Зорица Божинова, прва жена машиновозач во Македонија: Поминаа 5 години, а сѐ уште чека да ја вработат во „Македонски железници“

Зорица Божинова, прва жена машиновозач во Македонија: Поминаа 5 години, а сѐ уште чека да ја вработат во „Македонски железници“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Поминаа пет години откако Зорица Божинова од Гевгелија стана првата жена машиновозач во Македонија, но нејзината желба да работи во „Македонски железници“ не се оствари.

Државната компанија, која најчесто служи за партиски вработувања на нестручни кадри, а не на квалитетни поединци, заборави на Зорица иако таа ги исполнува сите критериуми.

Зорица ја засакала железницата уште како мала. Пораснала на железницата со оглед на тоа што нејзиниот татко неколку децении бил вработен во „МЖ Транспорт“. Била едно од оние железничарски деца што немале друг избор за превозно средство освен возот, но и кога се возела, обожавала да се вози во локомотивата.

- Секоја пасија си има свое огниште. Уште од мала ја имав желбата да бидам дел од железницата, но тоа го сфатив сериозно кога во СУГС „Владо Тасевски“ – Скопје отворија железничката струка каде што ми се даде можност за збогатување на знаењето за машиновозач, како и понатамошно добивање лиценца за машиновозач - открива Зорица.

Во секоја држава што ја посетува се вози со воз.

- За да добиеш лиценца за машиновозач, треба да ја поминеш цела железничка пруга низ Македонија. Но ако зборуваме до каде сум била со воз, во секоја држава што ја посетувам сакам да го почувствувам транспортот на шини, некако тоа ми прави ќеф заедно со сите туристички атракции. Цело време имам поддршка од целото мое семејство. Сега имам две деца и девојчето многу сака возови, уште од три години сме на исто ниво на возбуда кога ќе видиме воз - вели Божинова.

Полагањето за лиценца го завршила на 11 декември 2018 година, а лиценцата ѝ била врачена на 8 март 2019.

- Прво завршив средно образование: машиновозач за дизел и електрични влечни возила. Потоа бев три месеци на пракса во депо, а откога го завршив тој дел, три месеци бев на пруга како трето лице помошен машиновозач.
Кога го завршив и тој дел, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје полагав испит од два дела за проверка колку знаење сум стекнала во тие шест месеци. Со сите процедури, односно со полагањето како последно нешто за добивање на лиценцата, завршив на 11 декември 2018 година, а веќе следниот ден излезе конкурс за машиновозач на кој аплицирав зашто бараа и во подружницата Гевгелија три извршители, помошник-машиновозач – приправник.




За жал, не бев примена на конкурсот, иако бев единствено женско со положена лиценца за машиновозач, која требаше да ми ја издадат во рок од 30 дена, а мене ми беше врачена дури на 8 март 2019 година - се присети Зорица на лошото искуство при обидот да стане вработен професионален машиновозач во „МЖ Транспорт“.

Зорица не добила ниту ветување дека такво нешто ќе се случи и во меѓувреме работи во компанија каде што е презадоволна. Но, горчливиот вкус од тоа што никој немал слух за неа и покрај медиумската фама што се кренала околу тоа, останал и по пет години.

- Желбата остана неостварена поради нашиот систем на партиски љубители кои наместо стручен кадар, си вработуваат кадар кој допрва треба да се остручува. Мислам дека не го добив вработување поради тогашниот градоначалник од СДСМ кој не ме поддржа. Се трудев да стапам во контакт со него, но и покрај целата фама на телевизија, тој остана глув за мене. Сега работам во Даути транспортшпед – Скопје и сум презадоволна од досегашната соработка со моите надредени и поддршката што ми ја дадоа кога завршив за машиновозач. Досега никој се нема јавено или прашано што понатаму, а најмалку да ме известат дека има конкурс за машиновозач - објасни Божинова.

Во јавноста преовладува мислење дека кандидатите што полагаат нешто во железница или, пак, учат средно железничко училиште имаат предност и по дифолт добиваат работа во „МЖ Транспорт“ или „МЖ Инфраструктура“. Зорица нема такво искуство:

- Јас немав такво искуство и како прво женско машиновозач не ја добив работата откога ги завршив сите процедури за лиценцата. Најверојатно мојот дифолт ќе дојде подоцна.

Македонија напредува на полето на родовата еднаквост и жените се сѐ повеќе инволвирани во некогаш машките професии. Сега имаме жени кои возат градски автобуси, такси, камиони, но и авиони. Во 2024 година добивме и жена претседател и Зорица токму од неа очекува да ги урне оние малку останати стереотипи дека жените не можат да работат машки професии.

- Искрено се надевам дека со ваква промена што се случи - чело на државата застана првата жена претседател, ќе се рушат и тие стереотипи и ќе ми се даде шанса да се збогатам со искуство во „Македонски железници“ - порача таа.

Во моментов Зорица е на породилно отсуство и професионалните планови ги поместува за вториот дел од 2025 година. А предизвикот и желбата остануваат исти и за следната година.

- Моментално сум на породилно отсуство до јуни, па професионалниот план го поместувам за средината на годината и би сакала да ми се овозможи вработување во „Македонски железници“, со тоа би сакала да се надградувам во секоја гранка на функционирањето на железниците - рече Зорица и додаде дека очекува што повеќе жени да ѝ се придружат во нејзината професија.

Фото: приватна архива