Имаат ли помалите градови капацитет за квалитетни студии? Некои факултети ќе се селат во Штип и во Битола
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Голем број од државните факултети отворени во помалите градови пред десетина години не ги дадоа посакуваните резултати. Без посебен интерес за упис на студенти, немање доволно инфраструктурни и кадарни капацитети за реализација на квалитетна настава, ова се главните проблеми на овие студии.
По предлог на две пратенички групи, Комисијата за образование, наука и спорт вчера расправаше да се укинат дисперзираните студии на неколку факултети во рамките на универзитетите „Гоце Делчев“ од Штип и „Св. Климент Охридски“ во Битола. Предлагачите тврдат дека со измените нема да има дополнителни буџетски трошоци и сметаат дека законите треба да се донесат по скратена постапка.
Машинскиот факултет од Виница, Технолошко-техничкиот од Пробиштип и Електротехничкиот факултет од Радовиш ќе бидат префрлени во Штип поради неможноста за развој на овие три дисперзирани факултети што му припаѓаат на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Студенти на УГД
Во предлогот се објаснува дека законските измени се потребни со цел да се надминат проблемите со необезбеден простор за функционирање на факултетите, проблемите со кадровската екипираност на овие факултети, континуираното намалување на бројот на студенти, немањето можност за студентски живот на студентите во овие градови.
Според текстот на предлог-законот, наставно-научните совети на самите факултети веќе донеле одлуки за преместување на седиштата на овие факултети во Штип уште минатата година, а и ректорската управа на овој универзитет на 4 јули годинава донела одлука за покренување постапка за изменување на Законот.
- Трите факултети беа со закон формирани во 2008/2009 година. Овој предлог-закон потекна токму од нас, затоа што сметаме дека тие факултети не можат да се развиваат добро со средствата што државата ги издвојува. Во Штип подоцна беше отворен Машинскиот факултет и се покажа дека има многу поголем интерес. Не е проблем дали еден факултет е во помал град, туку дали државата сака да вложи во развојот на факултетот и да го направи солиден. Се надевам дека измените на Законот ќе поминат во Собрание - вели професорот Кирил Барбареев од УГД.
И Правниот факултет од Кичево најверојатно ќе го снајде слична судбина. Овој факултет работи во рамките на УКЛО во 2008/2009 и се предлага тој да биде преселен во Битола. Една од главните причини е што на дисперзираните студии во Битола има речиси петпати поголем интерес отколку во Кичево, каде што е седиштето, стои во предлог-законот.
Со мноштво проблеми и тешкотии се соочува факултетот од аспект на неговото непречено функционирање, одржливост и развој. Еден од проблемите е и малиот капацитет за прием на нови студенти во Кичево, општествениот амбиент за развивање на научната мисла и знаење, традицијата во правото и развојот на правната мисла и, воопшто, развојот на факултетот како самоодржлива и функционална високообразовна установа во Македонија.
- Оттука, како клучен аспект се наметнува интересот за студирање и запишување нови студенти во седиштето на факултетот во Кичево, како и можноста за општествено ангажирање на студентите во текот на студиите и можностите за нивно вработување по дипломирањето. Ваквата состојба сериозно го загрозува опстојувањето на факултетот и со тоа генерира многу проблеми кои директно ја загрозуваат неговата елементарна одржливост во согласност со член 27 од Законот за високото образование и одредбите од Уредбата за нормативи и стандарди. Од досегашната практика, земајќи ги предвид бројот на запишани и активни студенти, ангажиран или вработен наставно-научен и соработнички кадар, како и оперативната активност на факултетот во делот на организирање наставно-научни и научноистражувачки активности, може да се заклучи дека дисперзираните студии во Битола природно се наметнуваат како гравитационен центар на факултетот - стои во предлог-законот.
Се забележува поголем интерес за студирање на факултетот во Битола, и тоа во сите три циклуси студии.
- Дотолку повеќе, кон тоа придонесуваат и можностите што ги нуди Битола за студентите, традицијата на Битола во делот на правото (претходното постоење на Правен факултет во Битола од 1970 до 1987 година) и адвокатурата, како и кадровскиот потенцијал на Битола во делот на правната наука и другите сродни научни дисциплини. Имено, општествената оправданост за промената на седиштето од Кичево во Битола директно се врзува и со придобивките што би ги добиле токму студентите и факултетот како јавна високообразовна установа во Македонија. Со промената на седиштето на факултетот од Кичево во Битола ќе се зголеми атрактивноста на факултетот за упис на нови студенти, но и подобрување на досегашниот уписен тренд, и тоа не само во квантитативна, туку и во квалитативна смисла на зборот, притоа запишувајќи студенти кои своето средно образование го завршиле со висок успех - пишува во предлог-законот.
Во однос на регрутниот потенцијал на нови студенти, важно е да се спомене дека само во Битола има седум средни училишта чиј број на ученици е од 4.000 до 7.000, кои несомнено претставуваат база за регрутирање нови студенти кои своето високо образование би го продолжиле на Правниот факултет.
Се укажува и дека во Битола постојат Основен и Апелационен суд, Основно и Вишо јавно обвинителство, Канцеларија на народен правобранител, седум регистрирани извршители, 13 нотари, двајца медијатори и 146 регистрирани адвокати, како и голем број други јавни институции, приватни компании, регионални комори и заедници, и невладини организации, што несомнено отвора големи можности за воспоставување и интензивирање на различни форми на соработка со факултетот, а со тоа и отворање можности за стипендирање и поддршка на студентите во текот на студиите, можности за реализација на практична настава, волонтирање и стажирање, но и поголеми можности за нивно вработување по завршувањето на студиите.
Деканот на Правниот факултет, Горан Илиќ, смета дека ова би била правилна одлука со оглед на тоа дека Битола има традиција за правни студии и природно поголем интерес за студирање.