Томислав Османли, писател и новинар: Најкрупната маана на македонската култура е што ги заборава своите великани

Томислав Османли, писател и новинар: Најкрупната маана на македонската култура е што ги заборава своите великани

Подготвил: Весна Дамчевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Една сериозна културна политика мора да има повеќе слоеви и неколку фокуси, пред сѐ, давање примат на оној на елитната култура, и особено на елитната литература кај што потенцијалите сѐ уште се најголеми. Литературата е, тука за мене не постојат дилеми, епицентарот на градење мериторна култура: национална, историска, интеретничка. Зошто, еве да илустрирам, до денес го славиме Блаже Конески? Зошто сѐ уште, кога ни се потребни, се повикуваме на нашите авторитетни писатели, на Рацин, Шопов, Славко Јаневски, Чинго, Матеја Матевски...? Зошто авторитети бараме исклучиво во нашето книжевно минатото, вели Томислав Османли


2001 е прогласена за Година на Конески, а Вие напишавте и објавивте поема во негова чест со наслов ,,Бденија Блажеви“. Колку сѐ уште е инспиративен овој великан за Вас лично, но и воопшто за македонските автори?


- Чествувањето на личноста и делото на Блаже Конески го сметам за клучен културен чин со оглед на темелните вредности со кои тој првенец ги задолжи својот народ, книжевност и култура. Особено ми е драго што тоа доби не само национални, туку и меѓународни референци, пред сѐ, со комеморирањето во УНЕСКО, но и од руските лингвисти, објавите на негови песни на различни јазици. Придонесите на Конески се недобројни и неизмерливи. Најважните од нив се однесуваат на стандардизацијата на македонскиот јазик, лингвистичките истражувања, цврстите научни постулирања на личности и дела на негови историски претходници и посебно, на неговите сјајни литературни постигања: на чудесните стихови, спокојни, длабоки и мудри што можеше да ги создаде само дух на даровит литерат, притоа и енергичен, посветен ерудит и вљубеник во својот народ и во својот јазик. Конески со тие придонеси станува еден од современите темелници на македонското пеење и како што го читам и препрочитувам, одново се уверувам во врвното мајсторство на овој великан: да се пее навидум леко, а во суштина, под епителот на песните да пулсираат вознемирени дамари од интимните доживувања, дилеми, па и драми на еден стивнат лирик, но еднакво и оние потекнати од судбината на неговиот народ и јазик изложени на постојани негирања или омаловажувања.
Во сите тие вредности и во тие придонеси кон македонскиот јазик, култура и идентитет, би сакал да потсетам дека оваа не е само година на Конески. Годинава сто години од раѓањето, исто така, одбележуваат и не помалку важните дејци, како нашите великани Коле Чашуле и Благоја Корубин, сликарот Пецо Видимче и театарскиот и филмски актер Трајко Чоревски. Што ќе беше, само да илустрирам, македонската драматургија без Чашуле, кој ја поврза генерацијата ботови драматичари со онаа модерната чија дејност сѐ уште трае? Но, за Чашуле, Видимче, Трајко Чоревски – замолк. Академски и културен. Освен списанието „Современост“, кое во претстојниот број ќе ги чествува двата знаменити книжевни дејци. Не смееме да се помируваме со најкрупната маана на македонската култура, перманентно да се забораваат чествувањата на личностите и придонесите на нашите великани и само пригодно, некојпат дури и воопшто, да не се комеморираат големите дела и имиња на нашата елитна уметност; на академското образование, науката, хуманистиката и воопшто на најкрупните постаменти на националната култура. Тоа, се плашам дека ќе ни се случува и одново, ете дури и оваа година во која го чествуваме столетието на Блаже Конески, една од најсјајните личности на сите домени што понапред ги споменав. Величејќи го тоа богато разгрането, коренито дело и лик на Конески, и тоа во тежок час кога овој народ јазик и култура ги поднесува новите удари однадвор и чудните попустливости и компромиси однатре; и јас, со својата поема „Бдеења Блажеви“, поднасловена „Пеења до потомците“, се обидов да го славам нашиот корифеј, но не пригодно, туку, се надевам, поетички мотивирано и критички ангажирано.



Долги години поминавте во медиумите, Ви недостига ли новинарството? Или вакво какво што е денес и не толку?

