Струја за која не треба жица - се пренесува преку теслини бранови. Иновација на ученик и наставник од Берово
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Приказната за иновацијата на беровскиот тим почнала лани кога средношколецот Марио Пеовски и неговиот професор по физика Владимир Капушевски почнале да работат на проектот
Светилки од иднината што не се поврзани со струјно коло, а може да светат и да продуцираат постојана светлина. Струја за една светилка која преку бранови ќе се пренесува на други светилки. Ова е иновација создадена од тим од средното училиште „Ацо Рускоски“ од Берово. Наречена „Светилки на теслини бранови“, идејата на амбициозните ученици и наставници доби поддршка и од Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на конкурсот „Предизвик за млади истражувачки 2“.
Учениците со својот ментор (во средина)
Учениците и нивните ментори вчера го посетија Изложбениот центар „Матка“ крај Скопје и ја видоа поставката - оригинални стари предмети, архивски материјали, филмови, фотографии, компоненти на електроенергетски систем и уникатни едукативни експонати изработени и наменети за учење преку интеракција.
Приказната за иновацијата на беровскиот тим почнала лани кога средношколецот Марио Пеовски и неговиот професор по физика Владимир Капушевски почнале да работат на проектот. Полека тимот се проширил и денес во проектот се вклучени и професорката по бизнис и претприемништво Цветанка Пеовска и учениците Евгенија Коловска, Марија Сирачевска, Андреј Бубевски, Емрах Реџепов и Алиса Џингова.
Тимот полека се проширил
Професорот Капушевски раскажува дека мотивација за реализација на оваа идеја бил интересот за струјата и струјните кола.
- Ученикот Марио Пеовски беше прва година, истражувавме заедно на воннаставните часови. Теслините бранови се предмет на изучување во модерното време. Самото име кажува дека прв ги истражувал Никола Тесла. Денес се интерес на голем број современи истражувања. Иако има многу контроверзии за истражувањата, тие може да бидат од голема корист во денешното време. Идејата на Марио е многу интересна – пронајде начин за примена на таквите бранови за футуристични светилки кои нема да бидат поврзани на струјно коло и ќе може да светат во холови, големи простории и институции. За системот се користат енергетски ефикасни материјали - објаснува Капушевски.
Проектот го реализирале во просториите на училиштето, а истражувањата ги спроведуваат и од дома. Менторката Пеовска објаснува дека за реализација на првичната идеја на ученикот Марио решиле да вклучат поголем број ученици кои покажале интерес за оваа област.
- Секој ученик што е дел од тимот има посебна задача. Условите за работа се скромни и се надеваме дека ќе се подобрат со реализација на вакви проекти. Планираме системот за светлина да се користи во училиштето - објаснува таа.
Корисно и за наставниците и за учениците
Тие секоја година ги следат повиците и натпреварите за иновации и претприемништво.
- Постојано учествуваме и освојуваме награди. Овој повик беше исклучително атрактивен за нас и нашето училиште затоа што со доделувањето на грантовите проектот може и да се реализира. Тоа беше дополнителна мотивација да се пријавиме - вели Пеовска.
На прашањето како овој ангажман и воннаставните активности влијаат врз интересот на учениците и нивната љубов кон физиката, Капушевски вели:
- Овие ангажмани ја зголемуваа љубопитноста, нивниот интерес и љубов кон физика, а особено кон електрониката. Бидејќи тоа што теоретски го учат во редовната настава може и практично да го применат и да осознаат за примената на физиката во секојдневниот живот.
Пеовска додава дека воннаставните активности се од големо значење не само за наставниците и за училиштето, туку најмногу за учениците.
- Овој начин на работа и учење ги поттикнува учениците на креативно размислување како и за генерирање голем бој идеи и нивно реализирање. Преку овие активности на училиштата им се овозможува реализација на поголем број проекти кои не може да се реализираат од страна на наставниците со наставните планови и програми. Така наставниците го пренесуваат своето знаење на еден поинаков и поинтересен начин за нив - вели Пеовска.