Црвенковска, Пармаковска и Андоновски – најдобри автори помеѓу два саема
Издавачот „Арс Ламина“ освои седум награди од Асоцијацијата на македонски издавачи
Фросина Пармаковска и Петар Андоновски
Билјана Црвенковска, Фросина Пармаковска и Петар Андоновски се најдобрите автори помеѓу два саема на книгата, објави Македонската асоцијација на издавачи. Младата асоцијација по вторпат додели награди, а за признанијата во осум категории одлучи жирито: Владимир Мартиновски, Нина Стефанова и Ласко Џуровски.
Црвенковска и Здравко Гиров ја добија и првата награда за најдобра книга за деца и млади „ТКЦП: Канџа во мракот“, издание на „Арс Ламина“. Второ место освои Ели Маказлиева за „Енциклопедија за деца“ на „Едука Мак“, а трето – „Глен-Супермен“ на „Антолог“.
За најдобра едиција е прогласена „Огнови“ на издавачкиот центар „Антолог“, на второ место е „Басни од Македонија“ од издавачката куќа „Арс Ламина“. За најдобро ликовно-графички уредено издание е наградена сликовницата – „Ѕвезденото дете“ од Ване Костуранов („Арс Ламина“).
Наградата за најкреативно издание ја доби боенката „Скопје 091“ објавена од издавачкиот центар „Три“ (прво место) и интерактивната сликовница „Ти и јас“ од „Арс Ламина“ (второ место).
Билјана Црвенковска
Управниот одбор на МАИ додели и специјална награда за општествена одговорност на КСЦ „Полица“ за повеќе проекти и донации и на издавачот „Арс Ламина“ за првиот „Водич за знаковен јазик“, проект за глуви и наглуви. Признанија за најдобри промотори на читачка култура освоија: блогот „Сакам книги“ и The Chick That Reads (Ана Томовска), додека за Кампања за подигнување на читачките навики кај децата – проектот „Читаме со Марија и Маги“ („Арс Ламина“).
Прво место за најдобро саемско претставување доби издавачки центар „Три“, второ место – „Арс Ламина“ и трето – „Арс Студио“.
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) е формирана на почетокот на 2016 година како независно, непрофитно и доброволно здружение што организирано работи на стручно оспособување и усовршување на своето членство.