- Тоа е како да ме прашувате дали ја мислам својата прва љубов. Секако дека ми недостига. Но, сосем сте во право, оваа полицентрична, интересовна медиумска мелница и центрифуга, во каква денес се претвора процесот на професионално информирање е далеку од добро, сѐ почесто и надвор од елементарно новинарство. За тоа е виновна сопственичката структура на медиумите, спротивставените центри на моќ; партиите, лидерите и воопшто интересовните групи, практично вршат купопродажба на слободното и ненавивачко, ајде да не кажам објективно информирање. Денес ѕвезди во професијата не се производителите на продлабочени анализи, туку на конфликтни емисии и прилози, на новинарство што се замешува во политиката наместо да ја проследува и критички да ја опсервира. Кога сме имале ваква поплава од полувистини и невистини? Лажните вести речиси стекнаа право на граѓанство. Се задушуваме во плимата на полувистини и еднострани, пропагандистички вести во која главната жртва - давеникот е општествената јавност. Граѓанинот. Оној „во чие име и за чија сметка“ како што гласи една стара правна флоскула, се инсталира демократското и плуралистичко устројство на општеството и кое треба да функционира како совесна, просветена и, пред сѐ, социјална држава.
Деформираниот систем на информирање успева да го „сврти на глава“ и дијалектичкиот закон дека квантитетот нужно преминува во нов квалитет, но – полош. Во таа перспектива не изгледа парадоксално ниту заклучокот дека во „едноумието“ имавме повеќе вистинско и авторски вредно новинарство одошто го имаме денес во хаосов на „слободата на изразување“, едноставно зашто тогаш постоеле и постоеја професионални, а богами и кадровски узанси, а вистината што тогаш можеше да се премолчува, денес се уситнува на мали парчиња и се контраполира во еден мозаик во кој човек залудно ја бара комплетната слика.
Чаре? Чаре може да има само во неколку корективи што ќе ги диктираат автентичните журналистички вредности: прво, државата да се јави како финансиер на медиумски куќи чиј основен постулат ќе биде независноста и неприпадноста, зашто кај нас не постои можност да се здружуваат новинари и уредници во акционерски водени слободни медиуми како што е тоа случај во некои средини на Запад со примерните медиуми, пред сѐ, од редот на реномирани весници. Кај нас, типично за балканизмот, кој како политичка не/култура сѐ повеќе нѐ владее, македонската држава, на самиот почеток на плурализмот, не ги поддржуваше, ами ги затвораше своите медиумски куќи. Неопходна е изострена работа на регулаторните тела, тие да си ја работат работата како мериторни чувари на општествените вредности и на професионалните принципи, а етичките комитети на новинарските асоцијации да се составуваат од кредибилни општествени лица надвор од новинарството кое, за жал, е потпаднато под политички и под економски влијанија. Во спротивно, тиранијата на диригираното новинарство ќе продолжи до бескрај. А ние, од „претходната страница“ на македонското новинарство, ќе продолжуваме да тврдиме дека тоа новинарско поглавје беше - подобро.

Важите за интелектуалец од врвен ранг. Како ја оценувате општата ситуација во земјава, и особено културната сцена, не земајќи ја предвид пандемијата, која секако измести сѐ?


- Како површна до доминација на маргиналистички концепти. Типично за кампањскиот дух што нѐ владее, фокусот од државно-партиската култура на претходната, оваа власт го помести на маргиналистичката и алтернативна култура. Фокусот, велам – а тој фокус, кога се поставува или ваму или таму – во суштина сѐ уште функционира како монистички! Една сериозна културна политика мора да има повеќе слоеви и неколку фокуси, пред сѐ, давање примат на оној на елитната култура, и особено на елитната литература кај што потенцијалите сѐ уште се најголеми. Литературата е, тука за мене не постојат дилеми, епицентарот на градење мериторна култура: национална, историска, интеретничка. Зошто, еве, да илустрирам, до денес го славиме Блаже Конески? Зошто сѐ уште, кога ни се потребни, се повикуваме на нашите авторитетни писатели, на Рацин, Шопов, Славко Јаневски, Чинго, Матеја Матевски? Зошто авторитети бараме исклучиво во нашето книжевно минатото? Тоа, се разбира, не е случајно; тоа е така зашто литературата е најстариот и најстежнатиот дел од културата на еден народ, зашто во себе го сожима и уметничкото создавање, и јазикот, и темите, и преокупациите на едно совремие. Дали таа култура денес доминира во практиката? Дали тој систем на вредности го води културниот процес? Дали сте виделе премиер на промоција или лидер на партија на отворање изложба или на премиера, освен доколку тоа присуство нема партиски или етнички предзнак? Културата во очите на власта последниве две децении сѐ помалку е цел и смисла, таа денес е феуд на моќта, само средство за спроведување идеолошки концепти и политики. Меѓутоа, во златната доба на македонската државност и култура, а тоа е особено периодот од 60-тите до 80-тите години, тоа беше случај. Тогаш се афирмираше македонската литература, нашиот театар, сликарство, нашата уметничка музика, македонскиот филм. Тогаш нашите писатели го креваа гласот и против политичките структури и моќници. Се водеа книжевни полемики и се пишуваа смели коментари.



