„Сакам да одам, ама не е ниту паметно ниту безбедно“, „Кој се плаши, нека си седи дома“... Дискотеките отворени, еве што мислат младите

„Сакам да одам, ама не е ниту паметно ниту безбедно“, „Кој се плаши, нека си седи дома“... Дискотеките отворени, еве што мислат младите

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Полека се враќа во живот ноќниот живот. Бројот на оние што стравуваат од дискотеките, сепак, е поголем од бројот на оние што се забавуваат. Во мини-анкета направена од „Факултети.мк“ на прашањето „Дали би отишле во дискотека и покрај пандемијата. Дали сметате дека е безбедно?“, поголем процент од дадените одговори се дека не би отишле во дискотека и сѐ уште не се чувствуваат безбедни

Пандемијата силно се одрази во секој сегмент, па така и во ноќниот живот на младите. Коронавирусот целосно го смени животот на младите. Иако дискотеките и ноќните клубови почнаа со работа со капацитет од 50 отсто, стравот сè уште е присутен и младите не се чувствуваат безбедни при посета на забави. А и сопствениците на дискотеките и на ноќните клубови велат дека не работат со полн капацитет од дозволеното.
Во мини-анкета направена од нашиот медиум „Факултети.мк“ на прашањето „Дали би отишле во дискотека и покрај пандемијата. Дали сметате дека е безбедно?“, поголем процент од испитаниците или од дадените одговори се дека не би отишле во дискотека и сѐ уште не се чувствуваат безбедни.

Како размислуваат младите?

„Никако одење во дискотека во време на пандемија“, „Никој не е безбеден“, „Сакам да одам, ама не е ниту паметно ниту безбедно“, „Би одела само на отворено, во затворени дискотеки и ноќни клубови не ми е сигурно“, „Секако дека не е безбедно, вакцината не игра улога во пренесувањето на вирусот. Веќе неколку пати се докажа тоа“. „Не би отишол. Сметам дека не е безбедно.“

Ова се само дел од одговорите на нашите учесници во мини-анкетата кои, сепак, и покрај тоа што минатата недела се отворија дискотеките и ноќните клубови, претпочитаат да останат дома, на безбедно.
Но не мислат сите исто. Има многу лица кои едвај чекаа да се отворат дискотеките и да му се вратат на ноќниот живот. Велат дека полека се враќа во живот ноќниот живот.



- „Со две примени дози од која било вакцина треба да пуштаат на врата во диско и масите да бидат наместени по протокол. Во цела Македонија има активен ноќен живот, само во Велес е тапа“, е еден од одговорите на анкетираните.
„Јас бев во саботата, платив влез и добив гратис пијачка.“ „Излегов неколку пати, безбедно е.“ „Треба да се врати ноќниот живот. Кој се плаши, нека си седи дома на топло.“ „Безбедно е за нас, вакцинираните.“ „Штом можат да се држат митинзи, може да се оди и во дискотека“. „За мене е безбедно. Ја прележав. И за вакцинираните било безбедно, така слушам“ - се дел од одговорите.

Едвај 30 отсто од капацитетот е исполнет


Потврда дека пандемијата сѐ уште има големо влијание врз ноќниот живот се и полупразните дискотеки и ноќни клубови. Секако, има исклучоци, проциркулираа дури и информации дека не секаде се почитуваат рестриктивните мерки и дадениот протокол. Па така викендов некои скопски популарни дискотеки биле преполни, буквално луѓето се туткале, кажуваат младите посетители, додека дел од угостителите се жалат и велат протоколите драстично им ја намалиле работата.

- Ништо не е исто, иако почнавме со работа. За жал, короната сѐ уште има големо влијание врз сè, таа е присутна и кога не работевме и сега кога ги ослободија мерките и почнавме со работа. Ќе треба многу време за да се вратиме на старо и да ја вратиме довербата на младите. Сега иако е дозволено да се работи со капацитет од 50 отсто, едвај 30 отсто се полни објектот. Но многу лоша реклама ни направија, нè претставуваат како криминалци. И жално е што ова се случува само во Македонија. Тотално некоректен однос добивме од државата. За да одиме кон подобро, потребна беше вакцинација. Се вакциниравме за да бидеме слободни, да работиме и да го вратиме животот во нормала. И сега се чувствуваме искористени. Доволно беа 19 месеци без работа - ни изјавија од ноќниот клуб „Аватар“.



Од 15 ноември со две приемни вакцини во диско

Комисијата за заразни болести дозволи работа на барови и ноќни клубови - дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави во затворениот дел на објектите до 50% исполнетост од капацитетот на просторот.
- Мерките и препораките што ги предложи Комисијата за заразни болести, а ги усвои Владата се објавени на страницата vlada.mk. Општите препораки од Комисијата за заразни болести се истите што важат за однесување во отворен/затворен простор во угостителски објекти, со цел спречување на ширењето на ковид-19. Генералните препораки за заштита на сопственото здравје и здравјето на другите се одржување редовна лична хигиена, носење маска и навремена и целосна вакцинација - ни изјавија од одделението за односи со јавност на Министерството за здравство.

До 14 ноември за влез во кафеани и дискотеки потребно е сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот, односно примена најмалку првата доза од вакцината против ковид-19. Од 15 ноември ќе треба да имате примено две дози вакцина или сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, според најновите протоколи од Министерството за здравство.