Минимална плата не е доволна за да се студира дете во Скопје - кириите растат, а студентските домови се под клуч поради реновирање
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ нема да примаат студенти поради реновирање, па навала ќе има за „Гоце Делчев“, а ќе се нудат и ученички домови. Во исто време расте наемнината на становите во Скопје, каде што месечните трошоци по студент чинат дури седум пати повеќе отколку престој во студентски дом.
Сместувањето во државните студентски домови, каде што во некои од нив условите не се баш најидеални, и годинава ќе биде најевтината опција за македонските студенти од другите градови што студираат во Скопје. Месечната цена за сместување и исхрана изнесува 6.820 денари, од кои половината ги партиципира државата, па останува студентот да плати околу 3.400 денари. Тоа е за седум пати пониска цена во споредба со сместување во приватен стан. Годинава во Скопје посолидно опремен стан од околу 50 квадратни метри, во кој би можеле да се сместат двајца студенти, се изнајмува по 350 евра, што е за 20 до 50 евра поскапо од лани. По студент доаѓа кирија од 175 евра или над 10.700 денари. Ако кон ова се додадат и режиските трошоци од околу 3.000 денари по студент, па храна околу 15.000 денари, месечниот издаток е околу 25.000 денари или повисок од минималната плата во Македонија.
- Лани за стан од 50 квадратни метри во центарот на Скопје плаќавме 330 евра, а сега изнајмивме друг и цената е 370, сума што ќе ја делат две цимерки. Сакаме да е во близина на факултетот зашто изминатата година имаше проблеми со јавниот превоз во Скопје. Во студентски дом не сакаме да оди зашто имаме примери од други студенти кои беа сместени таму и не се многу задоволни. Некои се префрлија во приватни станови, а имаше и случај на студент кој се откажа од студирањето зашто факултетот му беше далеку, а во домот не беше задоволен - раскажуваат родители од Битола.
Што поскоро да се реновираат студентските домови
И родителите и студентите едвај чекаат да се реновираат студентските домови, со што ќе се обезбедат подобри услови за да не мора да плаќаат скапи кирии во Скопје.
- Мајка ми работи во маркет и цела минимална плата ја дава за да ме студира во Скопје, а дома живеат таа, татко ми и братчето со платата на татко ми. Итно треба да се реновираат домовите и тоа да биде што е можно побрзо за да не им бидеме толкав товар на родителите. Сакаме да учиме, јас имам предавања претпладне, а вежби попладне, не можам да си дозволам и да работам. Навистина тешко се издржува - вели студентка Анастасија М. од Струга.
Од Министерството за образование и наука велат дека е започнат процес на етапна реконструкција на девет државни студентски домови. Градежни активности веќе се изведуваат во „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, а наскоро ќе започнат и активностите во „Стив Наумов“. Поради реконструктивните зафати, овие два дома оваа академска година нема да примаат студенти. Така што и годинава најголема ќе биде навалата за домот „Гоце Делчев“. Надлежните велат дека ќе им се излезе во пресрет на студентите така што ќе им се нудат ученички домови за сместување.
Согласно договорот, реконструкцијата ќе трае 18 месеци
- Додека трае реконструкцијата, која согласно договорот со изведувачот треба да заврши за 18 месеци, на заинтересираните студенти кои ќе се пријават на конкурс за користење државни сместувачки капацитети ќе им се понуди сместување во студентскиот дом „Томе Стефановски-Сениќ“, како и во дел од ученичките домови кои не се пополнуваа целосно во изминатите учебни години - велат од МОН.
Во Скопје ќе работат домовите „Гоце Делчев“, „Пелагонија“ и „Томе Стефановски-Сениќ“, кои обезбедуваат 2.583 легла. Конкурсот за пријавување на студенти за престој во домовите е завршен, а за бруцошите ќе биде од 10 до 17 август.
- Цената за сместување на еден студент е 6.820 денари. Согласно членот 32 од Законот за студентскиот стандард, за студентите кои се сместени во државен студентски дом Министерството партиципира во цената за сместување и исхрана до 50% од утврдената цена согласно законот, а разликата до вкупната цена ја доплаќа студентот. Месечната цена за партиципација за сместување и исхрана, која ја плаќа МОН, изнесува 3.410 денари за еден студент, за најмногу 10 месеци во годината - велат од МОН.
Постои и категорија студенти кои се целосно ослободени од плаќање партиципација, односно МОН го надоместува целиот износ.
Цената за сместување во студентските домови е непроменета 16 години
Во извештајот на Државниот завод за ревизија објавен во март годинава беа нотирани состојбите поврзани со сместувањето и исхраната на студентите и функционирањето на државните студентски домови. Беше објавено дека има значително намалување на сместувачките капацитети кај сите државни студентски домови во периодот 2019 - 2022 година, односно од 5.815 легла на 4.490 во 2022 година, што претставува 77,28% пополнетост, но и отстапувања во бројот на сместени студенти во однос на предвидените со конкурсот. Објектите што ги користат домовите во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живеење. Воедно, констатирале дека постои незадоволство на студентите во поглед на исхраната, сместувањето и функционирањето на студентските домови.
Со ревизијата беше извршена е анализа на соодветноста на утврдената цена за сместување, која е основен извор на приходи на домовите, при што беше утврдено дека не е променета од 2008 година. Според анализата, оваа цена не обезбедува задоволително ниво на финансиска одржливост на домовите, што упатува на потреба од реално определување на економската цена за сместување и исхрана за студентите во државните студентски домови.
Фото: архива