Весна Јаневска по професија е патолог, вработена во Институтот за патологија во Скопје, професорка на Медицинскиот факултет и поранешна пратеничка во Собранието.
Кој Ви беше главниот мотив за прифаќање на функцијата?
Како човек практичар, со долгогодишно искуство, познати предизвици и огромна волја да дадам придонес за развој на државата преку унапредување на овој суштински општествен сегмент, ја прифатив поканата да бидам дел од новата Влада. Верувам во позитивни резултати. Добро почнавме и очекувам така и да продолжиме.
Најавивте модернизација на образованието. Што ќе опфаќа таквиот концепт?
Фронт на сите полиња. Немаме време за етапни промени бидејќи со развојот на образованието толку многу се доцни, што, на пример, според меѓународните тестирања на знаењето на учениците, сме на ранг со земји од третиот свет. Веќе почнавме активно да дејствуваме и во основното и во средното образование, а наскоро започнуваме и во високото. Приоритет е обезбедувањето учебници по предметите што недостигаат. Инфраструктура и дигитализација. Подобрување на статусот на наставниците во општеството и поголема мотивација за работа. Надминување на предизвиците поврзани со инклузивноста на образовниот систем. Во средното образование - развој и проширување на концептот на дуално образование. Повеќе пари за наука и стимулација на иновации и научни трудови...
Ќе го зголемиме буџетот за образование и наука
Што треба да се направи за да се подобри квалитетот и имиџот на државните универзитети и факултети кои не успеваат да се вбројат во подобрите во Европа и светот?
Седум години УКИМ како најстар универзитет во Македонија континуирано паѓа на ранг-листите и сега е некаде на 2.000-тото место. За жал, нема поместување во нагорна линија и тоа е пораз за државата. Ништо не се направи досега, освен што се зборуваше за промени ... Да бидам конкретна, кои се нашите намери? Планираме зголемување на буџетот за образование од 3,4 на 5% од БДП, а тоа значи и повеќе пари за високото образование. Планираме и зголемување на средствата за наука заедно со реалниот сектор на 1% од БДП, имајќи предвид дека сега е нешто над 0,3%. Ќе го издвојам и формирањето на Национално координативно тело за реформи во високото образование, науката и истражувањето и развојот со учество на претставници на универзитетите и научните институции, МАНУ, МОН, бизнис-заедницата и граѓанскиот сектор, раководено од Владата. Мислам дека тука ќе се создаде најдобрата стратегија како да се унапреди работата и атрактивноста на нашите универзитети, кои, секако, мораат и сами да се заложат за подобри резултати. Се разбира, и Законот за високото образование ќе се менува.
Претходната власт многупати најави реконструкција на студентските домови, но не успеа да ја реализира. Што ќе направите за студентските домови и студентите од внатрешноста да не бидат кираџии по приватни станови и за тоа да плаќаат како да студираат во странство?
Ќе ги реновираме студентските домови, секако. Ќе обезбедиме буџет за тоа бидејќи за годинава е буквално опустошен. Претходната влада нешто почнала, тргнала понекоја рамка од прозорците во еден скопски дом и толку. Значи нема ништо од тоа што го ветија уште пред 7 години, иако за истиот период сменија четири министри во овој ресор. Први на листата за реновирање ќе бидат домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“. Прилично се големи и мораме поскоро да ги завршиме за да се вратат студентите во нив и, како што рековте, да не бидат кираџии по приватни објекти. Потоа ќе следуваат и другите, сите ќе ги направиме модерни, енергетски ефикасни.
Во изминатите години се отворија повеќе универзитети и факултети во Македонија. Кој е Вашиот став за тоа, треба ли да ги има толку многу, нудат ли квалитет?
Конкуренција треба да постои затоа што стимулира квалитет. Но, никако не смее да има злоупотреба на институции и насила, поради блиски релации на моќници, да се основаат високообразовни установи кои не исполнуваат никакви услови за извршување на дејноста. Таков беше обидот за основање на факултетот за здравствени науки во Струга. Тоа го спречивме и повеќе не смее да биде практика. Постојат институции кои ги координираат постапките за формирање универзитети и факултети и планираме да ја зајакнеме нивната улога, да им дадеме поддршка во борбата со притисоците.
Приемните испити за факултет беа укинати пред многу години. Дали сметате дека треба да се вратат со оглед на тоа што нема филтер при упис на факултет?
Услов за упис во високо образование кај нас е положена државна матура. Решението не е лошо иако размислуваме да има и дополнително приемни испити. Но, за тоа ќе одлучиме заедно со високообразовните установи, најпрво би сакала да го слушнам и нивното мислење и тоа ќе се случи на средба со интеруниверзитетската конференција во следните денови.
