Мерките со кои Нов Зеланд веќе 100 дена го спречува ширењето на коронавирусот

Мерките со кои Нов Зеланд веќе 100 дена го спречува ширењето на коронавирусот

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во Нов Зеланд последните 100 дена немало пренесување на коронавирусот меѓу жителите.

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, донесе строги правила за ограничување на движењето на островот во март, па последниот случај на пренесување на коронавирусот во земјата бил забележан на 1 мај. Тоа се само 63 дена откако државата со 5 милиони жители го потврди првиот заразен случај, на 28 февруари.

Во Нов Зеланд досега има 1.219 заразени случаи и 22 смртни случаи од почетокот на пандемијата. Бројот е значително помал во споредба со другите земји. Во целиот свет има над 19,2 милиони случаи и досега од коронавирусот починале најмалку 719.800 луѓе.


Фото: Џасинда Ардерн/Wikipedia

Многумина ја пофалија Ардерн за тоа како се справи со пандемијата, со брзо воведување строги мерки со цел да се елиминира вирусот. Се смета дека овие мерки, кои вклучуваат контрола на границите, ограничено движење и следење на заразените случаи, се причина за успехот на Нов Зеланд.

Ардерн ја воведе „најстрогата гранична контрола во светот“ во средината на март - задолжителна изолација за сите странци што пристигнуваат на островот. Во тоа време во земјата имаше само 6 заразени случаи. На 20 март Ардерн ги затвори границите, првпат во историјата на Нов Зеланд.

Границите на Нов Зеланд сè уште се затворени. Само жители на Нов Зеланд, граѓани со дозвола за постојан престој и нивните семејства може да влезат во земјата.


Фото: Freepik

Ардерн прогласи вонредна состојба во земјата на 25 март. Нареди затворање на сите компании чија дејност не е суштинска, како и на образовните установи. Жителите останаа дома четири недели.

Во овој период Ардерн зборувала дека со тие мерки се спасуваат животи. На 9 април таа открила дека модел направен од економистот Родни Џоунс покажувал дека Нов Зеланд е на слична траекторија како Италија и Шпанија и дека оние 205 случаи потврдени во земјата до 25 март можеле да надминат 10.000 доколку не биле преземени мерки.

Кон крајот на април и во мај бројот на заразени лица на островот почнал да се намалува. Според Ардерн, елиминирањето на коронавирусот не значи нула заразени случаи, туку значи нула толеранција за случаите, односно кога ќе се појави нов случај, се прават тестови на контактите и се практикува изолација, а тоа се повторува со секој случај.


Фото: Freepik

Постојаното следење на случаите ѝ помогнало на државата да го спречи ширењето на коронавирусот помеѓу жителите. На 8 јуни немало ниту еден активен случај на коронавирус во земјата. Нов Зеланд потоа потврди неколку случаи на заразени лица што се вратиле во земјата по патување надвор, но немало ширење на коронавирусот помеѓу жителите. На 7 август имало 23 активни случаи на коронавирус, а сите биле жители што се вратиле од странство.

Сепак, експертите во Нов Зеланд очекуваат враќање на коронавирусот помеѓу жителите, односно негово ширење во границите на земјата во иднина. Епидемиологот Дејвид Скег изјавил дека вирусот ќе биде присутен долго време, иако не очекува негово повторно ширење помеѓу жителите наскоро. Според него, коронавирусот веројатно ќе биде помеѓу нас со години.

- За жал, светот е различно место и речиси е неизбежно со можностите за човечка грешка порано или подоцна да имаме влегување на вирусот во Нов Зеланд - изјавил тој.

Автор. Зои Зачек
Извор: dailymail.co.uk