Приказната за бегот кој на охриѓани им ја подари најубавата гимназија

Приказната за бегот кој на охриѓани им ја подари најубавата гимназија

Подготвил: Валентина Неловска, наш дописник од Охрид

Лектор: Ивана Кузманоска

Атрактивниот објект е изграден во француски стил и во едновековното постоење повеќе пати бил запоседнуван од различни освојувачи

Охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ гордо го носи името на просветителот, светецот и заштитник на градот. Речиси еден век во едукативниот развоен процес на средношколската установа се едуцирале многубројни генерации ученици, познати и помалку познати личности. Денес, во гимназијата настава посетуваат 750 средношколци во неколку наставни насоки, а за нивната едукација се грижат 55 професори.

Пет академици, стотина доктори на науки

Охридската гимназија отсекогаш важела за училиште со добри професори, познати по своето знаење и строгите критериуми при оценување на учениците. Се наоѓала на самиот врв од листата со најдобри образовни институции не само во Македонија, туку и во поранешна Југославија. Низ училишните клупи поминале многубројни генерации ученици, но и врвни професори кои образовале експерти од сите области. Од 1955 до 2008 година од гимназијата „Св. Климент Охридски“ се промовирани пет академици од различни области, како што се професорите Цветан Грозданов, Димче Коцо, Милан Ѓурчинов, Григор Каневче, Борис Чипан. Стотина некогашни средношколци од оваа образовна установа се стекнале со звањето доктор на науки од сите научни области до 2008 година. Меѓу плејадата врвни професорски имиња во гимназијата е и познатиот револуционер, сликар и публицист Моша Пијаде.



Објектот преживеал бурни времиња

Охридската гимназија се гордее со врвните интелектуалци што произлегле од нејзините клупи, но и со грациозниот објект. Навистина е посебна приказната за изградбата на ова училиште.
Зградата на гимназијата е подигната пред повеќе од 100 години. Изградбата почнала во 1908 година како подарок за охриѓани од Ејуп Сабри-беј. Атрактивниот објект е изграден во француски стил и во едновековното постоење повеќе пати бил запоседнуван од различни освојувачи. Преживеал бурни времиња, повеќе војни и неколку режими. За него се водел долг судски процес, а бил и опожарен зимата 1937 година. Пламени јазици го голтнале она што најмногу го красело - потпокривот со неговите обележја: двете куполи и убавиот часовник.
Во 2008 година локалната самоуправа со средства од Светска банка ја реконструира зградата. Старата француска дама (како што ја нарекуваат гимназијата) си го врати некогашниот сјај, покривот со прекрасните куполи беше обновен.

Сабри-беј бил капетан од прва класа во турската армија

Историчарот, проф. д-р Павле Митрески ги истражувал животот на градителот на охридската гимназија - Ејуп Сабри-беј и изградбата на објектот. Митрески вели дека донаторот ја градел зградата со многу ентузијазам и огромна љубов.
- Но, неговата љубов кон Охрид поединци ја злоупотребиле, му го одзеле објектот и му нанеле многу болка и непријатности - вели Митрески.



Сабри-беј бил капетан од прва класа во турската армија. Никогаш не се оженил и немал свои директни потомци. Покрај гимназијата, изградил и еден друг помал објект во нејзина близина, каде што сега е сместен Фондот за пензиско и социјално осигурување, а некогаш бил околиско началство.
- Сабри-беј сакал да изгради објект по кој ќе го паметат неговите охриѓани - вели професорот Митрески.

Ејуп Сабри-беј во 1907 година наследил чифлик и кула во селото Елшани од неговиот татко. Целиот имот му го продал на извесен Кочо Кордоски, ѕидар кој долго време работел во Белград заедно со син му. Во 1908 година почнал да го гради грандиозниот објект.
Охриѓанецот Сабри-беј и ресенчанецот Нијази-беј, кој го подигнал познатиот ресенски Сарај, биле добри другари. Заедно учествувале во Младотурската револуција и во сите војни што ги водела Турција во тој период. По примерот на неговиот пријател Нијази-беј, Сабри-беј одлучил да изгради училиште, но не како другите во тогашната Отоманската Империја, туку современо. Го избрал стилот на француското училиште во кое се школувале младите турски офицери во тоа време.



Изградбата не била лесна и долго траела

Митрески нагласува дека изградбата не била лесна и долго траела.

- Местото каде што требало да се подигне зградата било мочурливо, па затоа Сабри-беј морал да копа канали за одводнување и водата да ја спроведува до Билјанини Извори. За да ја зацврсти подлогата, донел огромни камења, а лично ги надгледувал градежните работи. Во близина подигнал шатор и не се оддалечувал од местото. Главен мајстор бил дунѓеринот по име Реџеп, а помошник бил мајсторот Спасе Костојчиноски од Вевчани. На објектот работеле вкупно 40 мајстори. Камен и тули се пренесувале од месноста Бејбунар. На зградата се работело три години, а непредвидените проблеми направиле таа да чини многу поскапо отколку што планирал Сабри-беј.



Само што ја покрил и ги завршил кубињата и часовникот, почнале војните, најпрво балканските војни, а потоа и Првата светска војна, па Сабри-беј со турската армија го напуштил родниот град. Во тие воени времиња зградата ја користеле сите војски што го освојувале Охрид. Најпрво во неа се сместиле српските војници, а во 1915 година дошле бугарските војски, па повторно српските.



Зградата го губи вистинскиот сјај во пожарот што избувнал зимата 1937 година поради неисчистен оџак, кога целосно изгорел потпокривот. Во еден дел од гимназијата тогаш живеел директорот Никола Крстиќ, татко на познатиот писател Анѓелко Крстиќ од Лабуништа. За среќа, пожарот бил навреме локализиран и изгаснат, со што била спречена поголема штета врз зградата. Кога Ејуп Сабри-беј дознал дека неговиот објект е опожарен, бил многу несреќен. По завршувањето на Првата светска војна дошол во Охрид за да бара отштета, но било залудно.
Иако пред тогашните власти поднел оригинална тапија, сопственоста не му била признаена. По 1913 година Ејуп Сабри-беј живеел во Анкара, а кога го повел спорот, бил мајор во турската армија. Во 1922 година ангажирал адвокати барајќи да му се вратат двете згради, гимназијата и објектот каде што денес е сместена подрачната единица на Фондот за пензиско и социјално осигурување. Во барањето навел дека помалата зграда ќе му ја подари на градот Охрид, а гимназијата сакал да остане во негова сопственост. Судскиот спор траел до 1933 година и завршил на негова штета.

Денеска гимназијата е гордост на охриѓани, но не само поради уникатниот објект. Учениците постигнуваат одлични резултати на државната матура, особено по предметот математика. Гимназијата е ризница на најдобрите матуранти.


Весна Цветкоска

- Гимназијата секоја година се гордее со своите ученици кои покажуваат одлично знаење и освојуваат високи резултати на државната матура. Со тоа го рангираат училиштето на самиот врв од државните училишта во земјава - вели Весна Цветкоска, директор на гимназијата.
Во учебната 2018/2019 година учениците биле на 4. место по резултатите од постигнатиот успех на државната матура.