Имаме ученици што немаат сигнал за телефон, а камоли интернет. Наставата во средно во мали градови

Имаме ученици што немаат сигнал за телефон, а камоли интернет. Наставата во средно во мали градови

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Потешко им е на оние училишта што се наоѓаат во помалите градови и села бидејќи во многу од нив има проблем со недоволна покриеност со интернет, а има и ученици што немаат уреди за да ја следат наставата

Помина една недела од почетокот на учебната година, која за најголем дел од учениците во државата се одвива на далечина. И професорите и учениците секојдневно се соочуваат со предизвици, но ги решаваат во од. Потешко им е на оние училишта што се наоѓаат во помалите градови и села бидејќи во многу од нив има проблем со недоволна покриеност со интернет, а има и ученици што немаат уреди за да ја следат наставата.

Во гимназијата „Миле Јаневски Џингар“ во Македонска Каменица учат само 146 ученици во сите четири години. Иако училиштното раководство барало, не добило дозвола за организирање настава со физичко присуство.

Директорот на гимназијата, Круме Стојановски, за Факултети.мк вели дека сите вработени, заедно со учениците и родителите, се за тоа да има физичка настава наместо онлајн-часови, од кои не се многу воодушевени.

- Имаме гимназиско и стручно образование, односно освен гимназиските паралелки, имаме и рударска и текстилна струка. Имаме вкупно 16 училници, а една е од 50 квадратни метри. Во поглед на влезовите во училишната зграда, имаме два функционални влеза и еден спореден. Кога побаравме дозвола, нè одбија, ставот на комисијата бил на училиштата со повеќе од 50 ученици да не им се дозволи настава со физичко присуство. Доставивме ново барање до комисијата за двосменско работење, за да биде намален бројот на ученици, но сè уште не сме добиле одговор - вели Стојановски.

Фото: Архива

Во поглед на онлајн-наставата, во ова училиште се работи преку „Мајкрософт тимс“.

- Поради проблемите што ги имаме со националната платформа, работиме на „Тимс“. Го зајакнавме интернетот и оваа недела немаме проблем со интернетот во училиштето. Професорите си доаѓаат на работа, се вклучуваат без проблем и го предаваат предвидениот материјал. Кај дел од учениците имаме проблем, не можат да се вклучат и да следат часови зашто живеат во селска средина каде што нема сигнал ни за телефон, а камоли интернет. Тоа се средини чии жители подолг временски период бараа да им се постави антена, но, за жал, сè уште немаат - информира директорот.

И од Државниот просветен инспекторат и од Државниот здравствен и санитарен инспекторат ова училиште добило позитивни извештаи во однос на хигиената и условите за работа, но и покрај тоа нема дозвола за настава со физичко присуство.

Во училиштето учат 25 ученици кои немаат ИТ-уреди за работа. Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова за Факултети.мк рече дека сите ученици во основното и во средното образование што немаат лаптопи наскоро ќе добијат.

Во училиштето за средно образование „Методија Митевски-Брицо“ во Делчево учат 402 ученици, од кои 98 живеат во околните села.

- Вкупно осум ученици што живеат во селата немаат ИТ-уред, но гимназијата е во процес на набавка. Има и еден ученик кој нема пристап до интернет, но се работи и на решавање на тој проблем. Се трудиме да обезбедиме услови за сите ученици. Во однос на приклучувањето на платформата нема проблеми, професорите се обучени и знаат да работат на неа - информираат во училиштето.