен и од повисок ранг. Натпреварите обично се одржуваат во летниот период, а точниот датум може да варира во зависност од регионот и конкретниот настан - велат иноваторите.
Тимот е наречен MES Racing и се состои од 18 члена - амбициозни и иновативни студенти кои работат на првиот македонски болид.
- MES Racing e тим од 18 члена водени од заедничка страст за автомобилизмот и возбудливиот свет на инженерството. Тимот е основан првенствено на Машинскиот факултет, а моментално вклучува и членови од Факултетот за електротехника и информациски технологии. Наша цел е да го изградиме првиот македонски болид, покажувајќи ја инженерската моќ на нашата земја на глобално ниво - велат студентите.
Тие ни објаснија и кои се нивните задачи. Од дизајн до возење, студентите ќе бидат задолжени за сите нешта што вообичаено се прават при производство на еден автомобил. Процесот на изработка го започнале во октомври минатата година, а болидот се очекува да го видиме во октомври идната година. Студентите сега се во фаза на производство, а следува и склопувањето и тестирањето на возилото.
- Барањата вклучуваат дизајнирање и производство на болид, вклучувајќи погон, шасија, суспензија, аеродинамика, електроника и сѐ што е неопходно за негово функционирање. Автомобилот мора да помине низа технички прегледи и тестови, како што се тестови на сопирачките и тестови за бучава, за да се потврди дека ги исполнува стандардите за безбедност и перформанси. Како прв тим од Македонија, нашата задача е да поставиме добра основа и да се запознаеме со оваа проблематика, односно да направиме функционално возило кое лесно ќе може да се подобри во текот на наредните години. Бидејќи се работи за болид, најголемиот дел од компонентите се иновирани и детално проектирани од нашиот тим, а ќе бидат произведени во погоните на нашите спонзори. Дополнително има делови кои ќе бидат нарачани од производители специјализирани во ова поле и делови кои ќе се реупотребуваат од стари возила, т.е. ќе се адаптираат со цел да се намалат финансиските трошоци и да се промовира еколошката свесност во светот на автомобилската индустрија. Тимовите имаат една година да го подобрат своето возило и да се појават на натпреварот, но бидејќи ние треба да го проектираме, произведеме и тестираме првото возило од почеток до крај, одлучивме дека е најдобро тоа да се изработи во рок од две години. Процесот започна во октомври 2022 и временскиот план беше поделен на развој, производство, склопување и тестирање на возилото. Во моментов сме во втората фаза, а според планот, производството и склопувањето треба да се завршат до крајот на оваа година и преостанатите 6 месеци се посветени на подготовки и детално тестирање - разјаснуваат студентите.
Логото на тимот
Болидот ќе можеме да го видиме сите бидејќи, според плановите, ќе биде изложен на техничкиот кампус при УКИМ.
- Составениот болид ќе се потрудиме да го претставиме на што е можно поголем број настани, исто така планираме да организираме отворен ден кога секој ќе може да дојде и да се запознае со целиот процес и да праша сѐ што го интересира. Моментално не е одлучено каде ќе биде изложено возилото, но веројатно тоа би бил техничкиот кампус на УКИМ - велат од тимот.