Овие печурки може да станат вашата следна куќа, чанта или хамбургер

Овие печурки може да станат вашата следна куќа, чанта или хамбургер

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Мицелиумот, кој го претставува вегетативниот дел од печурките, е лесен за одгледување и целосно биоразградлив, па затоа може да стане еден од најбараните еколошки материјали во иднина. Од мицелумот може да се прават разни работи - од чанти до тули.

Мицелиумот е масата на разгранетите влакна во печурките. Тој е силен материјал кој може да се користи за многу намени, но производите од него природно се распаѓаат во краток временски период, за разлика од пластиката. Овие производи може да помогнат во борбата со справување со отпадот и може да го трансформираат начинот на кој произведуваме и користиме стоки. Еве неколку работи што би можеле да се прават од мицелиум.

Градежни материјали

Материјали направени со одгледување мицелиум на земјоделски отпад може да се користат како градежни материјали, со што би се намалило користењето на производи базирани на фосилни горива. Во 2014 биле направени тули од мицелиум, а студиото „Редхаус аркитекчр“ вели дека може да ги „рециклира“ напуштените домови со мешање на остатоците од градбите со мицелиум за да се добие нов материјал за привремени домови.


Облека

Производителите на облека сè почесто експериментираат со мицелиум за да создадат алтернативи на кожата и синтетичките материјали. Модната индустрија е еден од секторите што најмногу придонесуваат за загадувањето на воздухот, па мицелиумот би можел да биде решение за проблемот. Досега била направена „кожа“ од мицелиум, која била претставена на модна ревија во Њујорк.

Пакување

Мицелиумот може да се користи и за производство на пакети што се разградливи. Компанијата „Машрум пекеџинг“ користи мицелиум и други материјали за создавање пакети кои се разградуваат за 30 дена откако ќе се фрлат. ИКЕА и „Дел“ се некои од компаниите што изјавиле дека ќе пакуваат производи со материјали направени врз основа на мицелиум.


Фото: Pixabay

Месо

Мицелиумот би можел да се користи и како замена за месото. Компанијата „Меати“ тврди дека нејзините месни производи базирани на мицелиум користат 99% помалку вода и почва и испуштаат 99% помалку јаглероден диоксид од индустриското месо.

Медицински производи за еднократна употреба

Компанијата „Ековатив дизајн“ создала пена од мицелиум која целосно се разградува, а може да се користи за сунѓери, папучи или маски. Компанијата смета дека мицелиумот во иднина би можел да се користи за покомплицирани медицински производи, па дури и органи.

Автор: Натали Маршант
Извор: weforum.org