Колку може да трае лекувањето од Ковид-19?

Колку може да трае лекувањето од Ковид-19?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Секој случај на заболен пациент од Ковид-19 е различен, но по месеци истражување и собирање податоци експертите имаат генерална слика за траењето на лекувањето од болеста. Досега веќе знаеме дека секој што ќе се зарази нема симптоми. Впрочем, Светската здравствена организација вели дека 80% од заразените пациенти имаат слаби симптоми или воопшто ги немаат.

Но, има пациенти што имаат висока температура или треска, кашлица, болки во мускулите, замор, недостиг на воздух или тешкотии при дишењето или губење на чувство за вкус и мирис. Некои пациенти имаат и главоболка, суво грло, вртоглавици и дијареја. Симптомите може да се појават 2-14 дена по изложеноста на вирусот.


Неодамнешно истражување спроведено во САД покажува дека во просек симптомите се покажуваат по 5-тиот ден од заразувањето. Истражувачите откриле и дека 97% од пациентите добиваат симптоми во период до 11 дена од заразувањето. Кој било од симптомите може да се појави во кој било ден.


Фото: Pixabay

Колку време е потребно за оздравување?

Периодот на оздравување од Ковид-19 зависи од пациентот. Доколку пациентот има слаби симптоми, закрепнувањето може да се очекува во период од две недели, но кај посериозните случаи лекувањето може да трае шест недели или повеќе. Постарите лица и оние со тешки здравствени проблеми може да имаат посериозни компликации од Ковид-19.

Понекогаш коронавирусот останува подолго од очекуваното, а научниците сè уште се обидуваат да разберат зошто се случува тоа кај некои пациенти и колку долго вирусот останува во телото. Ова влијае на периодот во кој пациентот може да го пренесува вирусот, а со тоа и на времетраењето на изолацијата на пациентот. Досегашните истражувања покажуваат дека некои луѓе го задржуваат вирусот во телото подолго од очекуваното.

Едно истражување спроведено во Кина покажува случај на жена што имала слаби симптоми на коронавирус во период од 2 до 3 недели, но имала позитивни тестови за вирусот над 2 месеца.


Фото: Pixabay

Кога може безбедно да излезете надвор по лекувањето?

Најголем ризик од излегувањето во јавност по Ковид-19 е пренесувањето на вирусот на другите. Сепак, доколку се следат препораките, опасноста за ширење на вирусот е минимална. Во повеќето случаи пациентите не го пренесуваат вирусот по 10 дена, но овој период може да биде продолжен во зависност од имунолошкиот систем на пациентот. Затоа пациентите треба да носат маска кога одат во јавност и по лекувањето.

Докторите препорачуваат физичко дистанцирање, носење маска и редовно миење на рацете. Освен тоа, потребна е особена внимателност во комуникацијата со постарите лица и оние со други здравствени проблеми.

Автор: Клер Џилеспи
Извор: health.com