Покрај книжевни текстови, сте пишувале за филмот, за стрипот, за сите уметности, сепак, која Ви е најдрага?

- Најдрага ви е, обично, онаа со која креативно се занимавате во моментот; а јас и денес сѐ уште негувам интересирања за сите творечки домени што ги споменавте; а стапувајќи со поемата за Конески, еве токму на оваа средовечна возраст, и на земјата и на поезијата, нив дури и ги проширив. Пред тоа напишав две театарски пиеси, едната „Нишала од злато“, всушност, е историска драма за еден битен балкански и мултикултурален наратив каков што е содржан во приказната за Ташула и Џеладин-бег, осветлен, сакам да верувам, во сосем современ мултикултурален клуч; и втората, која се вика „Враќање дома“, за амнезијата на ова време спрема вредностите на ова место и простор и – за заминувањето на младите луѓе од него. Само што ја завршив работата врз сценарио за историски документарец, моментно ја привршувам книгата за стрипот за издавачката куќа „Бегемот“, во која поглавјето за создавањето, авторските личности и развојот на македонскиот стрип - кој има над 80-годишен, последнава деценија, речиси експлозивен креативен развој - со истражувањата што ги работам со години, веќе ја испишав во обем на цела една книга, по себе. Во неа се сите имиња, појави, стрип-дејци и групи, сите творби и придонеси на „деветтата уметност“ во нејзината деветта продуктивна деценија на македонска територија. Имам и други ангажмани – наскоро треба во „Авант прес“ да се појави мојата книга со шест големи, опсежни интервјуа што со пионери на неколку уметнички домени сум ги имал пред три децении. Очекувам објава на мојот последен роман, дистопијата „Бродот. Конзархија“ во Србија.

Вашиот роман „Дваесет и првиот“ беше прогласен за роман на годината во 2009 година, а потоа беше и македонски кандидат за наградата „Балканика“. Колку во тој период наградите Ви го кренаа творечкиот порив?

- Веројатно го допоттикнуваа, но некако случајот кај мене беше обратен, наградите и признанијата доаѓаат како резултат на креативната работа. Се обидувам и натаму да се држам до тоа. Верувам во посветената творечка работа. Кимвалот, што би се рекло со јазикот на свети Павле, не ѕвони без љубов.



Раскази, романи, пиеси, драми, сценарија, сето тоа е во Вашето портфолио. Каде најмногу се пронаоѓате или, пак, немате афинитети кога се работи за пишувачкиот интерес?

- Па како што реков, во сето тоа. Не ме напушта креативното љубопитство и уживам кога се задлабочувам во една тема за која пишувам, независно во која од споменатите форми. Истражувањата и продлабочувањето на сознанијата се едни од најубавите делови на творечката авантура. Истражувам по книги, низ стари весници, меѓу клипинзи во моите одамна архивирани теми, на интернет, барам мислења од луѓе, среќавам сведоци или познавачи на теми и проблематики. На пример, во драмата за Ташула и Џеладин-бег Охридски, материјал собирав и архивирав речиси 4 децении, па така за овој мотив, кој книжевно, театарски, историографски, публицистички и фељтонистички, многу пати и многу темелно бил обработуван, успеав да пронајдам неколку оригинални фактографски теми кои ги немаше во сиот тој материјал, и кои ми послужија, како клучни мотиви и метафори, за создавање на моето видување на трагичната приказна „Нишала од злато“. Особено кога едно откритие на нечија биографија, некој документарен факт или историски наратив ќе „кликне“ со контекстот поради кој се презема. Тоа е големо задоволство.

Често сте присутни со своите објави во земјите од регионов, особено во Грција. Како гледате на недоволната културна соработка со оваа земја, како последица на нерешените политички прашања?


