Лукашенко останува на врвот на листата со европски лидери што се најдолго на власт
Листата со лидери што се на власт повеќе од десет години, без разлика дали тоа владеење е континуирано или испрекинато, не е баш кратка. Можеби првиот што ќе ни падне на памет е претседателот на Русија, Владимир Путин. Тој е на власт 21 година, било како премиер било како претседател. Иако можеби овој период ќе ви изгледа долг, сепак, има политичари во светот што многу подолго се на власт. Но, на европско ниво неоспорен лидер е човекот чиј реизбор од вчера предизвикува немири во неговата земја - претседателот на Белорусија,
Александар Лукашенко. Тој е на власт 26 години, а вчера доби и нов мандат.
По објавувањето на резултатите од вчерашните претседателски избори, илјадници граѓани на Белорусија излегоа на улиците низ земјата. Едно лице загина откако било удрено од полициски автомобил, а десетици се повредени во судирите меѓу полицијата и демонстрантите, истакнаа од групата за човекови права „Пролет 96“.
Според прелиминарните информации, Лукашенко освоил 80,23 отсто од гласовите, соопштија од белоруската Централна изборна комисија. На второто место по освоени гласови е неговата главна противкандидатка Светлана Тихановскаја, за која гласале 9,9 отсто од избирачите, што наспроти процентот на Лукашенко се чини како незначителен дел од колачот. Останатите тројца кандидати освоиле помалку од 2 отсто од гласовите. Истовремено, 6,02 отсто од граѓаните гласале против сите кандидати.
Демонстрантите што излегоа на улиците на белоруската престолнина Минск извикуваа „Победа“, ракоплескаа и свиреа со автомобилите во знак на солидарност со опозицијата.
Лукашенко е на власт од 1994 година, но во последно време се соочува со критики поради пристапот кон пандемијата на Ковид-19, состојбата со економијата и кршењето на човековите права.
Тихановскаја влезе во изборната трка откако нејзиниот сопруг, антивладин блогер кој имаше намера да се кандидира за претседател, заврши в затвор. Нејзините собири привлекоа најмногу луѓе од падот на СССР. Тихановскаја не сакаше да го прифати поразот. Откако во Минск и во други градови избија демонстрации, Тихановскаја повика на мир и ги замоли безбедносните сили да се воздржат од насилство.
Активистите за човекови права истакнуваат дека во пресрет на изборите биле приведени повеќе од 1.300 лица, вклучително и независни изборни набљудувачи и членови на тимот на Тихановскаја.
Во однос на останатите европски лидери што долги години се на власт, без разлика дали континуирано или испрекинато, можеме да го издвоиме и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој е на власт од 2003 година, односно 17 години, како премиер, а потоа и како претседател. Три години помалку, односно 14 години, Ангела Меркел е канцеларка на Германија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан исто така е на власт 14 години, а на листата се споменуваат и чешкиот претседател Милош Земан (11 години), косовскиот претседател Хашим Тачи (11 години) итн. Треба да се напомене дека не секогаш лицата наведени на листата се најмоќните фигури во владите во нивните земји и дека не се сите исто прифатени, односно не значи дека против сите нив имало протести како што има против Лукашенко.
Извори:
Wikipedia,
Al Jazeera,
Blic
Насловна фотографија: Wikipedia