На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола десетина млади оратори јавно зборуваа за општествените проблеми, а професорите ги повикаа да не бидат тивки и да заминуваат од државата, туку гласно да зборуваат за она што треба да се менува
Некогаш беа славни ораторите, а денес - инфлуенсерите. Некогаш се користела целата образованост, остроумност, интелигенција за да се создаде говор кој ќе ја покрене масата. Денес, за жал, на социјалните мрежи може да се постигне популарност и со недолични фотографии и некултурно изразување. За современата комуникација на интернет, не е неопходно добро да се познава граматиката, ни да се има којзнае каков речник, да се биде јазичен и говорен лексикон. Во ваков свет на комуникација, младите не се многу заинтересирани да станат говорници. Уметноста да се зборува добро или мајсторството на јавниот говор – ораторството сѐ повеќе е маргинализирано.
Да не се учи за оценки, туку за знаење
Со цел младите да се поттикнат храбро, јавно, културно, елоквентно да зборуваат за актуелните теми, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ ја негува традицијата за ораторство. Годинава по петти пат се одржа натпреварот во ораторство „УКЛО Тривиум“, во организација на Универзитетското студентско собрание. Настапија десет студенти-оратори кои „без влакна на јазикот“ проговорија за проблемите што ги уочуваат во општественото живеење. Меѓу нив беше и Ѓорги Велјаноски од Економскиот факултет во Прилеп, кој во својот говор упати критика за начинот на оценување во македонското образование.
Ѓорги Велјаноски
- Некои ќе речат „ги има прочитано сите книги по микроекономија, ама џабе, нема десетка по вовед во економија“. Акцентот е на тие бројки. Кој е тој што го наметна овој принцип на поистоветување на степенот на способност и разбирање со висината на оценката? Кој е тој што кажа дека студент кој во слободно време е претприемач, има сопствен бизнис и во пракса ги спроведува предметите по претприемништво и маркетинг не може да ги положи со една симболична шестка? Од образованието не треба да произлезат слушатели во еднонасочни говори, туку учесници во дискусии, кои нема да молчат пред неправдата, туку ќе го кренат својот глас за подобро утре и нема да учат зашто тоа е важно за колоквиум, туку ќе учат затоа што се интересираат и сакаат да научат - рече Велјановски.
Македонскиот јазик да се промовира повеќе од школите за странски јазици во земјава, смета Граматковски
Професорката Билјана Граматковски од Педагошкиот факултет во Битола, член на жири-комисијата, рече дека ораторството во последно време е подзаборавено, но има високообразовни институции кои го негуваат.
- Ораторството не е само вештина, туку и уметност и за јавниот настап потребна е голема подготовка, храброст, но и желба и волја да се направи тоа. Во последно време сведоци сме дека младите луѓе се летаргични и незаинтересирани, тоа го вклучува, за жал, и ораторството и го става во една позиција на подзаборавеност, апстрахирање и маргинализирање. За среќа, постојат факултети, како што е Педагошкиот во Битола, кои ја негуваат оваа уметност и како резултат на тоа секоја година се појавуваат нови млади оратори кои се соочуваат со предизвикот на јавен настап и себепретставување пред аудиториум. Мора да бидеме искрени дека тоа не е ни малку едноставно ни лесно, но сепак од година на година тие се сѐ подобри - рече Граматковски.
Проф. Билјана Граматковски (средина)
Според професорката, ораторството треба да се негува во сите степени на образование. И оние факултети што можат и имаат такви наставни програми, да го понудат во своите изборни или задолжителни предмети зашто ораторството не е само вештина, туку и уметност, а да си уметник во ова време, не е мала работа.
Но, за добро да се говори, мора и да се чита, а во Македонија се губи интересот и за читањето.
- Во Финска просекот е 18 прочитани книги годишно по глава на жител, кај нас не е направено истражување, но и доколку се направи, знам дека не сме ни блиску до таа бројка. Најпрво тоа да тргне од родителите, кога децата ги гледаат нив со книга в рака, истото ќе го повторуваат и тие. Потоа, кога би се вложил толку труд во кампањи и промоција на македонскиот јазик како што тоа се прави во училиштата за англиски јазик, кога би се правеле еднаков број натпревари по македонски јазик како што се прават по странските јазици, тогаш ќе можеме да кажеме дека со дигнитет го зачувуваме македонскиот јазик. Ситуацијата, за жал, е обратна и затоа треба сите да се насочиме кон негувањето на нашиот јазик зашто тој не е ништо друго, туку наш идентитет - додаде Граматковски.
Да не шепотите, туку јавно и гласно да зборувате за проблемите, рече Ѓуровски
Проректорот за студентски работи Марјан Ѓуровски ги повика студентите да не бидат само неми набљудувачи на општествените случувања, туку јавно да зборуваат за проблемите.
Марјан Ѓуровски
- Меѓу нив има идни инженери, ветеринари, медицински сестри, правници, но верувам дека преку говорништвото ќе имаме и идни политичари и лидери. Не треба да шепотите, не ни треба тишина, да не ве опфати ова бледило што со децении го опфаќа градот Битола, туку вие треба уште погласно да зборувате. Не преку Еразмус-програмите и другите можности да се иселувате од Битола зашто ако вака продолжи, таа ќе биде град на духови, старци и невработени. Да ја вратиме приказната на конзулскиот град Битола - рече Ѓуровски.
Тој додаде дека веројатно една од причините за кои Битола треба гласно да говори е токму патниот правец од Скопје до Битола, што навистина е ѓаволски тешка работа. Рече дека се сеќава на многу министри за транспорт и врски кои најчесто доаѓаат од Прилеп и Битола, а патната инфраструктура остана лоша.
- Имате Технички факултет, а немате сообраќајна студија за градот Битола и се мачите секој ден по овие улици што ги имате. Да ги потсетувате вашите министри во Владата за враќање на препознатливите белези на Битола како конзулски, универзитетски град, град на културата, гласно да говориме да се врати Копанки на Пелистер. Вие од Битола и ние од Скопје кога имаме загаден воздух, заедно да се најдеме на Пелистер. Да говорите гласно, а не од избори на избори и да ве заборават - порача професорот.
Фото: приватна архива