- Треба да се ослободиме од стереотипите со кои се доживуваме едните со другите. Тие, за жал, многу ги доминираа нашите релации. Нема друг начин за тоа, освен размената на културни добра, уметнички творби и меѓусебни рамносилни претставувања. Трговската размена, економската соработка, пригодните политички средби итн. секако дека се битни, но тие не ги разбиваат стереотипите наслоени во текот на барем цело едно столетие од конфронтирана историја - само ги туркаат настрана од платформата на корпоративните интереси од кои фајде имаат сегменти, не народите. Тука културата и размената на уметнички добра и вредности може најмногу да стори, се разбира, под услов тоа искрено да се посакува. Неодамна бев поканет да учествувам на еден македонско-грчки интернет-форум посветен токму на оваа тема. Мислам дека заложбата што ја изнесов таму е дека ако сакаме вистинска размена, треба да се формираат културни центри, во Скопје грчки; и во Атина - македонски културен центар; не, како што е тоа вообичаено, во градови и региони од, условно, етнички интерес на двете страни, да речеме. Солун и Битола. Тоа би било погрешно. Ние треба да разменуваме магистрална култура во меѓудржавна размена и покровителства. И не само со Грција, со сите соседни, но и релевантни европски култури. Дел од тие културни размени се случуваа во периодите на т.н. културна дипломатија, но беа политички мотивирани и, се разбира, кампањски. Дека официјалната размена може да функционира многу продуктивно, покажаа активностите на нашата поранешна генерална конзулка во Солун, Маја Анастасова, која неколку години со ред пред грчката културна јавност претставуваше наши автори, како Александра Прокопиев, Вера Стојчевска-Антиќ, таму се случи чествувањето на Блаже Конески со учество на истакнатиот грчки писател Костас Валетас, па и претставувањата на две мои прозни книги. Па, сепак, ни тоа не е доволно. Ние, на пример, никогаш не возвративме со крупен државно-уметнички проект, на посетата на Микис Теодоракис на Скопје со неговото симфониско дело „Гркот Зорба“. А имаме со многу што да се претставиме. И толку нивни нешта да запознаеме.

И конечно како преживувате во овие ограничени услови и време? Имате ли некоја рутина или ритуал што Ве одржува во кондиција, животна и пишувачка?


- Се разбира дека тешко ми паѓаат дискомуникациите. За големата универзална ковид-осама напишав еден расказ кој се вика „Наредното евангелие“. Краток текст за кој моите пријатели велат дека им е парадигматичен за состојбата на неизвесност пред која се исправа човештвото во овие длабоко кризни времиња и опасноста тие закани да продолжат и во кои страда токму - човекувањето. Трауматично ги доживувам високите бројки на починатите од ковид-19. Ме потресуваат вестите за починати на социјалните мрежи. Се повлекувам во својот свет и работам уште повеќе од порано, не допуштам од ковид-19 да ми се инфицира ниту душата. Инаку, деновиве треба да ја примам и втората доза на вакцината против ковид-19 во Србија, која таа привилегија штедро им ја даде на многу наши граѓани. Сакам да ја изразам мојата благодарност за овој единствен гест на безусловен хуманистички алтруизам од една земја што не е евроасоцирана, а во оваа димензија се однесува многу поевропски и од капиталните метрополи на Стариот Континент што тоне во протекционизам и во евроегоизам.

Може ли некоја книжевна препорака од еден сериозно посветен читател за пополнување на празнината што ја остава оваа полуизолација?

- Да читаат повеќе, не само белетристичка литература. Медиумите да ги афирмираат новите наслови и потврдените книжевни творби и творци, на нашите поети и прозаисти, на нашите есеисти и теоретичари. Да престане духот на овој народ да тоне во видеосапуниците на потрошувачкото време и единствено комерцијалните програмски мотиви, што всушност ја троши есенцијалната култура на еден народ, особено на младите генерации. Мојата порака е: пред сѐ, со книги, изолацијата да ја претвораме во културно предимство: со читања и купувања книги да го мотивираме нашиот подмладок од сите генерации, да се интересира за културните, за сознајните, за естетските и за етичките аспекти на животот. Потрошувачката на книги - не на мобилни телефони, смарт-телевизори и хибридни автомобили - е највисока вредност, индикатор и потврда на културното ниво на еден народ денес. Предметите попредметуваат, книгите продуховуваат.

Фото: Приватна архива