Како да разговарате со луѓе што шират теории на заговор?

Како да разговарате со луѓе што шират теории на заговор?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога се ограничени на една личност или едно семејство, теориите на заговор немаат моќ. Но со брзото споделување преку социјалните мрежи моќта на теориите на заговор може да создаде хаос. Постојат разни истражувања кои покажуваат дека споделувањето теории на заговор и верувањето во нив се поврзува со предрасуди за ранливи групи, намалена доверба во владините институции итн.

Што точно знаеме за верувањето во теориите на заговор? Темата е комплицирана и верувањето во теориите на заговор не може да се должи само на едноставна параноја. Всушност, постојат докази дека многу теории на заговор не се водени од параноја. Од денешен аспект, теориите на заговор почесто се користат за задржување на моќта и контролата на една религиозна, политичка или расна група над другите.


Фото: Pexels

Истражувачи од Нов Зеланд спровеле повеќе истражувања кои покажале дека теориите на заговор може да се јават во една од две форми. Во првата форма мали групи индивидуалци имаат цел да ја контролираат или манипулираат јавноста. Втората форма е генерален став дека луѓето во општеството се способни да одат далеку за да ја прикријат вистината. Оваа форма изгледа порационална и затоа е потешка да се препознае.

Поддржувањето на теориите на заговор се поврзува со карактеристики како интензивни авторитативни ставови, нарцизам и ниска самодоверба. Сепак, овие фактори се само дескриптивни и не мора да одговараат на сите индивидуалци.

Еден холандски научник неодамна направил модел кој може да објасни зошто луѓето веруваат во теориите на заговор. Според него, главната причина е чувство за егзистенцијална закана, односно чувство за опасност за животот или добросостојбата. Со овие чувства доаѓаат и стравот и анксиозноста. Тогаш може да веруваме во теории на заговор и да ги споделуваме за да си ја објасниме заканата што ја чувствуваме.

Теориите на заговор најчесто даваат едноставно објаснување за комплицирани работи и полесно е да ги прифатиме како објаснување за проблемот. Според овој модел, желбата да се разбере комплицирана закана станува посилна кога има специфична целна група во целата слика. Во примерот со Ковид-19, станува збор за нешто што претставува закана за нашето постоење.


Фото: Pexels

Додека се обидуваме да ги разбереме информациите и новите чувства, бараме едноставно објаснување кое може да го понуди одредена теорија на заговор. Овие напори за разбирање се посилни кога теоријата на заговор се фокусира на членови на религиозна, национална или политичка група која не ни се допаѓа или со која сме имале лошо искуство.

Како да разговарате со некој што споделува теории на заговор?

Еден психолог од „Харвард“ вели дека првиот избор е дали воопшто да разговарате. Сепак, комуникацијата со овие луѓе некогаш е неизбежна. Во тој случај, се препорачува разговор лице в лице, а не на социјалните мрежи. Во стратегиите за успешен разговор се вбројува користењето факти. Во разговорот треба да презентирате потврдени факти без да го осудувате соговорникот. Со фактите треба да му понудите алтернативно објаснување, а може да искористите и основни информации за природата на теориите на заговор и причините за нивното појавување.

Потоа, се препорачува персонализирање на темата. Овој пристап треба да предизвика емоција, а постојат мали докази дека создавањето емоција ги намалува краткорочните предрасуди. На пример, доколку темата е Ковид-19, може да го поставите прашањето: „Дали би му дозволиле на лекар да употреби лек за вашиот партнер кој не е доволно тестиран?“

Конечно, земете ги предвид и алтернативите. Техниката вклучува користење контрафакти со кои личноста би го замислила минатото или сегашноста доколку биле донесени различни одлуки. Како и објаснувањето на теориите на заговор, нема решение за разговарање со лице кое споделува теории на заговор. Некои луѓе почесто ќе веруваат во нив отколку во фактите.

Автор: Роберт Џ. Крејмер
Извор: psychologytoday.com