„Војвотката од Делулуленд“ - дебакл на новиот серијал на Меган Маркл

„Војвотката од Делулуленд“ - дебакл на новиот серијал на Меган Маркл

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Целосно промашување. Нема други зборови за да се опише новото шоу на „Нетфликс“ - „Со љубов, Меган“, во кое Меган Маркл, или Меган, војвотката од Сасекс, во осум епизоди, сосема неубедливо глуми супер способна домаќинка која ги држи сите четири ѕида од куќата со свои раце.

До првата третина од првата епизода ќе размислите двапати дали да продолжите да гледате, бидејќи може слободно да се нарече најомразеното шоу на годината.

Домаќинските магии на војвотката


Во суштина, Меган нема поим што прави. Таа знае за кујната исто толку колку што би очекувале и од некој кој не поминал повеќе од една недела в кујна - веројатно толку се подготвувала за ова шоу.

На моменти изгледа како некој да се зеза со неа, а гледачите имаат впечаток како да гледаат серија на бизарни скечеви. На пример, кај неа доаѓа некоја „пријателка“ (наводниците се тука со причина) која навистина сака переци со кикиритки, па Меган купува кесичка со переци, ги префрла переците во друга кеса и ѝ става етикета на која пишува „переци со кикиритки“ затоа што... кралски.

Никој не знае што се случува.

Кулинарските вештини вклучуваат специјалитети како варени шпагети на кои некој фрла цвеќе во еден момент, тост со намаз на кој некој фрла цвеќе во еден момент, торта на која некој, поради некоја причина, истура цвеќе во еден момент, шампањ во кој некој фрла цвеќе во еден момент или изматени јајца на кои некој... Јасно ви е веќе. Сака цвеќиња во храната.

Освен тоа, таа постојано тврди дека готви за целото нејзино семејство иако е повеќе од очигледно дека нема шанси да го прави тоа, дека има доволно вештини да готви што било и дека тоа го прави во оваа недопрена кујна која е неизвалкана од кулинарски активности откако е направена... една недела пред почетокот на снимањето.

Сепак, готвењето не е сè што прави. Ова е само мал дел од разнобојната низа на работни активности што ги извршува Меган на нејзината фарма – „Ноќевање и појадок“, „Спа-центар“, игротека, езерце, овоштарник, пчеларник, (ботаничка) градина, домаќинството што таа (како што тврди) го води.

Таа е едноставно жена за сè.

Ако слушате сè што кажува само во првите две епизоди, излегува дека таа се буди во три часот наутро, по што оди да провери дали кокошките снеле јајца, потоа скока во градината да бере зеленчук, овошје и билки, ги молзи и кравите и овците за малку свежо млеко, собира малинки, капинки и боровинки, потоа го замесува лебот, го пече, па го размачкува путерот и додека путерот се стврднува, таа брзо сече десетина кришки сланина со машина за сечење месо, ги поздравува пчелите со „пчелин глас“ и бара малку мед, а потоа брзо оди во кујната каде што сето тоа го претвора во појадок.

И точно во седум, кога децата ќе се разбудат, тука е војвотката со насмевка од милион долари и џемпер (кој чини исто толку) лабаво прикачен на рамената за да ги испрати децата на училиште со топол појадок и песна од птици.

Пријателите што ја посетуваат во секоја епизода не ѝ се пријатели. Веројатно се познаваат, но немаат поим за неа и таа не знае ништо за нив. Минди Калинг, која доаѓа во втората епизода, не знае апсолутно ништо за неа. Таа не ѝ го знае ниту презимето, па во еден момент Меган, војвотката од Сасекс, ја поправа. „Пријателот“ од првата епизода случајно открива дека не ни знаел оти таа знае да готви, а тоа често ја изненадува дури и самата војвотка. Затоа што, всушност, не знае.

Сепак, тоа е помалку важно бидејќи секако некој што не ја познава нема поим дали готви или не.

Таа и уште еден пријател прават свеќи заедно и се восхитуваат на фитилите како да ги гледаат првпат. И така ги гледаат затоа што Меган, нели, не изработува свеќи, затоа што тоа нема смисла. Исто како што нема смисла да се организира забава за деца ако нема деца, што Меган го прави во втората епизода, така што сето тоа изгледа како да сте дошле на забава за чај за жена која неодамна доживеала нервен слом.

Таа прави мали подароци за децата, сендвичи за децата, шарени здрави грицки за најмалите и голем лак направен од сто шарени балони. И тоа би било прекрасно доколку во приказната има деца или детски роденден, но ги нема.


На детската забава се само таа и нејзината „пријателка“ Минди. Пијат коктел со цвеќиња на имот кој се простира на безброј хектари, трошат најмалку 500 евра за овошје што на крајот ќе го фрлат затоа што се премногу пијани и зборуваат како тоа е погодно решение дури и за оние што „живеат со ограничен буџет“.

Накратко, ова е готварска емисија на жена која не знае да готви, која на гости ги кани пријателите што не знаат да готват.

Сите вклучени се преправаат дека се нејзини пријатели, дека нејзината храна е вкусна и дека нејзините цветни аранжмани се прекрасни за да ѝ помогнат самата да сфати дека сето тоа постои само во нејзината глава и дека вистината е многу подепресивна.

Од друга страна, ако сакате апсурд, ова е апсолутен хит.

*Став на Хрвоје Марјановиќ

Извор: index.hr

Фото: YouTube screenshot