Резултати од анкета: Ни треба ли едукација пред легализација на марихуаната, би влијаела ли дозволата за употреба врз економијата?

Резултати од анкета: Ни треба ли едукација пред легализација на марихуаната, би влијаела ли дозволата за употреба врз економијата?

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

На прашањето дали легализацијата на марихуаната позитивно ќе влијае врз економијата, 64,7 отсто од оние кои ја поддржуваат оваа идеја одговориле со категорично да, а дел од анкетираните потенцираат дека пред легализација е потребна едукација не само за растението и неговите својства, туку и за прекумерната употреба

Многу луѓе го поддржуваат предлогот за легализација на марихуаната. Сметаат дека легализирањето би донело многу бенефити. Како најсилен адут за легализацијата на марихуаната го потенцираат и економскиот, покажаа резултатите од неколкудневната анонимна онлајн-анкета на Факултети.мк. Сметаат дека овој потег ќе привлече многу туристи, може да нè извлече од криза, дека ќе го подобри стопанството, земјоделството, ќе го развие бизнис-секторот, ќе ги задржи младите во земјата, ќе создаде нови можности за вработување, ќе отвори нови кафе-продавници, ќе се произведуваат многу нови продукти...
Ова се дел од одговорите на спроведената анкета за тоа дали треба да се легализира користењето на марихуаната, на која одговориле 4.660 испитаници. Од нив 71 отсто се за легализација, 61 отсто имаат пробано марихуана, а 27 отсто биле во друга држава со намера да можат слободно да консумираат марихуана.

Плодна почва за марихуана

На прашањето дали легализацијата на марихуаната позитивно ќе влијае врз економијата, 64,7 отсто одговориле со категорично да, 22,4 со не, а 12,9 со не знам.
На прашањето кој би бил позитивниот импакт од легализацијата, според испитаниците, листата е долга и отвора многу можности и придобивки.



„Многу семејства ќе живеат од одгледување марихуана“, „Имаме плодна почва, ќе заживее земјоделството, ќе се произведува квалитетна марихуана“, „Ќе има масовна потрошувачка, исто како со цигарите“, „Станува збор за билка од која можат да се произведуваат над 150 производи“, „Земјоделци од Македонија ќе можат да ја одгледуваат и да профитираат од тоа“, „Легализирана ќе се продава во посебни продавници“, „Ќе се отворат нови сфери во стопанството“, „ Ќе се овозможи домашно производство и поддршка на плантажите да продолжат со производство за во иднина да прават извоз“, „Како цигарите, ќе носи профит постојано“... пишуваат граѓаните.
- Би му се дозволило на обичниот граѓанин да ја одгледува како и секоја житна, овошна, зеленчукова култура, па понатаму законски да се откупува и разнесува во диспензерите каде што легално би се продавала - вели еден испитаник.

Оданочување на луксузот

Многумина сметаат дека на овој начин ќе се намали сивата економија и заработката на црно, а ќе се зголеми буџетот на државата, ќе се оданочи продукт кој носи многу приход. Ја потенцираат и потребата од прецизна и строга регулатива, доколку дојде до реализација на идејата која ја најави премиерот Зоран Заев, а и за која кажа дека треба прво добро да се разгледа.



„Па конечно и дилерите нека плаќаат данок на државата, не само обичниот народ“, „Ќе се оданочи луксузот“, „Ќе се намали сивата економија“, „Моментално имаме голем пазар на марихуана во државата, ако на тоа ставиме данок, ќе имаме бенефит сите“, „Ќе отвори нови работни места“, „Пораст на приходи од ДДВ, стимулирање на туризмот, отворање нови работни места во индустријата“, „Нема да се трошат ресурси на сузбивање криминалци, а ќе се добие уште една гранка во економијата“, „Многу нелегални пари ќе станат легални“, „Чисти пари подобри од валкани“, „Повеќе данок во државата“... се само дел од одговорите на лицата што се за легализација на марихуаната.
- И онака се сади, одгледува, продава и консумира, доколку се прави легално, би се плаќал данок за тоа. Секоја форма на легализација на сива економија поволно влијае.
Плус прилив на странски инвестиции, отворање локални бизниси и туризам - пишува друг анкетиран.

