Развојот е невозможен без посветеноста и креативноста на агрономите, вели проф. д-р Гордана Попсимонова од Факултетот за земјоделски науки и храна
Морам да признаам дека изборот на идниот животен повик ме направи малку несигурна зашто морав да се соочувам со нескриената разочараност на голем дел од пријателите и наставниците кога ќе им кажев на кој факултет сум се запишала, кои велеа: „Ти можеше да студираш што сакаш, зошто баш на Земјоделски?“. Тоа за мене беше дополнителен предизвик. За жал, перцепцијата за оваа наука е сè уште иста - неоправдано потценувачка. Сосема неоправдано, вели професорката
Проф. д-р Гордана Попсимонова е редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Вљубена во својата професија, во оваа животна наука која е основата на човештвото, професорката Попсимонова во ова интервју за Факултети.мк зборува за студиите на овој факултет, за изборот на професијата, како и за студиските програми.
Колку денес професијата инженер-агроном е предизвик за младите?
Сметам дека оваа професија не е доволно афирмирана кај младите. И не само кај младите. За тоа во голем дел сме виновни и ние – земјоделските инженери. Tокму затоа ќе проговорам за моите почетоци - како мене „ми се случи“ да ја изберам оваа професија. Како дете, бев фасцинирана од првите зачекорувања на човештвото кон бескрајот на вселената и сонував да станам астронаут, претпоставувам како и сите деца од мојата генерација. При крајот на гимназиските денови, како се наближуваше моментот да изберам каде ќе го продолжам моето понатамошно образование, се фокусирав на три опции: психологија, право или новинарство. Може да забележите, во ниту една комбинација, концепција или проекција не ми паѓаа на памет природните науки. Најмалку, пак, земјоделски науки. Заради некои судбински премрежија кои се случија баш во тој период, бев доведена во ситуација да изберам професија за која ќе има гарантирано вработување. Според статистиките на тогашниот Завод за вработување, единствена таква професија беше (погодувате) – земјоделски инженер - агроном. Земјоделско- индустриските комбинати ги апсорбираа на годишно ниво сите дипломирани студенти. За разлика од купот невработени лекари, правници, архитекти, немаше ниту еден невработен агроном. И така падна одлуката. Се запишав на градинаро-цвеќарската насока при Земјоделскиот факултет во состав на единствениот во тоа време Универзитет во државата, „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. И морам да признаам дека изборот на идниот животен повик ме направи малку несигурна зашто морав да се соочувам со нескриената разочараност на голем дел од пријателите и наставниците кога ќе им кажев на кој факултет сум се запишала, кои велеа: „Ти можеше да студираш што сакаш, зошто баш на Земјоделски?“. Тоа за мене беше дополнителен предизвик. За жал, перцепцијата за оваа наука е сè уште иста - неоправдано потценувачка. Сосема неоправдано.
Која е перцепцијата за земјоделските науки денес? Дали повторно би го направиле истиот избор?
Некој мудар човек кажал – Не работи го тоа што го сакаш, туку засакај го тоа што го работиш. Не само што ги засакав земјоделските науки, туку решив да одам понатаму – да магистрирам, и да докторирам. Ме понесе совршенството на растителниот свет и потенцијалите за креативност, добив желба не само да создавам, туку и да го споделам со новите генерации студенти она што го бев научила. И еве ме, по триесет и кусур години проодени по топла, мека почва, по многу изгрејсонца дочекани на нива или во оранжерија, по многу километри по различни континенти и создадени колегијални мостови од тука до бескрајот - уште учам. И секојдневно се вљубувам во оваа животна наука зашто таа е една од најфасцинантните и најпродуктивните области за работа. Во некои категоризации земјоделските науки, заедно со ветерината, се вбројуваат буквално во Life sciences (науки за животот). Впрочем, ако ги споредиме молекулата на хлорофилот со онаа на хемоглобинот, раликата е само во централната позиција. Кај хлорофилот тоа е магнезиумот. Кај хемоглобинот, на истото место, наместо магнезиум има железо. И тука, за да не бидам погрешно сфатена, ќе сопрам со елаборација на останатите сличности помеѓу најинтелигентниот вид на планетава и растенијата. Да потсетам - зборот инженер е изведен од латинските зборови ingeniare ("да креира, осмислува") и ingenium ("умешност"). Земјоделските инженери содаваат нови видови како и системи на одгледување на култури кои служат за исхрана на светската популација која расте со геометарска прогресија. За разлика од природните ресурси, кои стануваат сè пооскудни, климатските услови се сè понепредвидливи. Се предвидува дека во 2050 година, светската популација ќе брои околу 10 милијарди, односно 3 милијарди повеќе од онаа во 2010 година. За да се прехрани таа популација ќе бидат неопходни повеќе од двојно калории од растително потекло во однос на оние од 2010, односно двојно зголемено производство, ќе треба да се обезбедат дополнителни 590 милиони хектари обработлива површина на кои ќе се одгледуваат горенаведените култури (двапати колку територијата на Индија) и притоа, ќе треба да се најде начин како да се редуцираат 11 гигатони стакленички гасови што ќе се ослободат при производството на овие земјоделски култури – за да се задржи глобалното загревање под 2 степени Целзиусови. За да ја решат оваа комплицирана равенка, земјоделските инженери, агрономите треба одлично да ги познаваат растенијата и нивните потреби. А за тоа навистина е потребно и знаење и умеење и голема издржливост за справување со предизвиците. И да – секако дека би го избрала истиот факултет.
