Стрипот на денешницава – како таа изгледа низ него и кој ја исцртува?
Сепак, останувам во надеж дека сите ние ќе го дочекаме денот кога сите оние наративи, кои ќе ни го исцртуваат животниот стрип, ќе бидат поинакви и ќе мирисаат на старите, добри времиња кога различностите по сите основи ги доживувавме како истости, затоа што сите по животно образование, по воспитување, по вера и по религија бевме исти
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Кога би умеела да нацртам стрип, како еден креативно-искрен израз на внатрешната состојба и на сфаќањето на надворешниот свет, веројатно би имал многу страници, многу ликови, многу дејствија кои се врзани меѓу себе и многу аспекти низ кои би ја исцртала денешницава, онака како кутрата таа, се мачи, се провира низ тесните погледи, се искачува по мачните скалила, се обидува да потсети дека може, мора и треба да биде поубава. Но ете, умеам стрипот само да го напишам, да го опишам и да внесам во секое писание дел од себе, како обид за придонес токму кон она што на сите нас толку многу ни е потребно: враќање на разумот, добрата мисла, умот, трудот и чесниот приод кон нештата – сето она што ќе ѝ овозможи на денешницава третман за разубавување. Оној што нас самите првин ќе нè разубави, оти ние ја правиме, ја цртаме, ја обликуваме, ја дефинираме конечно и во неа така дизајнирана, живееме. Имам впечаток дека дел од таа слика на денешницава е и фактот кој секако придонесува за нејзината грдост, а се однесува на тоа дека постои сè помала подготвеност да се види реалната состојба, да се детектираат исцртувачите, да се посочат боите и нијансите што ги користат - она парче објективна стварност кое мора да се доживее како потег кој на сликата ѝ дава погрешна конотација, како и погрешно место/ѕид каде што би се закачила како дел од животниот ентериер. Затоа има сè повеќе стрип-исцртувачи за кои стварноста е само она што самите можат да го видат и за кои секој друг визир е ерес кој мора да се осуди и да се посипе со пизма, а има и сè повеќе читатели кои нештата ги толкуваат онакви какви што не се, ги прифаќаат онака како што не треба и со тоа го доцртуваат целиот стрип, додавајќи му тежина и комплексност.
Стрипов би можел да биде распослан на многу страници и со многу слики, но сепак ќе се задржам само на две, кои мислам дека во моментов сосема реално покажуваат зошто денешницава го има оној лик на искривени фацијални експресии, на настани кои ликовите ги предизвикуваат или ги оневозможуваат и зошто е толку тешко да се остане рамнодушен следач – нешто што во вакви околности за секој разумен човек е невозможно, а секако е корисно за здравјето, оти се гледа, чувствува и живее нешто толку необјасниво, да станува апсурд и со самото тоа добива тежина на непроменлива состојба. Еве како изгледа најновиот број на стрипот, за жал, во неограничен тираж:
Насловна страница
Дигитализацијата во образованието УА со крупен фонт. Жолто-црвен. Слики на компјутери, таблети и телефони со деца пред нив, со испаднати очи и искривени 'рбети. Слики со деца кои блажено лежат под ламба со книга в раце. Руинирани санитарни простории, тоалети од штици во рурални средини. Родителка со мегафон. Зад неа, посветени родители во позиција на поддршка на децата кои ги оставија дома да спијат, затоа што им е загрозена иднината и за кои ќе се борат докрај. И отаде крајот, ако треба. Ресорен министер фатен како се смее, прецртан со црвени линии позиционирани во меѓусебна прекрстена дијагонала. Сочни флоскули под сликата, во интерес на апострофирање на досега невидената неспособност и уништувачки афинитети. Во долниот дел од насловната страница, слика на Толковен речник, исто така прецртан со по две прекрстени линии. Под сликата, нови сочни флоскули кои посочуваат борба за бришење на термините кои ги живееме и кои, како никогаш порано се нашите модели на вербално постоење, оти во речник не им е местото.