Дел наведуваат дека за подобрување на економијата на почеток мора да се легализира само марихуаната од македонско производство.
- Ќе се генерира приход од: даноци, акцизи (за увозна марихуана), лиценци за продавници. Индиректниот импакт е во: отворање нови работни места на плантажите, во продавниците и на сите поврзани гранки - пишува друг читател.

„Ќе бидеме Амстердам во мало“

Најголем дел од испитаниците сметаат дека државата ќе доживее револуција во туризмот. Дека ќе привлече многу странски туристи и ќе процути секој аспект од оваа економска гранка.
„Ќе бидеме Амстердам на Балканот, ќе доаѓаат странци“. „Канабис-туризмот ќе нè стави на мапата на светот. Никој нема да оди во дождливиот Амстердам ако може тоа да го прави во сончевиот Охрид“. „Кога ќе помине короната, ќе станеме туристичка Мека на Балканот“.

- Амстердам работи комплетно, со хотели, ресторани, цела Европа е таму. Градот е полн со позитивна енергија. Се продаваат сувенири, маици, цели бутици со симболот на трева. Економски тонеме, овој ни е единствен спас - потенцира една испитаничка.

-Легализацијата на марихуаната директно ќе придонесе во буџетот на државата, а притоа самите капацитети во угостителството и туризмот ќе добијат нова слика и димензија со дополнување на еден нов производ кој досега нелегално низ целата територија на нашата држава се консумира тивко и во тајност. Земете ја за пример Холандија. Милијарди се влеваат само од туризмот поврзан за легализираното користење на марихуаната - е одговорот на друг лик од анкетираните.

Потребна ни е едукација, парите за образованието...

Македонија треба да е дел од канабис-револуцијата која се случува во светот, сметаат анкетирани и не гледаат негативни последици од легализацијата на оваа билка.

-Легализацијата на марихуаната може само позитивно да влијае врз економијата. Еден пример, бидејќи имаме квалитетна почва за производство, извозот би бил доста добар за нашата економија. Исто така, би се замениле сите тие „благи седативи'“ од апчиња како лексилиум и дијазепам што реално прават поголема штета отколку што помагаат. Секој пациент кога би имал избор да земе апче или нешто природно како марихуаната, би го одбрал природното.

Во светот се случува канабис-револуција. За фармација да не дискутираме, побарувачката е огромна. И Амстердам беше неразвиен град, но по легализација на марихуаната стана туристичка дестинација и економски поразвиен град - се ставовите на испитаниците.
Некои дури споделија и бројки. Потенцираат дека Калифорнија профитирала 1 милијарда долари по две години од легализацијата, а првата година откако се легализира марихуаната во Колорадо, американската влада собрала 80 милиони долари само од данок од продажба на марихуана.
- Убаво би било Македонија да ги вложи тие пари во образовниот систем, медицина и се друго што е за никаде - пишуваат граѓаните.
Некои од анкетираните не го оспоруваат економскиот импакт, но сметаат дека е неопходна прво едукација. Не само околу својствата на растението туку и околу неговата употреба, која не треба да е прекумерна.

- Секако дека има позитивно влијание, но не со легализација на ваков начин како што моментално се практикува. Скопје не е Амстердам. Нам ни треба прво генерално знаење помеѓу граѓаните, да им се објасни што е канабис и какви сè бенефити имаме од ова растение. Луѓето сè уште имаат огромна стигма и мислат дека станува збор за дрога. Ние прво треба да ги научиме дека канабисот е лек, а потоа да спроведуваме декриминализација и легализација. Едукацијата пред сè.