Проф. д-р Гордана Попсимонова
Кажете ни повеќе за студиските програми на прв циклус студии на Факултетот за земјоделски науки и храна
ФЗНХ располага со 9 акредитирани
студиски програми на прв циклус додипломски студии, секоја специфична според структурата на предметите кои се изучуваат, но сите подеднакво значајни во согласност со потребите на пазарот на трудот. Дипломата стекната на ФЗНХ е меѓународно призната. За студентите на ФЗНХ држам настава на неколку предмети на различни студиски програми, но ќе дадам осврт на х
ортикултурата како дисциплина на земјоделските науки во која спаѓаат: градинарството, овоштарството, лозараството (само трепезното грозје) и цвеќарството. Заедничко за овие четири области е што, пред сè, даваат производи кои се пласираат во свежа состојба. Некој може да тврди дека човештвото би можело комотно да преживее без овие земјоделски производи, но сведоци сме дека во некои земји сè уште се сметаат за луксуз, а цената на органското производство е релативно повисока и истите се достапни само за економски побогатите земји. Затоа наша основна цел е едукација на младите и подигнување на свеста на населението за важноста на земјоделството за нашата економија преку обезбедување сопствени земјоделски производи и нивни преработки.
Градинарството е важна земјоделска гранка во нашата држава. Дали ги следиме светските трендови?
Градинарството остварува најголем дел од бруто вредноста на земјоделското производство на годишно ниво, со околу 27 милијарди денари или 35 отсто од вкупната вредност. Имало и подобри времиња, има простор за зголемување на обемот на производство и што е позначајно, подигање на животниот стандард на градинарите. Во однос на науката и истражувањето, единствени сме во регионот со број на наставници во високото образование кои се занимаваат специфично со градинраство. И тука има простор и потреба за вработување на млад научен кадар. Специфично за градинарството е што на релативно мал простор можат да се добијат високи приноси и уште повисоки финансиски ефекти. Така на пример, Холандија која по површина е еднаква со нашата земја – е втор извозник на зеленчук во светот, веднаш по САД. Секако, станува збор за скапо, најчесто оранжериско производство, скапи хибриди кои чинат колку килограм злато и, последователно, скап краен производ на вашата трпеза. И ништо од резултатите добиени од високоразвиеното оранжериско производство на зеленчук не би било возможно без истражување и развој. Без посветеноста и креативноста на агрономите. Со почит и искрена благодарност кон мајката природа, мора да се знае дека веќе одамна е надмината фазата на пасивно собирање на нејзините плодови. Науката е отидена до таму што е создадена соодведна алтернатива за секој од неопходните природни услови во кои се одгледува дадена култура, почнувајќи од почвата – како механичка потпора и извор на вода и хранливи материи, сè до топлина и светлина. Накратко, во светот веќе постојат т.н. фабрики за растенија (Plant factories) кои функционираат како сосема независни, автономни производни системи. Ги следиме тие истражувања и сите се применливи во наши услови. Салатата на пример, како една од најодгледуваните култури, заради кратка вегетација е многу благородна за изведување различни опити. Присутна е и во вселенските истражувања. Еден мој драг колега од нашиот тогашен Земјоделски факултет кој продолжи со образованието во САД, пред дваесеттина години ми испрати фотографија од вселенско летало каде што го испитуваа геотропизмот на салатките во бестежинска состојба на лансирната рампа Кејп Кеневерал. Си реков тогаш – можеби и не сум избегала многу од мојот иницијален детски сон. И среќна сум што го направив вистинскиот избор. Направете го и вие, со избор на едан од студиските програми на
Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Заедно ќе го споделиме сонот и јавето. Нема поблагородна и поблагодарна професија.