Дезинфицирани се студентските домови, а станарите да ги почитуваат правилата ако не сакаат да го изгубат леглото, вели директорот Николовски
Студентските домови, кои беа отворени пред еден месец за станарите, по нови правила и протоколи, деновиве комплетно се дезинфицираат. Дарио Николовски, директорот на Државниот студентски центар, за Факултети.мк вели дека иако има исклучоци, станарите главно ги почитуваат мерките.
- Мерките се почитуваат, но новиот бран на ширење на коронавирусот е во највисоката точка и тоа е момент за уште еден апел дека мерките и протоколите мора целосно да се почитуваат. Во спротивно ќе мора да реагираме со санкции, односно со можност за губење на леглото во дом. Се работи за нашето здравје и за здравјето на нашите најблиски. Ги охрабрувам студентите да соработуваме и да покажеме дека можеме - вели Николовски.
Студентските домови беа отворени пред околу еден месец, согласно одлуката на Владата и по препорака на Комисијата за заштита од заразни болести, да примаат станари со преполовен капацитет и со строго почитување на протоколите за заштита од Ковид-19.
На влезовите во студентските домови има бесконтактни диспанзери за дезинфекција. Забрането е користење на заедничките простории. Во мензите масите се оддалечени два метра, а на секоја маса може да седат двајца студенти.
Министерката Царовска кажа дека е важно да се обезбеди сместување за учениците и студентите што ќе имаат комбинирана настава, или физичко присуство во училиштата и на факултетите.
За студентските домови во Скопје капацитетот по протокол е 2.080 легла, а примени се вкупно 1.614 студенти. Ако некој факултет ја промени одлуката и место онлајн одлучи да држи настава со физичко присуство, оставена е можност да се примат студентите на места што ги добиле во домовите.
Фото: Државен студентски центар