Страница прва
Интервју со родителите кои се против дигитализацијата на учебниците. Против онлајн-наставата. Против воведувањето на родово сензитивните содржини од учебниците. За враќање на Етиката на религиите. За враќање на хартиените учебници оти само од нив може да се учи, затоа што го имаат оној добар стар мирис на знаењето, кое и нив ги продуцирало и поради кое се такви какви што се – учени и писмени. Што и на своите деца им го посакуваат. Не како надлежните кои очигледно не учеле и затоа сега си играат образование. За вклучување на родителите во образовните политики, кои толку многу децении се градат, ама токму сега е веќе навистина крајно време да бидат вклучени, прашани и испочитувани. Без прашања каде како родители биле досега, оти она што им се случува на децата, веќе им се нема случено. За враќање на децата во клупите оти доста беше веќе, а и оти ако не спијат и ако не додеваат по дома, децата се и онака надвор, зошто не би биле во клупите. Во прилог, слики на полни кафулиња. Короната и онака ја апсолвиравме, доста е. Против наставниците кои седат дома и земаат плата за неработење и ништо не ги научуваат нивните деца, кои наставата ја следат од кревет. Во заднина, слика со транспаренти подигнати во висина на лицата на оние што ги држат. Амбиентот е надополнет со барањето да се креираат протоколи за одржување настава со физичко присуство во услови на пандемија, која трае речиси две години (тоа што веќе постојат бидејќи има и настава со физичко присуство, секако не ја исклучува здушната поддршка по оваа основа и аплауз за говорникот – гласот на народот, под неговата слика во гро план). Финиш на интервјуто – заканата за посериозно протестно организирање во случај на неисполнување на барањата. На едвај месец дена до крајот на годината. За матурантите, пак, на едвај две недели до крајот. За речиси сите важи истото, кога ќе ги прашате: не се баш целосно запознаени зошто не се на настава. Родителите знаат, доволно е.
Кога и под оваа страница во стрипов би постоел простор за коментари на читателите, јас би сакала да прашам многу нешта. Би се обидела по којзнае кој пат, и по цена на лични дисквалификации на кои секој здраворазумен учител, кој е тука за и заради децата, веќе е навикнат, да објаснам. Но свесна сум дека е предоцна и дека стрипов е затворен. Ликовите се тие и можеме само да го чекаме наредниот број. Евентуално, да се надеваме на помал тираж.
Страница втора
Во топ-позиција, линкот до електронската верзија на првиот Толковен речник на македонскиот јазик. Под него, појаснување дека тој ги опфаќа сите лексеми во нашиот јазик, проследени со одредниците „разговорно, пејоратив или вулгаризам“ кога се во прашање зборови кои, како што произлезе, ставени во речник се општествено неприфатливи, навредливи и за осуда, но подразбирливи и сосема оправдливи во непосредната комуникација „во живо“ надвор од речникот. Надвор од сите контексти на пристојно и одмерено манифестирање на ставови, како аутфит кој реално го живееме и на кој ги учиме и нашите деца. Под појаснувањето, уште едно појаснување посветено на фактот дека Толковниот речник не е водич за употреба или неупотреба на одредени зборови, туку збирка на термини со описи на нивните значења во земјата, како формат кој постои и во земјите на кои милуваме да се повикуваме кога сакаме да апострофираме колку сме за никаде. Лево, слика на налутен граѓанин кој конкретниот термин го доживеал како лична етикета. Десно, слика на даскал со нацртано облаче над главата, во кое со избран наратив ја манифестира сочноста на своето мислење по ова прашање. Подолу, силен жолто-црвен фонт со кој е изразено воодушевувањето поради повлекувањето на конкретните зборови од речникот, како своевидно научно лексикографско издание.
Кога и под оваа страница на стрипот би постоел простор за коментари, јас би сакала пак да прашам многу нешта. Би се обидела, пак, по којзнае кој пат, и по цена на лични дисквалификации на кои секој здраворазумен човек, кој е тука за и заради животната исправност, ум и чесност, да објаснам. Но пак ќе кажам: свесна сум дека е предоцна и дека стрипов е затворен. Ликовите се тие и можеме само да го чекаме наредниот број. Евентуално, да се надеваме на помал тираж.
Ќе го затворам стрипот тука. Бидејќи ќе се појави во електронско издание, го знам, прифаќам и во основа, го ценам ризикот за употреба на зборови кои не се за во Толковниот речник, но се за јавно манифестирање на сопствените ставови. Тоа е едноставно така. Толку можеме. Сепак, останувам во надеж дека сите ние ќе го дочекаме денот кога сите оние наративи, кои ќе ни го исцртуваат животниот стрип, ќе бидат поинакви и ќе мирисаат на старите, добри времиња кога различностите по сите основи ги доживувавме како истости, затоа што сите по животно образование, по воспитување, по вера и по религија бевме исти: Луѓе кои сакаа да живеат заедно и да се борат за истото, затоа што не им беше важно против кого се борат, туку против што. И за кого, секако.