Кинези развиле супербатерија за е-автомобили
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кинески гигант за производство на батерии за електрични автомобили за „Тесла“ и „Фолксваген“ развил нова моќна батерија што трае речиси 2 милиона километри - што би можело да претставува вистински пресврт во автомобилската индустрија.
Contemporary Amperex Technology Co. Ltd (CATL) е подготвен да произведе батерија што има век на траење од 16 години и 2 милиона километри, истакна Ѕенг Ѓукуен, првиот човек на извршниот одбор на кинескиот гигант.
Сегашните батерии доаѓаат со гаранции кои покриваат околу 240.000 километри и осум години.
- Доколку некој сега направи нарачка, ние сме подготвени за производство - истакна Ѕенг, без да открие дали се потпишани некои договори.
Ѕенг, чија компанија е најголем производител на автомобилски батерии, наведе дека новата енергетска единица чини околу 10 отсто повеќе од батериите што моментално се наоѓаат во возилата.
Продолжувањето на животниот век е еден од клучните напредоци потребни за иднината на електричните автомобили затоа што батеријата би можела да се користи и во друго возило. Тоа значително би го намалило трошокот за поседување електрично возило, што би требало позитивно да влијае врз автоиндустријата.
Како што веќе пренесе специјализираниот портал „Електрек“, „Тесла“ планира да произведе сопствена батерија со траење од речиси 2 милиона километри, но заедно со партнери.
Минатиот месец некои медиуми известија дека „Тесла“ работи со CATL на производство на батерија која ќе трае 2 милиона километри и дека прво ќе ја вградува во возилата „модел 3“, произведени во гигафабриката во Шангај.
Извор и насловна фотографија:
BizLife