Нема да се укине концептот на спојување предмети, туку ќе се надгради
Што ќе се случува со основното образование, со новиот концепт за спојување на предметите географија и историја? Дали ќе претрпи промени?
Не планираме укинување на концепцијата, туку нејзина надградба. Тоа што било добро, да остане. Тоа што негативно се одразува врз знаењето на учениците, мора да го отстраниме. Најголем дел од наставниците што ги предаваат предметите што сега се споени се единствени во ставот дека е создадена конфузна ситуација и за нив и за учениците. Одземена им е слободата во предавањето и изборот на начините за остварување на целите од наставните програми. Проблем е и начинот на оценување. Имале обуки на кои не добиле одговори на многу прашања. Затоа велам, ќе ги промениме сите аспекти што го кочат воспитно-образовниот процес. Годинава на ред е седмо одделение во кое се спојуваат хемија и физика. А учебници нема, претходното раководство не обезбедило. Логично е да се продолжи со постојните учебници, со некои дополнителни материјали и предавање на предметите одделно. Мислам дека таква ќе биде одлуката што ќе ја донесеме заедно со Бирото за развој на образованието многу скоро.
Кои промени ги планирате во средното образование? Како да станат поатрактивни стручните училишта наспроти гимназиите. Учениците кои се на јазична насока ги тераме да учат физика и хемија, а оние на математичка обратно, сакаме математичарите да бидат писатели.
Фокусот во средното образование ќе биде на стручното. Ќе го надградиме концептот на дуално образование, односно учење преку работа и ќе го прошириме на повеќе училишта, иако и гимназиското веќе одамна е стасано за крупни промени. Но, тие промени ќе следуваат понатаму за време на нашиот мандат. Сакам да информирам дека во подготовка се новите закони за средно и средно стручно образование и тие наскоро ќе одат на владина седница.
Како да ги задржиме младите да студираат на нашите универзитети, да не ни заминуваат во странство?
Скоро во една пригода кажав дека Македонија стана извозник на квалитетен кадар наместо да извезува други стоки од кои би имала корист. Вака има загуби на огромен потенцијал. Причините се јасни – општествените состојби и случувања, несоодветни работни места и ниски плати, лошо образование и така натаму. Ќе се фокусираме на сите овие причини и верувам дека ќе имаме резултати за некоја година. Заедно со универзитетите ќе се договориме за нови студиски програми, редукција на други, модернизација на наставата и многу повеќе учење преку пракса. Мора да им направиме на младите да се чувствуваат убаво и удобно во својот дом.
Стипендираме студенти во странство со обврска да се вратат дома по дипломирањето, но не се враќаат. Како да ги вратиме тука ваквите квалитетни кадри за да придонесуваат за Македонија?
Идејата да се стипендираат македонски граѓани да студираат на најдобрите светски универзитети е добра и давам целосна поддршка за да продолжи. Создаваме човечки капитал кој може многу да придонесе во развојот на државата, но секако не е доволно само да им дадете стипендија на овие студенти. Потоа, ако ги обврзувате да се вратат, морате и да им понудите добро работно место и пристојна плата во својата земја. Во изминатите 7 години власта не им нудела ниту место во државна администрација поради партиски натрупувања, иако верувам дека за голем дел од нив, мислам на дипломираните македонски студенти на врвни факултети, ова не е сонот и не би прифатиле да работат за некоја потпросечна или просечна плата, ниту во администрација. На тие студенти што дипломирале на реномирани универзитети треба да им се овозможи и научна работа, истражувања, но и пристап до компании во кои би можеле максимално да го искористат својот потенцијал и знаење. Така што, за да успее ова, треба да се работи на повеќе аспекти од економска природа - повисоки плати, повеќе можности за етаблирање во бизнис-секторот, повеќе можности за стимулирање и финансирање на лични идеи, иновации и така натаму. Го прифаќаме предизвикот и ќе работиме на негово надминување.
Задолжителното средно образование останува
Со години има проблем со учебниците. Како планирате да го решите?
Ќе фатиме ред, со навремено објавување на постапките за изработка на учебници, за рецензија, а потоа и за нивно печатење по одобрувањето од Национална комисија. Сега ни е најважно да го решиме хаосот со учебници во основното образование. Имаме краток рок, помалку од два месеца и ќе направиме сè што можеме за сите деца, од сите одделенија да имаат од што да учат.
Дали сметате дека треба да се укине средното задолжително образование?
Не, никако. Слушнав дека тоа постоело како идеја до пред некој месец. Не знам зошто била начната и по која логика ако се знае дека најголем дел од невработените евидентирани во Македонија се со низок степен на образование.
Фото: приватна архива