Како може да не плаќаме поголеми сметки за струја?
Поради новата цена, домашните буџети би биле најоптоварени во зима за оние што се греат на електрична енергија
Има ли начин да се промени одлуката на Регулаторната комисија за енергетика - РКЕ за поскапувањето на струјата? Или ако веќе остане зголемената цена од 7,4 проценти, може ли да не ја почувствуваат граѓаните? Најавените повисоки сметки за од септември предизвикаа жестоки реакции кај граѓаните, протести во неколку градови и барање да се поништи оваа одлука. Поради новата цена, домашните буџети би биле најоптоварени во зима за оние што се греат на електрична енергија.
Како може да се намали финансискиот товар од електрична енергија за домаќинствата?
ЕВН, МЕПСО и ЕЛЕМ да ги повлечат барањата за поскапување
Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, вели дека еден од начините за враќање на старата цена на електричната енергија е ако ЕВН, МЕПСО и ЕЛЕМ ги повлечат барањата за поскапување на струјата. Во тој случај, Бислимовски посочува дека и Регулаторната комисија за енергетика ќе ја повлече одлуката за нејзино поскапување.
- Сè е можно ако енергетските компании достават нови барања и се согласат дека ќе работат без добивка, и ако ги прекинат инвестициите. Значи, доколку ЕЛЕМ, односно ЕСМ и МЕПСО кажат дека сакаат да се намали цената на електричната енергија и достават други податоци, тогаш РКЕ во рок од три дена има можност да ги промени своите одлуки - посочува Бислимовски.
Со овие цени што се одобрени, според него, енергетските компании ќе работат само за да ја преживеат годината. Поточно, екстра приходите што ги добивала ЕЛЕМ од продажбата на вишоци годинава ги нема, односно компанијата имала пад од 17 милиони евра.
- Од друга страна, и МЕПСО има помали приходи од транзитирање на струјата, и тоа од околу 11 милион евра. Согласно методологијата на РКЕ, се гарантира и одреден профит за енергетските компании, но сè што е над тој лимит се одзема. На МЕПСО му се одземени 13,25 милиони евра екстра приходи кои ги има остварено, а на ЕВН ХОУМ 4,5 милиони евра. Значи, на ниту еден начин не дозволуваме компаниите да остварат профит надвор од дозволените рамки - посочува Бислимоски.
Од 2019 година, според Бислимовски, РКЕ не определува цена за ЕЛЕМ, односно за ЕСМ и тие сами си определуваат и се јавуваат на тендерот на ЕВН ХОУМ.
- Тоа изнесува 42,24 проценти од вкупните трошоци. Има законска обврска електричната енергија произведена од повластените производители да се откупува и тој трошок се префрлува кај сите други снабдувачи. Тој трошок изнесува 7,19 проценти. Исто така, има и маржа за универзалниот снабдувач кој ќе се утврди врз основа на тендерот што го распиша Владата и таа маржа изнесува 11,5 проценти, и ние мора да ја применуваме. Значи точно на 59,74 проценти не можеме да влијаеме - појаснува Бислимоски.
Друг начин да им се олесни на граѓаните, според него, е ако се намали ДДВ од 18 отсто на 5 отсто, со што вкупниот трошок за струја на домаќинствата ќе изнесува 12 отсто од вкупната сметка.
Фото: Борче Поповски
Намалувањето на ДДВ е втората опција
Александар Дединец, научен соработник во МАНУ по енергетика, веќе изјави дека смета оти еден од начините да се ублажи ова поскапување на струјата е државата да го намали ДДВ-то, а другиот начин е да им се помогне на социјално ранливите категории граѓани.
- Постои и можност тие 100 денари повеќе на сметката за струја граѓаните да ги компензираат ако користат повеќе струја во евтина тарифа. На тој начин можат да го анулираат ова поскапување. Тоа значи да имаат повеќе потрошена електрична енергија во евтина тарифа, која е речиси дупло поевтина од скапата тарифа на потрошена електрична енергија - објасни Дединец за Факултети.мк.
Според него, граѓаните мора да се навикнат дека и во иднина ќе има осцилации на цената на струјата, односно некоја година ќе имаат покачување на цената, некоја намалување, зашто сега има слободен пазар.
- Ако сега цената е зголемена за 7,4 отсто и ако компаниите работат подобро отколку што планирале, тогаш следната година може да се намали цената на електричната енергија. Цената на електричната енергија се менува согласно условите на пазарот за електрична енергија и се одвива во пазарни услови, слично како што е ситуацијата на пазарите за нафта - посочува нашиот соговорник.
И тој тврди дека плаќаме една од најниските цени за струја по апсолутна вредност, но мора да се има предвид дека е потребно да се гарантира стабилност на системот, како и да се зголемат инвестициите во овој сектор, особено во нови капацитети за производство на електрична енергија, имајќи ги предвид ограничените ресурси (јаглен).
Според новиот Законот за енергетика, со кој целосно се либерализира пазарот на електрична енергија, начинот на кој се формира цената на електрична енергија сега е поинаков од тој пред три години кога во потполност цената ја регулираше РКЕ, односно сега Универзалниот снабдувач (ЕВН Хоме) ја купува електричната енергија за своите потрошувачи на слободниот пазар по најниска цена од понудените.